Можеби се наѕира крајот на пандемијата, можеби оваа состојба сè уште ќе потрае, но едно нешто е сигурно: последиците кои таа ги остава врз младите и маргинализираните граѓани е предизвик со кој допрва ќе се соочуваме како општество.
Разликите помеѓу младите кои имаат попречености и младите кои вообичаено не се соочуваат со предизвици, станаа уште подлабоки. Како на сите категории граѓани, така и на младите кои припаѓаат и на ранливите категории граѓани, КОВИД-19 кризата им предизвикуа особени проблеми во областите на образованието, вработеноста, заштита на физичкото и менталното здравје, како и можностите за волонтирање и придонес кон заедницата.
Видете и ова: Европските вредности и Генерацијата ЗЕТМладите, уште пред пандемијата, имаа сериозно ниска доверба во работата на институциите, не веруваа дека тие се грижат за нивните потреби и проблеми и се обесхрабрени да направат промена затоа што не сметаат дека некој ќе ги слушне нивните барања. За состојбата да биде уште посериозна, во текот на кризата, младите беа една од последните категории кои добија специјално креирани мерки, кои само делумно одговорија на нивните моментални предизвици.
Покрај новите проблеми кои се појавија на површина, како состојбата со менталното здравје која се влошуваше со изолациите, зголемувањето на младинската невработеност, и намалениот квалитет во образовните процеси, останаа да тлеат незагарантираното младинско учество и невклученоста на младите со попречености и младите во руралните средини.
Граѓанските, младинските и организациите за млади вршеа притисок за имплементација на Законот за младинско учество и младински политики и излегоа со низа препораки за превенирање на последиците врз младите и поголема грижа за младите со попречености и оние кои доаѓаат од руралните средини. Помеѓу позитивните чекори за унапредување на младинската состојба беа почетната фаза од имплементација на овој закон, како и мерките за неколкукратна финансиска помош на младите.
Видете и ова: КОВИД-19 и општествените пукнатиниСега кога можеби го гледаме крајот на пандемијата, се поблиску сме до заклучокот дека младите се повеќе или помалку оставени сами на себе без системски пристап за нивна поддршка без едукативна кампања за заштита од пандемијата и без посебни мерки за маргинализираните млади.
Ова е можеби една од последните прилики државата да ја придобие довербата на младите, системски да се погрижи за нив и нивните предизвици, да им обезбеди поддршка во областите во кои се најзагрозени и конечно да ги стави во фокус младите со попреченост и младите од руралните средини преку креирање на инклузивни мерки и политики. Младите како и многупати до сега ќе најдат излез од кризата во која се наоѓаат, но доколку државата не стане нивна поддршка, иднината на нашето општество ќе биде поголем предизвик од било кога.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.