Членките на ЕУ се договорија за „ковид пасошот“

Илустрација - „Имунизацискиот пасош“ на мобилен телефон

Граѓаните на Европската унија можат да почнат да се пакуваат за летен одмор во 27 земји од блокот, без да се грижат за карантин, пренесува АП. Пратениците на ЕУ и земјите-членки синоќа најдоа компромис за издавање на сертификатот КОВИД-19 пред сезоната на летни одмори. Официјални лица изјавија дека системот треба да почне да работи до 1 јули.

„Овој договор е првиот чекор за враќање на Шенген зоната на вистинскиот пат. Кошмарот на летото 2020 нема да се повтори“, рече известувачот на Европскиот парламент, Хуан Фернандо Лопез Агилар.

Европската комисија наведува дека сертификатите ќе бидат издадени во дигитален формат и ќе бидат дизајнирани така што ќе можат да бидат прикажани на паметни телефони или на хартија. Тие гарантираат дека „ќе се обезбеди многу високо ниво на заштита на податоците“.

Видете и ова: Kовид-пасоши во најава, интересот за вакцинација расте


Кога планот за сертификација беше предложен во март, беше наведено дека документите ќе им бидат дадени на жителите на ЕУ кои можат да докажат дека биле вакцинирани, како и на оние кои имаат негативен тест или доказ дека се опоравиле од КОВИД-19 .

Што се однесува до дополнителните услови за патување што можат да ги воведат членките на ЕУ, 27-те држави се согласија „да се воздржат“ од наметнување дополнителни ограничувања „доколку не е потребно и пропорционално со заштитата на јавното здравје“.