Работничките протести скромни, барањата гласни

Членови на Сојузот на синдикати на Македонија се собраа денеска пред зградата на ССМ во центарот на Скопје облечени во црвени маички за да го одбележат 1 Мај.

Меѓународниот ден на трудот, 1-Ви Мај, вторпат се одбележува во услови на пандемија, па поради тоа изостанаа традиционалните првомајски протести. Но синдикатите и групите кои се занимаваат со заштита на работничките права упатија апели да се почитуваат правата на работниците, нотирајќи дека корона-кризата ги извади на површина проблемите со кои се соочуваат тие

Неисплатени или намалени плати, притисок врз работниците да потпишуваат спогодби за престанок на работниот однос, злоупотреба на државната помош за исплата на плати и непочитување на Законот за безбедност и здравје при работа, се дел од прекршувањата на работничките права кои беа нотирани денеска на одележувањето на Меѓународниот ден на трудот.

Членови на Сојузот на синдикати на Македонија се собраа денеска пред зградата на ССМ во центарот на Скопје облечени во црвени маички за да го обележат 1 Мај.

„Денеска се обоивме во црвена боја по повод најголемиот празник на работниците во името на солидарноста, како црвена линија, како црвен картон, како стоп за кршење на работничките права“, соопштија од ССМ.

Од Сојузот на синдикати велат дека празникот го одбележуваат загрижени за своето и здравјето на своите семејствата и во услови кога голем дел од членовите имаат намалени плати, добиле откази од работа и се загрижени за својата егзистенција.

„Бараме донесување на нов Закон за работни односи со европски стандарди кој ќе содржи договорите за вработување на определено време да се најмногу до една година, а истите автоматски да се трансформираат во договори на вработување на неопределено време по изминување на таа една година. Второ, породилно отсуство од 12 месеци. Трето, ковид -19 да биде професионално заболување платено со стопостотен надоместок по примерот на Синдикатот за здравство и Македонскиот полициски синдикат кои се здружени во ССМ“, рече претседателот на Сојуз на синдикатите на Македонија, Дарко Димовски.

Од почетокот на здравствената криза, правната служба на ССМ по пат на совети, изготвени правни мислења, толкувања, приговори, тужби и директно постапување пред надлежните органи, обезбеди заштита на работничките права во компании кои вработуваат над 80.000 вработени, наведува ССМ.

Видете и ова: Долга работна недела, ниска продуктивност и мали плати


Над 40 проценти од обраќањата на работниците кои минатата година побарале правна помош од ССМ се за неосновано намалени и неисплатени плати, додатоци на плата и регрес за годишен одмор, а исто толкав е и процентот на обраќања за отказ од работа.

КСС јавно ги искажа барањата пред Влада

Со паролите „Да живее 1 мај“ и „Правда за работничките права“, раководството на Конфедерација на слободни синдикати на Македонија (КСС) денеска пред Владата јавно ги искажа своите барања и незадоволства во однос на работничките права. И од КСС изразија огромна загриженост за лошата економска и социјална положба на работниците, особено во време на пандемија.

Претседателот на КСС Благоја Ралповски, вели дека кризата уште еднаш ја покажа вредноста на работниците за нормално функционирање на општеството, особено во време на пандемија.

„Првото барање е итно да се утврди репрезентативноста на најголемата синдикална организација на национално ниво во јавниот сектор, а тоа е КСС. Второ, усогласување на платите по вертикала во согласност со покачувањата на минималната плата“, рече Ралповски.

Третото барање на КСС е исплата на К-15 за сите работници и во приватниот и во јавниот сектор. Четврто барање е итно формирање на солидарен фонд со кој ќе се обесштетат сите работници кои го изгубија своето работно место по кој било основ за време на пандемија. Петтото барање на КСС е безусловно почитување на Уставот, законите и колективните договори. Шесто, да престане политичкиот притисок врз институциите кои ги спроведуваат или контролираат законите од областа на трудовото право. Седмото и последно барање е исплата сто отсто плата за оние кои се заразени со ковид-19 на работно место или се во самоизолација и признавање за професионално заболување на ковид-19 за сите работници во Македонија.

Членови на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) го одбележаа Меѓународниот ден на трудот 1 Мај пред владата во Скопје

Нов Закон за работни односи што ќе ги рефлектира потребите на работниците

Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС), Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ), Независен академски синдикат (НАкС), Левичарско движење „Солидарност“, Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“ и Хелсиншки комитет за човекови права испратија заеднички првомајски проглас. Во него, меѓудругото, се наведува дека најголемиот товар на кризата предизвикана од ковид-19, падна на грбот на сиромашните, додека богатите продолжија да се богатат од трудот и маката на работничките и работниците.

Во прогласот наведуваат дека бараат итно носење на новиот Закон за работните односи што ќе ги рефлектира потребите на работниците, бараат покачување на минималната плата, потоа болеста предизвикана од ковид-19 да се предвиди како „повреда на работа“ за сите работници. Потоа бараат паричен надоместок за невработени да можат да користат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината, за да се заштитат работниците кои останаа без работа на овој начин во кризата. Бараат и државата помош да им исплаќа директно на работниците, а не како досега на сметки на работодавачите. А фирмите кои ја злоупотребиле помошта да добијат забрана за делување.


Кршењето на работничките права и незадоволството од владините мерки во изминатито период ги извади работниците на улица. Протестираа угостителите, туристичките работници, вработените во индустријата за организирање настани, музичари, транспортери, земјоделци, сметководители, работнички на породилно отсуство, Конфедерацијата на слободни синдикати на протест пред десетина дека и порача на власта – Доста е!

Видете и ова: Ќе има ли седми пакет мерки, за помош на текстилците?

И политичарите со свои видувања за работничките права

Премиерот Зоран Заев вели дека на прво место на економските приоритети на Владата, уште од почетокот на пандемијата е македонскиот работник. Обезбедивме поддршка за да се зачуваат илјадници работни места, за илјадници вредни работници редовно да земаат плати и да однесат приход во своето семејство, наведува премиерот Зоран Заев во видео обраќање со кое го честита Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај.

И лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски им го честита празникот на работниците, забележувајќи дека „оваа година работникот и неговиот трудот како никогаш до сега е девалвиран и потценет“.

„Време е тоа да се промени. Време е поразите и неуспесите да се заменат со чесна работа, посветеност и стратегија која ќе донесе добробит, подобар стандард и вреднуван труд“ напиша во честитката лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.


Меѓународниот ден на трудот се одбележува на 1 Мај во знак на почит кон жртвите на штрајкот што во 1886 година се одржа во Чикаго на кој се бараше осумчасовен работно време. Во знак на почит кон жртвите, во 1889 година на основачкиот конгрес на Втората интернационала е донесена Декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации со цел да се подобри нивната положба.
Оттогаш во повеќето држави низ светот се одржуваат протестни маршеви. Во земјава, 1 Мај е прогласен за неработен ден согласно Законот за празници.