„Кога се во прашање младите треба да се надминат сите идеолошки и партиски интереси“

Илустрација - Членови на Сојуз на средношколци

Младите пратеници, кои се членови на Клубот за младински прашања и политики, на дискусија „Клуб на млади или клуб за млади? Каде треба да биде фокусот?“ апелираа до младите да ги споделуваат своите проблеми и да нудат решенија.

„Имплементацијата на Законот за млади е важна работа. Граѓанскиот сектор направи притисок и остави вакум простор за да институциите си ја завршат работата, а ние нема да се откажеме од 2ипол – три годишната работа за изработка на Законот“, истакна Бојан Петровски, претседател на Националниот младински совет на денешната дискусија „Клуб на млади или клуб за млади? Каде треба да биде фокусот?“, организирана од Фондацијата Конрад Аденауер, заедно со собранискиот Клуб за младински прашања и политики.

Присутните заклучија дека Клубот за млади треба да врши притисок за имплементација на Законот за младинско учество и младински политики, но и составување на нови предлог закони за младински политики.

„Самите политики не треба да се фокусираат на ограничувањата на самата партија туку да се размислува на младите генерации. Понекогаш дебатите нема да бидат лесни, но на крајот од денот значајно е да имате добри решенија“, истакна Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер во своето почетно обраќање.

Онлајн дискусија „Клуб на млади или клуб за млади? Каде треба да биде фокусот?“

Координаторот на Клубот за млади, Јован Јаулески, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ ги истакна неодамнешните активности, како медијаторството меѓу Сојузот на средношколци и Министерството за образование за прашањето за државна матура, како и конференција за менталното здравје на младите во време на пандемија, чии заклучоци ги доставиле до институциите.

Клубот беше формиран во 2017 година со поддршка на Весминстер фондацијата за демократија и Националниот демократски институт со цел пратениците да го зголемат присуството на младинските прашања и да го поттикнат младинското учество преку Собранието, низ дијалог и соработка.

Присутните се фокусираа и на Законот за млади, кој има за цел да ги вклучи младите во процесот на донесување на одлуки.

„Младите да доставуваат предлози за што навистина им треба. Не треба ние да им даваме памет, туку тие преку нас да го иницираат тоа што им е потребно. Кога се во прашање младите треба да се надминат сите идеолошки и партиски интереси. Има области каде може да промовираме идеологија, но за младите треба да бидеме сплотени, но во одреден дел преовладуваат партиски интереси“, истакна Моника Зајкова, пратеничка од Либерално демократската партија.

Видете и ова: Со години политики за младите, без младите

Дискутирајќи за слабата доверба на младите кон институциите и Собранието, Петровски истакна дека „довербата се гради со професионализам и почитување на законите“.

Зајкова пак ги повика младите пратеници да работат повеќе за младите и младинските политики.

„Ние младинските пратеници имаме одлична комуникација, но во делот на младинските политки можеме многу подобро да го правиме тоа“, рече Зајкова.

Говорниците се согласија дека пандемијата, освен што е тежок период за целото општество, особено негативно влијае на младите.

„Младите ќе ги носат на грб најголемите последици од пандемијата“, истакна Артина Ќезими, пратеничка од Алијанса на Албанците, која ги повика лидерите да бидат поодговорни во споредба со стандардите за одговорност од претходно.

На дискусијата присуствува и Сафије Садики Шаини, пратеничка од Алтернатива, Фиснике Бектеши Шаќири пратеничка од ДУИ, Тимчо Муцунски, пратеник од ВМРО – ДПМНЕ. На крај од дискусијата, панелистите апелираа до младите да доставуваат своите предлози и да ги споделуваат проблемите со пратениците, пред се со Клубот за младински прашања и политики.