Села – Некој не зел плата два месеци, но граѓаните без државјанство не зеле 30 години

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Села – Се плашиме дека пописот целосно ќе се откаже

Овие луѓе за кои јас зборувам 30 години не земаат никаква плата, немаат право ни да конкурираат за работа, немаат право на здравствено осигурување, немаат право на постела за да умрат достоинствено во болниците, вели лидерот на Алијансата за Албанците, Зиадин Села.

Господине Села, неодамна прележавте коронавирус и сега сте имунизирани, но ако вакцините станат достапни би се вакцинирале ли и која вакцина ја преферирате?

Да, ќе се вакцинирам и би ја земал секоја вакцина која ќе биде на располагање или секоја вакцина која ќе ја земе секој граѓанин во Република Северна Македонија.

Ве прашувам и како опозиционер и како лекар – Како власта се справува со пандемијата?

Самите цифри што ги гледаме и каде е рангирана нашата држава во светски рамки по смртност, по број на инфицирани по глава на жител покажува дека власта не се справува како што треба. А ако се додаде и вакцинацијата, ние сме последни во регионот, а можеби и во светски рамки, како држава која многу подоцна почна со вакцинирање. И тоа се случува како феномен, ако имате предвид кои се политиките на овие компании кои прават вакцини, тие не дозволуваат ниту држава со држава да си даваат вакцини, сакајќи да спречат да се тера бизнис со здравјето на граѓаните во светски размери. Самиот факт што тука кај нас немаме министри, премиери кои се носители на здравствени функции, туку имаме бизнисмени кои си тераат бизнис и скандалот со враќање на парите од страна на кинеската влада покажува, тука го имате одговорот, зошто ние не успеаваме да земеме вакцини. Во очите на овие компании кои произведуваат вакцини ние сме држава која сака да прави бизнис со вакцинацијата, а не се заинтересирани да прават имунизирање и да го зачуваат здравјето на граѓаните.

Бевте против одложување на пописот. Можно ли беше да се спроведе таа операција со над илјада новозаразени дневно и со над десетици починати секој ден?

Ние имаме интервју денеска и многу добро се разбираме и оддалечени сме два метри. Истото ќе се случи и со пописот. И плус нема да се држи во затворена просторија, туку на отворено. Кажете ми вие мене кој е ризикот. Пред да се донесе датум за почеток на пописот ние предлагаме пописот да се одржи некаде за време на летниот период, претпоставувајќи дека дотогаш ќе се имунизира населението. Ама тоа не е баш причина, дека заради коронавирусот треба да се одложи пописот, бидејќи се плашиме дека нема само да се одложи, туку и ќе се прекине. Во ова држава пред 10 години се прекина пописот. За жал, тоа е познато правило, ако нешто се случува само по првпат може никогаш да не се повтори, но ако се случува по вторпат, ќе се случува секогаш.

Го блокирате петтиот сет на мерки за помош на граѓаните и стопанството во ковид-кризата условувајќи го со Законот за државјанство. Не може ли тоа да почека со оглед на тоа што луѓе со месеци немаат земено плата?

Ама не е вистина, тоа е голема лага. Не го блокираме, ние сме поднеле амандмани, но која е матичната комисија која дебатира околу оваа работа, бидејќи дојде време еве да ја кажам вистината за оваа тема. Тоа е Комисијата за финансирање и буџет, а таму, исто како и во Комисијата за европски прашања, можеш да имаш и 100 илјади амандмани, дебатата во оваа комисија трае три дена. Кажете ми колку денови и недели се дебатира оваа работа дека ние сме го блокирале петтиот сет на економски мерки кој треба да им помогне на граѓаните. Цел месец се кажува оваа лага и невистина пред граѓаните.

Ќе ги блокирате ли?

Ние ќе блокираме сè што можеме да блокираме сè додека нашиот закон е блокиран со амандмани во матичната комисија каде што чека.

Не може ли тоа да почека со оглед на тоа што луѓе не зеле плата, а ова е проблем што трае со децении?

Ама јас за кои луѓе зборувам? Овие луѓе за кои јас зборувам, овие граѓани 30 години не земаат никаква плата, тие немаат право ни да конкурираат за работа, немаат право на здравствено осигурување, немаат право на постела за да умрат достоинствено во болниците. И овие се граѓани. И тие живеат во уште потешки услови од овие други категории граѓани.

Лага е тоа дека ние сме го блокирале, бидејќи ние колку и да сакаме да блокираме, тоа важи три дена. Сите други амандмани, три дена откако ќе биде блокирано, односно ќе се дебатира за амандманите, сите други кои ќе останат недебатирани се фрлаат и може да си продолжат да ја дадат таа помош на граѓаните. Ама по сè изгледа дека овие можеби немаат пари, па ајде да најдеме изговор во оваа работа која ја прават Алијанса за Албанците и Алтернатива. Тоа е лага. Лага која цел месец се кажува по прес-конференции, а треба да им се извинат на граѓаните што си играат со нивната тешка состојба.

Целото интервју со лидерот на Алијанса за Албанците Зиадин Села може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.