Пребројувањето на населението кое требаше да почне овој четврток, на први април и да трае до 21 месецот, ќе почне на 5 септември, а ќе трае до 30 септември. Ова го договорија премиерот и лидер на владејачката СДСМ Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицоски на тет-а-тет средбата. Целта е до есен да се вакцинираат попишувачите против Ковид19 со што процесот на попишување ќе се направи побезбеден, нешто на што пред средбата инсистираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Самопопишувањето на дијаспората пак во меѓувреме ќе продолжи.
„Постигнавме договор заради можноста за имунизација на населението да го одложиме пописот на населението дома почнувајќи од 5 септември до 30 септември со што се одложуваат локалните избори како што е пропишано од првата половина на октомври да се одложат за втората половина на октомври. Притоа состојбите, согласно информациите што ги споделив со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за имунизацијата се дека согласно договорите што ги имаме со КОВАКС механизмот, со Фајзер, со ЕУ механизмот, со Кина, Русија, се очекувања кои секако зависат и од третите страни, до крајот на април е да имаме 350 000 вакцини“, рече Заев.
Премиерот додаде дека за време на паузата во разговорот со Мицкоски се консултирал со претседателот Стево Пендаровски, собранискиот претседател Талат Џафери, директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски и министерот за правда Бојан Маричиќ, како и поголемите коалициски партнери ДУИ и БЕСА и дека немало проблеми за ваквите одлуки.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, чие инситирање беше дека нема да отворат на попишувач ако не е вакциниран, по средбата рече дека е постигнат договор и за работата на Собранието, кое е блокирано главно поради тесното владино мнозинство од 62 пратеника и коронавирусот, поради кој често пратеници се во самоизолација или болни па нема кворум за работа. Мицкоски состанокот го оцени како позитивен и успешен, со отворена врата за следни средби оти рече се во војна со невидлив непријател, коронавирусот.
„Се согласивме дека ВМРО-ДПМНЕ ќе работи во рамките на парламентот заедно со парламентарното мнозинство на сите закони кои што се однесуваат на реформската агенда за интеграцијата на Македонија во Европската унија и сите закони кои се однесуваат на поддршката на стопанството, економијата, граѓаните и борбата против пандемијата. Тоа што во моментов е закочено во процедурите во парламентот се согласивме дека треба да биде откоченио“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека на средбата не се разговарало сериозно за влада на национален спас или единство.
Покрај овие прашања, за пописот, локалните избори и работата на Собранието двајцата лидери разговарале и за измените во Изборниот законик. Во вторник на дневен ред на парламентот е употребата на терминалите за читање на отпечаток од прст кој би требало да се користат на локалните избори. Работните групи на партиите пак ќе продолжат да разговараат за измените на изборниот модел во една изборна единица од досегашните шест, за отворени листи за советници на следните локални избори, избор на градоначалник во прв круг со излезност 30 отсто од вкупниот број запишани избирачи во општината и гласањето на дијаспората надвор од дипломатско конзуларните преставништва.
Премиерот најави дека во среда за сите отворени прашања ќе разговара со претставниците на опозициските Алијанса за Албанците и Алтернатива, а ги покани да дојдат и од Левица која има двајца пратеници. Заев рече дека на средбите ќе присуствуват и координатори на СДСМ, ДУИ, Беса и владини претставници.