Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изјави дека се надева дека дополнителните рестрикции ќе дадат резултат, во пресрет на верските празници Рамазан Бајрам и Велигден. Новите засилени мерки против ширењето на ковид-19 почнуваат од денеска со полициски час кој ќе трае од 20 до 5 часот наутро, се затвораат угостителски објекти, освен за подготовка на храна која може лично да се подигне или да биде доставена, потоа теретани, вежбалници, спортски центри, сали наменети за вежбање, се забрануваат семинари, обуки, работилници и нема групирање на повеќе од четворица.
„Мерките дадоа ефект во многу градови. Нема да издржиме ако се опуштиме пред верските празници, како што беше случај лани. Сметаме дека треба таква рестрикција, со цел за да се намали притисок врз болниците. Мораме да го олабавиме притисокот врз болничките установи“, истакна Филипче.
Видете и ова: Затворени кафеани и подолг полициски час против третиот ковид бранТој додаде дека Куманово, Битола, Кичево и Тетово се моментално најкритичните градови во државата по однос на инциденцата и дека здравствените власти се во секојдневна комуникација со директорите на здравствените установи во тие градови.
„Апелирам уште еднаш, граѓаните да се придржуваат до мерките, со сопствено одговорно однесување. Сите придонесуваме овој бран да заврши што поскоро“, рече Филипче.
По реакциите во јавноста дека до неодамна имаше кампања за попис и изјави дека нови мерки нема д дадат резултат, денеска министерот изјави дека мерките кои почнуваат од денеска „не се воопшто политички мотивирани“.
Видете и ова: Стравот најголем противник на вакцинацијатаВо однос на вакцинирањето против ковид-19, Филипче апелираше до граѓаните дека вакцините се единственото оружје против пандемијата. Тој исто така истакна дека интересот кај Армијата и полицијата е голем, но дека приоритетна група се оние кои се најизложени на вирусот. Сепак, истакна, дека не е мал процентот, 20 отсто, на веќе закажани граѓани кои не се јавуваат на вакцинација.
„До сега не сме виделе дека има некаква силна анти-вакцинална кампања. Сите вакцини се безбедни, таму каде што има сомнежи, внимателни сме, чекаме соодветни препораки и мислења. Најмногу се крена прашина околу вакцината на АстраЗенека. Нема ништо што е препорака за превенција или некакви контролни прегледи, тоа се однесува буквално на сите вакцини. Јас немам никаква информација дека некој од здравствените работници кои што се вакцинирале, се заразил со вирусот. Од податоците што ги имам досега, огромен е процентот, над 90 проценти, на сите здравствени работници кои работат со Ковид кои што веќе се вакцинирани и ревакцинирани“, рече министерот Филипче на денешната прес-конференција пред спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде се врши вакцинацијата.