Претседателот Стево Пендаровски, по денешната седница на Советот за безбедност, ѝ се заблагодари на Србија за вакцинирањето на македонски граѓани изминатиот викенд, но рече дека „тоа е срам за нашата држава“ и „такви слики не смеат да се повторат“.
Пендаровски рече дека министерот за здравство Венко Филипче го информирал дека од утре почнува масовната имунизација на македонското население, а Пендаровски му рекол дека масовната имунизација треба да биде без прекини до целосно вакцинирање на сите граѓани во земјата.
Претседателот заклучи дека „е точно дека верувавме во КОВАКС системот и во солидарниот фонд на Европската унија, но тие задоцнија со месеци, како и дека е точно 80 отсто од вакцините се распределени во 10 отсто од земјите, но тоа не треба да биде оправдување“.
„Државата не смее да дозволи ниту еден граѓанин да не биде примен во болница. Министерот Филипче ме увери дека такво нешто не се случило, ниту ќе се случи“, изјави Пендаровски по седницата на Советот за безбедност и „апелираше до приватните здравствени установи да се откажат од профитот и да ги направат своите услуги достапни за инфицираните“.
Пендаровски по состанокот на Советот за безбедност истакна дека сите членови се договориле да се пријават за вакцинација како секој граѓанин.
„За да не дојде до злоупотреба на позицијата на некој висок функционер, се договоривме во следните денови да се пријавиме за вакцинација како секој граѓанин. Ние сме исти со сите граѓани, и сметав дека треба да се пријавиме како секој граѓанин на оваа земја и да се вакцинираме кога ќе добиеме термин, односно кога ќе се создадат услови за тоа“, рече Пендаровски.