Закажана, па откажана средбата на Груби со албанската опозиција

Артан Груби

Средбата на вицепремиерот Артан Груби, во својство на секретар на ДУИ, со секретарите на другите партии од албанскиот опозициски блок беше закажана за денеска, но само еден час по закажувањето беше откажана. Темата на средбата требаше да биде претстојниот попис на населението.

Причината за откажување на средбата, како што наведе ДУИ, е тоа што опозициските политички партии не го потврдиле присуството. Претходно денеска ДУИ извести оваа средбата ќе се одржи во 11 часот.

„Секретарите на ДУИ, БЕСА, ДПА, Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе бидат присутни на оваа средба. Настанот ќе се одржи во Клубот на пратеници во Скопје“, соопшти ДУИ.

Видете и ова: Пет клучни точки на средбата Заев - Мицкоски


Опозициските Алтернатива и Алијанса за Албанците дадоа поддршка за Законот за попис, според кој операцијата треба да се спроведе од 1 до 21 април годинава.

Пописот се очекува да биде тема и на денешната лидерска средба на премиерот Зоран Заев, како претседател на СДСМ, и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, закажана за денеска попладне во Клубот на пратеници во Скопје.