Изминативе година и половина поминавме нов процес кој ја редефинираше методологијата за преговарање, но и се исправивме пред нови непринципиелни прашања и бирократски ставови кои не може и не смее да бидат камен за сопнување на просперитетот на Македонија, рече денеска македонскиот премиер Зоран Заев, на утринскиот панел на Тиранскиот економски форум 3 на темата „ЕУ и Западен Балкан: исполнување на долго очекуваните ветувања“, кој заради пандемијата со КОВИД-19 се одржа онлајн, соопшти владината прес-служба.
Заев рече дека Македонија ги исполнува и ќе ги исполни сите услови потребни за членство во Европската унија (ЕУ), дека била првата земја од регионот која го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година, дека за само 4 години подоцна станала и земја кандидат на членство во ЕУ, а веќе во 2009 ја добила и првата позитивна препорака за отпочнување на преговори со Унијата, но дека и по „16 години подоцна се уште сме во чекалната на ЕУ“.
Видете и ова: ЕУ министри бараат - вратете го Западен Балкан на дневен ред„Денешниот настан несомнено ќе предизвика размрдување на европските текови за кои имам чувство дека во моментов стагнираат. Причините се повеќедимензионални. Основната е дека сме исправени пред планетарна криза предизвикана од КОВИД-19 и пред предизвици кои ретроградните сили на целиот континент ги наметнуваат неевропските вредности. Во вакви моменти и во моменти кога дневната политика ги поткопува основните вредности треба да си го поставиме прашањето: Што ако пред точно 70 години погледот беше свртен кон разурнатиот континент, а не кон иднината која денес ја живееме“, рече Заев.
Премиерот вели дека му е задача да носи тешки одлуки за подобра иднина и затоа пред 4 години и биле отворени најгорливите дипломатски прашања со соседите кои успешно биле затворени, но дека „изминативе година и половина се поминало низ нов процес кој ја редефинирал методологијата за преговарање, но и Македонија била исправена пред нови непринципиелни прашања и бирократски ставови, кои не може и не смее да бидат камен за сопнување на просперитетот на Македонија“.
„Северна Македонија никогаш немала друг интерес освен мирно и достоинствено да кохабитира со своите соседи и со сите нации и етникум во Европа. Но, да бидам кристално јасен и да го повторам уште еднаш ставот на Владата. Ние никогаш нема да си дозволиме да разговараме за она за што не може да се разговара. А тоа е кои сме, кои се нашите идентитетски атрибути и која е генезата на нашата државност и јазик“, им порача Заев на учесниците од ЕУ.
На истиот Форум, еврокомесарот за проширување на Оливер Вархеји, изјави дека Албанија ги исполнува условите за почеток на преговорите со Унијата, а дека Македонија треба да го задржи реформското темпо и со Бугарија да најдат решение за билатералниот спор.