Планови за нова Влада, ДУИ против

Зоран Заев и Христијан Мицкоски

Премиерот Зоран Заев и понуди на опозицијата заедно да прават Влада, на што од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека се подготвени да разговараат за експертска влада, но да ја предводи заеднички прифатлива натпартиска личност. Коалициониот владин партнер Али Ахмети вели декан нема дијалози за создавање некое партнерство за коалиција.

Премиерот Зоран Заев рече дека сака да отвори дебата со опозицијата за заедничка Влада. Заев вели дека за тоа прво ќе побара согласност од неговите сопартијци и се надева дека ќе добие пас, а верува дека и кај опонентот ќе има таков капацитет. Премиерот вели дека е убеден оти и кај партиите на Албанците и кај помалите политички партии ќе се најде разбирање за оваа идеја.

Тој во интервју за Слободен печат вели дека нудат соработка од секој можен аспект, но, како што вели, треба да има и човек од другата страна за да се разговара.

„Сакам да отворам дебата за заедничка власт и Влада со опозицијата. Ама да има човек со кого може да се разговара, со господинот Мицкоски не се разговара. Или, ако кај нив има разумен човек, а кај нас нема нека го тргнат и Заев само двете партии да можат да разговараат. Мораме да го здружиме нашиот народ, зашто тоа ни е потребно, го знаат и тие, а го знам и јас – премногу ни е поделен народот“, изјави Заев.

Видете и ова: Заев и нуди на опозицијата заедно да прават Влада

Опозициската партија одговори дека се подготвени да разговараат за експертска Влада доколку ја предводи човек којшто би бил заеднички прифатлив.

„Натпартиска личност што може да ја води државата напред до локалните избори, а потоа да се организираат предвремени парламентарни и локални избори“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот рече дека администрацијата треба да се департизира, а тоа, според него, е можно ако двете страни се внатре. Заев вели дека идејата за заедничка власт со опозицијата не е исто што и техничка Влада. Тој вели дека со Груевски можел да најде решение, но не и со Мицкоски.

„Не знам што друго да направам! Еве сега го отворам и ова, иако имам мандат до 2024, но и во вакви околности отворам можност да дебатираме. Кога сакаат тогаш, од утре, после локалните, кога се спремни сите – тогаш“, рече Заев.

Додека се чекаше реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Васев од СДСМ на прес-конференција рече дека со месеци Христијан Мицкоски и неколку негови соработници, ја лажеа јавноста дека има ново парламентарно мнозинство, дека Владата предводена од СДСМ само што не паднала. Тој рече дека со или без поддршка од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ реформите во интерес на граѓаните ќе продолжат.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека очигледно Васев не е запознаен со последната изјава на неговиот шеф.

„Заев денес со неговата изјава за широка влада потврди дека на Македонија и е потребна нова и поинаква Влада. Заев денеска потврди дека неговата влада и мнозинството се неефикасни и немаат капацитет да се носат со проблемите. Заев не е способен да ја менаџира Република Македонија“, посочуваат до ВМРО-ДПМНЕ.

Потоа СДСМ соопши дека идејата за национално помирување не е упатена до Мицкоски, туку, како што наведуваат, до чесните членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои ги врзува желбата за просперитет на државата и до сите оние кои ја препознаваат големината и визијата на новиот политички концепт за ресетирање на македонското општество.

Видете и ова: Заев: Попис мора да има, предвремени избори нема да има

Но, од коалициониот партнер во Владата, ДУИ, велат дека засега нема дијалози за создавање некое партнерство за коалиција.

„Мислам дека овие се некои настани кои произлегуваат од дневна политика, нема нешто за истакнување, нема некои дијалози или слично за создавање некое партнерство за коалиција. Опозицијата како и секогаш има цел да ги кажат нивните забелешки бидејќи улогата на опозиција секаде е иста, да ја унапредат демократијата и да бидат дел од еден важен процес и нивна задача е да дадат несогласување со парламентарното мнозинството“, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на премиерот Зоран Заев.

Според Ахмети, работите меѓу владините партнери одат добро, а Владата е ангажирана на владеењето на правото и завршување на преговорите со бугарската страна.

На 3 март Заев експресно побара и доби доверба на Владата. Потегот уследи по честите изјави на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека Заев нема мнозинство.

Потоа лидерот на ВМРО-ДППНЕ, Христијан Мицкоски, кој е во изолација оти има ковид-19, рече дека партијата ќе го постави прашањето за доверба на Владата во моментот кога ќе обезбеди 65 пратеници кои ќе се потпишат. Мицкоски неколкупати досега побара „ формирање експертска влада до локалните избори кога би се одржале и предвремени парламентарни избори“.

По осамостојувањето на Македонија, имаше експертска влада на чело со Никола Кљусев, во 2001 по вооружениот конфликт имаше Влада на широка коалиција, а според Пржинскиот договор сега пред избори се формира техничка влада во која 100 дена пред избори со свои претставници влегува и опозицијата за да се организираат фер избори.