Поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков до правосилност на пресудата ќе издржува притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. Тој денеска беше осуден на 12 години казна затвор за масовното нелегално прислушување. Случајот „Таргет-Тврдина“ е главниот случај на поранешното Специјално јавно обвинителство(СЈО).
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Освен Мијалков, денеска на по 15 години затвор се осудени поранешните високи службеници во УБК Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, потоа поранешниот шеф на кабинет на Мијалков, Тони Јакимовски доби казна затвор од шест години, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска беше осудена на четиригодишна затворска казна, поранешна началничка во Министерството за внатрешни работи Надица Николиќ доби три години затвор, а останатите поранешни вработени во УБК добија условни казни.
Видете и ова: Што се крие зад исчезнувањето, па појавувањето на Мијалков?Осудените на затворски казни ќе треба да ја надополнат и штетата за уништување на опремата за прислушување во вредност од 1,4 милиони евра. Тие се осудени за организација и спроведување на масовно нелегално прислушување на околу 20 илјади луѓе, а потоа ја уништиле опремата за следење на разговорите.
Со денешната пресуда се праќаат неколку пораки, рече судијката Џенета Бегтовиќ.
„Обвинетите кои во критичниот период биле високи функционери на власта покажале став дека функционерите се над законот. Кога таков функционер, со такви овластувања го прекршува законот, тоа ги урива темелите на правната држава. Функционерите би требало да ги почитуваат законите, од нив се очекува најголем степен на одговорност, тие ги уживале сите привилегии, но целосно ја уништиле довербата на граѓаните во институциите и во власта, создавајќи слика за себе како недопирливи“, рече судијката.
Претходно Судот образложувајќи ја пресудата рече дека станува збор за континуирана злоупотреба при која има и жртви, а мотивот бил да се воспостави целосна контрола на целокупниот живот. Но поривот за контрола добил такви размери што веќе не било важно само да се прислушува, туку се прислушувале секој со секого, без да знае дека и тој што следи разговори е следен од некој друг.
Поразително, според судот е што тоа се правело со опрема за следење на комуникации која требало да служи за други работа, а на крај за да се скријат докази, таа била уништена.
„Судот се увери со сигурност надвор од секакво разумно сомневање дека незаконитото прислушување и следење на комуникациите на граѓаните на Македонија од 2008 до 2015 година е направено токму преку системите за следење на комуникациите во УБК, а не дека следењето е вршено од некое трето лице или некоја трета страна. Се утврди и тоа дека таквото незаконско прислушување е планирано и реализирано токму од обвинетите поточно од злосторничкото здружение кое го создал обвинетиот Сашо Мијалков. За да се спроведе вакво масовно незаконито следење на комуникациите потребно е да постои структурирана група, формирана од моќни луѓе, поставени на клучни позиции кои дирекно би ги реализирале инкриминирачките дела. Во конкретниот случај организатор во ваквото злосторничко здружение е Сашо Мијалков кој што во критичниот момент поседувал реална моќ во општеството, а како создавачи на оваа група се и обвинетите Горан Грујовски и Надица Николиќ“, рече судијата Владимир Туфеѓџиќ.
Обвинителката Ленче Ристоска по изрекувањето на пресудата побара мерката домашен притвор на Сашо Мијалков да се смени со ефективен притвор, оти МВР нема опрема со која ќе го следи 24 часа во домашен притвор, а Мијалков има дозвола за престој во Чешка и адреса на живеење таму.
Мијалков беше во домашен притвор од 23-ти месецов, откако претходно два дена беше недостапен за полицијата и не можеа да му достават одлука за издржување притвор. Во вторникот попладне тој сам дојде во Обвинителството да си го подигне решението за домашен притвор.
За Јакимовски, за кого исто така обвинителството побара притвор, Судот одлучи да му одреди мерка домашен притвор. А притвор е одреден и за Бошкоски и за Грујевски, кои се во бегство, а притворот би се реализирал во случај да бидат уапсени.
По судењето, обвинителката Ристоска, рече дека се задоволни од пресудата, но не и од сите казни.
„Задоволни сме од пресудата пред сè затоа што се потврдија сите наводи од Обвинителството. Од дел од казните сме задоволни, за дел не. Прво сакаме да го видиме решението, па ќе одлучиме за жалбите”, додаде Ристоска.
Максималниот притвор што засега може да му се одреди на Сашо Мијалков е 60 денови, рече обвинителката.
Адвокатот на Сашо Мијалков, Љупчо Шврговски вели дека казната за Мијалов е драконска и незаконска.
„Казната е драконска, да се даде максимум за секое обвиниение, нема да најдете во аналите каде што за секое дело е дадена максимална казна затвор“, кажа Шврговски.
За „Таргет-Тврдина“ како капитален случај на СЈО се одржани 53 рочишта, биле повикани 52 сведоци, потоа 35 луѓе во својство оштетени сведоци и 27 оштетени, имало 810 материјалн докази, а 130 луѓе побарале отштета што биле прислушувани. Судот нив ги упати преку граѓанска парница да си бараат отштета.
Пресудата за „Таргет-Тврдина“ е првостепена, а странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд.
Јанкулоска во „Таргет-Тврдина“: Јас сум жртва, да се расчисти случајот
Аферата за прислушување излезе во јавноста во февруари 2015 година кога тогашната опозициска партија СДСМ преку проектот „Вистина за Македонија“ почна да објавува аудио разговори, за кои велеше, дека незаконски биле следени и снимани од разузнавачите во УБК под водство на тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Обвинетиот Мијалков на чело на оваа функција беше од 2006-тата година до 2015 година кога го напушти своеволно директорското столче по случувањата во „Диво Насеље.
Предметот во почетокот специјалните обвинители го презентираа во јавноста како „Тврдина“ во 2016 година. Во судница обвинителниот акт беше споен со уште еден предмет кој се однесува на уништената опрема за прислушување и го доби името „Таргет-Тврдина“.