Муареми - Ги вадиме незаконските активности од под тепих, па нормално е да има прашина

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Муареми - За Еуростандард банка се гледа крајот на тунелот

Сега на виделина ги вадиме сите незаконски активности на функционерите. Порано се „криеја под тепих“, сега кога ќе излезе таа прашина надвор нормално дека ќе дишеме прашина, вели директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Во изминатите години се забележува дека расте бројот на истрагите што ги спроведува оваа институција со која раководите, а се однесуваат на злоупотреба на службена должност и даночни прикривања. Но, од друга страна Македонија на ранг листата на Транспаренси интернешнл падна на најниско ниво досега. На што мислите дека се должи тоа?

Јас мислам дека сега веќе сме отворена земја, ги кажуваме сите недостатоци, сите утврдени неправилности од страна на државата и во минатото, но и сега, сета таа транспарентност од јавните институции, кои се овластени да гонат по службена должност, се токму тие податоци кои се земени предвид и сега реално ги вадиме сите незаконски активности кои се случиле порано, сега ги кажуваме јавно, дека тоа и тоа се случило, дека тоа и тоа се случува моментално. И во тој дел мислам дека тие податоци се најверодостојни, кои ги имаат преземено, за да се каже дека сме имале навистина голема корупција во минатото, но и сега, бидејќи ние како институција сме гонеле и од сегашната власт функционери кои ги сомничиме за неправилности во довербата што им е дадена и од граѓаните и од владата.

Видете и ова: Финансиска полиција ќе ја проверува работата на Министерство за култура

Саката да кажете дека падот се должи на транспарентноста, а не дека имаме влошување на коруптивните состојби во државата?

Јас мислам дека сега на виделина ги вадиме сите незаконски активности на функционерите. Порано мислам дека тие беа покриени, што велиме ние народски – „ги криевме под тепих“, сега кога ќе излезе таа прашина надвор нормално дека ќе дишеме прашина.

Каков е вашиот удел во борбата против корупцијата?

Ние како институција го даваме нашиот максимум. Имајќи предвид дека Управата има намалени, односно ограничени капацитети и од човечки аспект, меѓутоа и од други ресурси коишто ни се потребни за нормално раководење и функционирање на институцијата. Знаете и сами дека моментално имаме проблеми со просториите. И од Европската унија и од Владата ни дадоа неколку насоки за да имплементираме некои одредени реформи во правосудството, во правосудните органи, тоа ние не можеме да го имплементираме бидејќи не исполнуваме одредени безбедносни стандарди за да ги имплементираме тие реформи. За таа работа е известена и владата неколку пати од наша страна и очекуваме да ни излезе во пресрет и со просторни, но и со финансиски средства, за да се поддржат ваквите институции навистина кои се на првата линија во борбата против организираниот криминал и корупција.

Дали се проверува работата на некои сегашни функционери?

Да

На колку?

Не можам да кажам.

Целото интервју со директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми може да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.