Спировска, евидентно е дека Бугарија ги блокира преговорите на земјава со ЕУ, каква ќе биде перспективата на младите доколку таа не го продолжи процесот за членство во Унијата и во услови на многу други нерешени прашања, како екологија, владеење на правото, корупција итн?
Ова што се случува сега, во периодот со евроинтеграцијата на нашата земја, е нешто што очигледно ниту повисоките инстанци, ниту властите можеа да го предвидат и да се обидат некако да интервенираат додека имаше повеќе простор, што значи дека е уште понепредвидлива ситуација за младите коишто имаат некакви други очекувања од евроинтеграцискиот процес во нашата земја. За илустрација, ние лани правевме едно истражување и наодите до коишто стигнавме покажуваат дека младите очекуваат во наредните пет години да сме веќе дел од Европската унија. Ако земеме предвид дека податокот е од лани, тоа значи дека ни остануваат уште неполни четири години да го исполниме тоа очекување. Е сега како ова се рефлектира на секојдневниот живот на младите, ако го ставиме во контекст и перспектива на млад човек, многу е значајно тоа што во нашата земја остануваат оние млади коишто најмногу се надеваат дека работите ќе се променат. Токму тоа е и причината поради која што досега не побарале можност или не се отселиле, и начинот на којшто овој пресврт во евроинтеграциите може да влијае е единствено демотивирачки, односно да ги одврати од оптимизмот којшто го имаат за останување во нашата земја и уште повеќе само ќе го надополни оној простор на незнаење. Мислам дека ефектот воглавно ќе биде сконцентриран во разочарување и поттикнување уште повеќе да заминуваат надвор. Она што тие го гледаа од евроинтеграциите, беше ветување за подобар живот во нивната земја, без да се разделат од пријателите, семејството и да се бараат себе во други земји во странство.
Видете и ова: Подготовки за ПИСА тестирање во време на пандемијаКако генерално ги оценувате иницијативите и заложбите на институциите во насока на спроведување на политики кои се во интерес на младите?
Политиките коишто се во интерес на младите честопати се ставаат во втор план и ние за жал не успеваме да видиме дека младите се приоритет на оваа земја. Ако до пред некое време ни недостасуваа законски регулативи кои што ова ќе го гарантираат, ако гледаме низ призма на младинско учество, од оваа година го имаме законот, меѓутоа се случи пандемија којашто никој не можеше да ја предвиди и младите повторно заминаа во втор план. Дури и ако гледаме како се решава кризата и какви мерки се преземаат, ние сѐ уште немаме официјално и системско решавање на кризата од аспект на млади. Односно ова не е некое посебно решавање на кризата, туку поддршка на младите полесно да ја надминат кризата. Дури за прв пат пред две недели добивме податок колку млади луѓе ја загубиле својата работа и тоа не го добивме од Министерството за труд и социјална политика или од друга институција којашто работи во оваа област, туку го добивме од Министерство за култура. Ние сведочиме на една несинхронизираност помеѓу институциите и на колективно незалагање да се креираат политики што ќе помогнат младите да ја надминат кризата полесно. Ние работевме со околу 15 граѓански организации оваа пролет и направивме итни мерки коишто треба да се преземат за младите, кои за жал не наидоа на голем слух кај институциите. Точно е дека дел се имплементираше, меѓутоа поголем дел од овој документ остана неимплементиран и остана да чека некои подобри времиња и поголема волја кај институциите.
Ќе бидат ли потребни дополнителни напори за да се спроведат тие политики и да се спречи натамошно иселување на младите од земјава?
Во ова фаза нас првично ни е потребно институциите да престанат да гледаат товар кај младите. Младите не се овде уште една плус задача и уште еден плус проблем кој треба да се реши, туку е група на луѓе кои треба да помагаат и во развојот на политиките и генерално во напредувањето на земјата. Првично мораме да се осигураме дека имаме механизми преку коишто институциите се во контакт со младите. Институциите мора да имаат извор од којшто ќе влечат конкретни и точни информации за состојбата со младите. Ако тргнеме од тоа дека во моментов не сите институции ја имаат бројката за невработени млади, потоа колку млади дипломираат, во кои струки има најмногу дипломирани млади, од која сфера се најголемиот број невработени млади и слично. Ова е еден проблем што се провлекува постојано, а сега во кризава го гледаме уште повеќе. Треба да најдеме начин да ги надминеме овие нешта, а понатака институциите да работат заедно со младите за младите да изградат доверба во она што го прават институциите.
Во услови на ковид кризата дел од младите следат онлајн настава. Како го оценувате досегашното одвивање на онлајн наставата?
За жал, мислам дека во моментов, ниту јас, ниту институциите коишто ја спроведуваат наставата – училиштата, Министерството за образование и наука и Бирото, не можеме да дадеме конкретна оцена поради тоа што условите постојано се менуваат. Ние кон крајот на минатата академска година, сѐ уште немавме синхронизиран начин на којшто се спроведува наставата. Оваа година започна синхронизирано, меѓутоа на почетокот имавме една бројка од 40 илјади ученици коишто не се вклучени во онлајн наставата, па потоа добивавме информации дека оваа бројка се менува, што не води до тоа дека кај нас, иако завршува првото полугодие, не сите ученици еднакво ја имаат следено наставата. Јас за ова во броја не можам да кажам колку е, но квалитативно можам да кажам дека она што го предвидува Светска банка, односно дека кризата најмногу ќе се рефлектира особено на учениците и дека оние загуби кои ќе ги имаме во образованието и во образовниот кадар што нема да може да се надокнадат никогаш, е проблем којшто и понатака го продлабочуваме. Бидејќи ќе заврши ова полугодие, тоа се ученици во основно и во средно, мислам дека студентите се за нијанса посамостојни во учењето, меѓутоа основците и средношколците мислам дека ќе имаат сериозни последици во поглед на квалитет на образование и во поглед на обемот на материјал и содржини кој е изучен во ова полугодие.
Кои се слабостите на онлајн наставата и постојат ли начини за подобрување?
Како слабости дефинитивно остануваат недостатокот од компјутерска опрема. Ние мораме да ги земеме предвид сите млади. Едно е што имаме во градовите, и покриеност со интернет и на кој начин живеат младите тука, но и економскиот статус дека во некои семејства има по повеќе ученици, а нема доволно компјутери и ова се проблеми што не така лесно се решаваат, биејќи сепак станува збор за економската состојба на многу семејства. Ние често пати работиме и со ученици кои доаѓаат од рурални средини, зборувам за онлајн активности, и тие на сред процес ќе се исклучат, бидејќи можеби снемало струја, интернет – различни се причините поради кои не може да се обезбеди нивниот континуитет во пристап до образование. Така што главниот недостаток е во обезбедувањето на континуитет, меѓутоа ако сме критични, мора да имаме на ум дека сега ова е единствениот начин на кој може да се спроведува наставата, но мора да гледаме што треба да се подобрува. Нешто што исто така изостанува е континуирана работа со професорите, бидејќи ако се зборува со средношколците постојано ги слушаме дека мора да им е вклучена камерата, мора да ја покажат собата во која седат, дека не препишуваат од некој, дека мора постојано да биде широко видното поле и слично. Начинот на кој се решаваат овие нешта е пред се софтверски. Мора да се работи со професорите и да се обучуваат на новите технологии, со нив да работат експерти и да им ги посочуваат овие решенија.
Видете и ова: МОН: Пари за новата реформа имаЌе бидат ли реални оценките кои ќе ги добијат преку онлајн настава?
Мислам дека во други услови би биле пореални, бидејќи ова не се нормални услови во кои се израснати нашите ученици и дополнително не се нормални услови во коишто е креиран нашиот систем. Она што се случува во секојдневната интеракција во живо во училница, не може да се замени со ниту еден електронски систем, платформа и слично, а во исто време критериумот за оценување да е оставен како оној во живо. Системот кој моментално го имаме за оценување, првично се темели на секојдневната интеракција меѓу учениците, класот и професорите. Мислам дека ќе има отстапки и тука не треба да се обвинат ниту професорите, ниту учениците, бидејќи сите се ставени во едни пократки временски рамки и во систем којшто не им е природен за функционирање, а пред се за спроведување на образовниот процес.
Дали онлајн образованието ги покажа класните разлики и какви последици според вас ќе остави врз младите земјава?
Дефинитивно ги зголемува економските разлики и ако при одење во училиште ние ги имавме сведено на минимум овие нешта, тргнувајќи од тоа дека сите ученици добиваа бесплатни учебници и од тоа дека се што имаше во училиштето беше исто за сите и на тој начин е базиран нашиот образовен систем, мислам дека сега, со пренесувањето на наставата дома, во привилегирана положба ги ставаме оние ученици коишто се економски средно до подобро ситуирани. Бидејќи оние ученици коишто претходно немаа и трпеа, сега ова уште повеќе им се пресликува и во стекнувањето на образованието. Ние од една страна велиме дека имаме бесплатно образование, меѓутоа компјутери, интернет покриеност, обезбедување на простор и се што повлекува онлајн наставата од дома, е нешто коешто не е дека е бесплатно. Така што товарот е ставен повторно на семејствата. А, какви последици ќе има ова, мислам дека тука пред се треба да се гледа во последиците врз менталното здравје кои ги остава оваа криза. Ние не смееме да заборавиме дека на основците и средношколците им е сменето целото секојдневие, не само од аспект дали учат онлајн или офлајн, туку од аспект на системи на поддршка. Последиците ќе ги чувствуваат учениците и младите, зборувам за последиците на долг рок, бидејќи сега им е тешко на сите и не би било благодарно да кажуваме на кого му е потешко.