„Доколку сакаме да живееме во современо општество, прилагодено за сите подеднакво, тогаш мораме и самите да вложиме во истото за да резултира со позитивна промена“, вели Ангела Николова, добитничка на наградата Млад иноватор на годинашната изложба МАКИНОВА.
На традиционалната меѓународната изложба МАКИНОВА се изложуваат проднајдоци, иновации, нови технологии, нови производи, технички унапредувања, индустриски дизајни, трговски мерки и младинско-истражувачко и креативно творештво. Секоја година се доделуваат и награди, меѓу кои е и наградата Млад иноватор. Годинашниот добитник на оваа награда е Ангела Николова, средношколка од Струмица.
Нејзиниот уред е систем за контрола на оддалеченост и одржување физичко растојание.
„Доколку се доближиме до објект на растојание од 1.5 метри, биперот емитира испрекинат пулсирачки звук. Во друг случај, ако се приближиме до некој објект на помало растојание од еден метар, слушаме постојан предупредувачки звук. Растојанието може да се адаптира според потребите.
Со оглед на тоа што ние луѓето сме социјални битија, често комуницираме без да обрнеме внимание на безбедната физичка дистанца која е неопходна за да се спречи ширењето на коронавирусот. Со овој уред би ни се овозможило непречено комуницирање а притоа почитување на мерките. Исто така овој уред би им бил од помош на луѓето со оштетен вид и би им овозможил непречено и слободно движење и ориентирање во просторот и вршење секојдневни активности“.
РСЕ: Од каде дојде идејата?
Николова: Идејата за овој уред доаѓа од потребата на лицата со оштетен вид – тие да можат непречено да се движат и функционираат во општеството, и да вршат некои секојдневни активности, а истиот уред добива и втора примена – тој исто така би можел да биде искористен и како помошен апарат за време на пандемија, со што многу би го олеснил одржувањето на физичка дистанца, почитување на мерките.
РСЕ: Колку време ти требаше за подготовка? Што материјали користеше и дали ти беа лесно достапни?
Николова: За реализација на проектот ми беше потребно околу еден месец. Во состав на системот спаѓа микроконтролерската програмибилна плоча Arduino UNO, ултразвучен сензор, бипер, батерии, и др. компоненти како составен од Arduino плочата. Компонентите со кои работев ги имав од порано, со истите имам направено и други проекти. Генерално не беше тешко да се дојде до нив.
РСЕ: Дали планираш комерцијализација на визирите?
Николова: За сега не, но во иднина овој уред би можел да се унапреди и подобри во компакноста и достапноста па можеби и да се комерцијализира.
РСЕ: Дали и претходно имаш создавано вакви иновации? Што поточно?
Николова: И порано имам учествувано на саеми и натпревари од ваков тип. Проект со кој учествував на МАКИНОВА минатата година е „Систем за контрола на пристап“, а имам и учествувано на натпревари со проект „Бројач на електронски отпад“.
РСЕ: Дали и зошто треба младите да се занимаваат со изнаоѓање иновативни решенија?
Николова: Мислам дека е многу важно младите да иновираат, создаваат и креираат нови и иновативни решенија за проблеми од нашето секојдневие бидејќи оваа генерација е движечката сила. Доколку сакаме да живееме во модернизирано, современо и општество прилагодено за сите подеднакво, тогаш мораме и самите да вложиме во истото за да резултира со позитивна промена.
РСЕ: Кој е твојот совет за младите кои имаат желба да создаваат изуми? Што е клучно за успешна иновација?
Николова: Според мене, клучно е верување во себе и да не се ограничуваме самите себе. И јас се уште учам и ги проширувам сопствените хоризонти. Но, мислам дека најважно од се е да се почне. Не дозволувајте патот од почетна точка до вашата цел да биде тоа што ќе ве демотивира, да ве обесхрабри или да ве предомисли. Токму тоа треба да биде она што ќе ве мотивира да продоложите напред. Само ослободете го вашиот креативен и иновативен ум и без предрасуди, без ограничувања, само дозволете им на вашите идеи и на вашите мисли да течат слободно и мислам дека тие ќе се преточат во нешто прекрасно.