Госпоѓо Морачанин, сложното гласање на пратениците од власта и од опозицијата за Законот за финансирање на партиите предизвика реакции во јавноста. Зошто нема таква сложност за другите закони кои се од висок јавен интерес?
Јас сметам дека треба да има сложност меѓу пратениците, без разлика дали се од мнозинството или од опозицијата за многу важни прашања и од други сфери. Конкретно како што се на пример прашањата како што се заштита на животната средина и климата, но и други теми во однос на справувањето со ковид-кризата, со здравствените и социо-економските аспекти кои оваа криза ги носи со себе. Инаку, во однос на прашањето за финансирањето на политичките партии, точно е, мислам дека јавноста веќе е информирана дека средствата за оваа и за следната година се намалени за 30 отсто од она што претходно беше планирано и тоа прашање е за јавна дебата, јас ќе се согласам, затоа што тоа е од широк интерес на граѓаните. Лично сметам дека е подобар избор партиите да бидат финансирани од буџетот, отколку да се остави секоја партија да наоѓа свои начини на финансирање, затоа што мислам тоа може да отвори врата за некои понатамошни коруптивни зделки. За мене е попроблематично финансирањето со донации, особено од некои донатори коишто имаат, да речеме, бизниси итн. затоа што се отвора сомнеж дека доколку некоја фирма или бизнисмен сака да донира за некоја политичка партија, тој би имал очекување во иднина таа донација на некој начин да му биде вратена. Затоа сметам дека е подобро финансирањето да биде од средства од буџет, а донациите, според мене, може и комплетно да се укинат, иако и сега се ограничени, но да нема финансирање со донации, особено од фирми.
Видете и ова: Нова неизвесност околу прашањето за рудникот Иловица-ШтукаМеѓу пратениците од власта опозицијата има несогласување за прашањето за одржување на онлајн седници. На што се должи отпорот?
Јас не знам на што се должи отпорот. Имаше различни коментари и претходно, уште кога се отвори оваа тема, дека не било во согласност со Деловникот, наводно сомневања дека можеби ќе се злоупотребувало онлајн гласањето. Јас не се согласувам со тоа. Цврсто стојам на ставот дека Собранието треба да биде комплетно оспособено да може да работи онлајн, и тоа е случај со повеќето Парламенти. Во денешно време, со овие технолошко-технички достигнувања што ги имаме на располагање тоа е изводливо, без притоа кој било да има сомневање во релевантноста на луѓето, односно на пратениците што гласаат. Мислам дека ако се препораките сите што можеме да работиме онлајн, со цел да го спречиме ширењето на вирусот, Собранието дефинитивно е една од дејностите која може да работи онлајн и сметам дека тоа треба да се овозможи. Поставувањето на околу 3000 амандмани од опозицијата практично значи блокирање на измените на Деловникот, кои предвидуваат да можат онлајн да бидат вклучени само пратеници коишто се во изолација или се позитивни на ковид-19, а другите да присуствуваат во Собранието. Значи, тоа се промените што се бараат со предлог-измените на Деловникот.
Опозицијата бараше во Собранието да биде изграден национален консензус за одбрана на македонскиот идентитет во преговорите со Бугарија, што за власта беше неприфатливо. Дали според вас Собранието треба да постави црвени линии за ова прашање?
Тоа е многу жешка и сензитивна тема во моментов, која сите нè засега. Дефинитивно Собранието е домот на граѓаните каде што треба да се дискутираат сите важни прашања. Мислам дека она што не би требало во овој период да се случува, и во Собранието и особено меѓу оние луѓе кои се на високи јавни функции, политичари, да се злоупотребува темата во дневно-политички цели, би рекла. Сметам дека Договорот за добрососедство со Бугарија е многу добра основа за надминување на овие прашања и предвидувањето коешто стои во Договорот, да се формираат мешовити историски комисии со историчари и од Бугарија и од Македонија е одличен начин и тоа е направено и според искуството на други европски земји коишто имале некои отворени прашања во однос на историјата.
Значи сметате дека процесот не треба да биде вратен во Собранието?
Ние во Собранието сме донеле Договор за добрососедство и соработка со Бугарија, кој предвидува формирање на мешовита историска комисија, која започна да работи, имаше и добар напредок, затоа што сепак е многу кусо времето. Во 2017 е донесен договорот, треба време додека се формираа комисиите, да започнат да работат, потоа ние имавме избори.
Во тек е процесот за донесување на Буџетот за 2021 за што граѓански организации реагираат дека се издвоени мал дел од средствата за животна средина. Зошто и натаму мал дел од Буџетот се издвојува за толку големи проблеми како што се загадувањето на воздухот, водите и почвите?
Така е. Во континуитет многу малку средства од буџетот се издвојуваат за заштита на животната средина генерално, не само за загадувањето на воздухот, туку воопшто за заштита на животната средина и на климата, иако за волја на вистината средства за оваа намена има и во други сектори, да речеме во буџетот на Министерството за транспорт и врски, во буџетот за здравство, во буџетот за економија особено има предвидено средства коишто влијаат на намалување на загадувањето, но сепак генерално тоа се мали финансиски средства. И не можеме да ги решаваме еколошките прашања, секако не со интензитет како што сакаме и кој ни е потребен доколку не се одвојуваат финансиски средства, бидејќи еве и во процесот на пристапување кон ЕУ, поглавјето 27 коешто се однесува на животната средина и климата е едно од, би рекла, најскапите поглавја, затоа што треба навистина многу да се инвестира.
Целото интервју може да го погледнете во видео снимката на почетокот на текстот.