Обама во неговите мемоари со критики за Путин

Претседателот на САД Барак Обама на средба со рускиот претседател Владимир Путин за време на самитот на Г8 во Северна Ирска, 17 јуни 2013 година

Поранешниот претседател на САД Барак Обама, во својата нова книга остро го критикува рускиот претседател Владимир Путин, нарекувајќи го водач на владата која личи на „криминален синдикат“.

„Ветена земја“, е првиот том од претседателски мемоари на Обама објавен деновиве. Во него тој вели дека Путин претставува денешна верзија на корумпираните политички газди што управуваа со градовите во САД кон крајот на 19-тиот и раниот 20-ти век.

Овие шефови, напиша Обама, гледаа на корупцијата и мито „како на легитимни алатки на трговијата“. „Во таков свет, недостаток на скрупули, презир кон сите аспирации над акумулираната моќ, не беа недостатоци. Тие беа предности“, пишува 44-от американски претседател.

Трамп-Путин „ресет“ - дипломатија зад сцена

Обама наведува дека Путин, кој владее со Русија како претседател или премиер во изминатите две децении, изгради земја „од која може да се страхува, но не и да се имитира“, додавајќи дека „малку граѓани на земјите во развој гледаат во Москва „инспирација“.

Обама, кој беше претседател од 2009 до 2017 година, имаше многу затегнати односи со Путин. Поранешниот сенатор од Илиноис дојде на власт во проблематично време за американско-руските односи: Москва го нападна својот сосед Грузија во август 2008 година - само три месеци пред Обама да ја добие претседателската функција - предизвикувајќи длабока загриженост во Источна Европа за агресијата на Кремљ.

Рускиот претседател Владимир Путин разговара со американскиот претседател Барак Обама за време на состанокот на маргините на Самитот на Г20 во Хангжу, 5 септември 2016 година

Иако Обама првично се обидуваше да ги подобри односите со Москва со политиката што неговата администрација ја нарече „ресетирање“, вкоренетата недоверба, несогласувањата во надворешната политика и уназадувањето на демократијата во Русија го попречуваше напредокот.

Кротење на српските „русофили“ или уште еден маневар на Вучиќ?

Путин ја обвини администрацијата на Обама кон крајот на 2011 година дека се обидела да предизвика немири во Русија по продемократските протести во Москва, нарушувајќи ги билатералните односи.

Потоа, во 2014 година, Путин го анектираше Крим и ги поддржа бунтовниците во источна Украина, испраќајќи ги односите меѓу САД и Русија на ново најниско ниво по Студената војна.

Администрацијата на Обама заедно со сојузниците ја исфрлија Русија од Групата осум, клуб на лидерите на најмоќните индустриски земји и наметнаа санкции кон земјата за да го казнат Путин за непријателските активности кон Украина.

Владимир Путин и Барак Обама пред првата сесија на самитот Г20 во Санкт Петербург на 05.09.2013 година.

Во книгата, Обама потсетува на првата негова средба со Путин во јули 2009 година на неговата дача близу Москва, опишувајќи го рускиот лидер - кој тогаш му служеше како премиер на претседателот Дмитриј Медведев - како физички „незабележителен“, низок и компактен - градба на борач“.

Кремљ демантира дека Путин е болен и дека ќе се повлекува

Обама во книгата оценува дека наклонетоста на Путин за мачо фото-сесии, како што е јавање коњ со голи гради, била на ниво на „префинетоста на еден тинејџер на Инстаграм“. Обама наведува дека Путин започнал „анимиран и навидум бесконечен монолог“ за време на нивниот прв состанок, детално набројувајќи ги сите потешкотии што ги направиле САД во последните две децении, вклучително и проширувањето на НАТО и инвазијата во Ирак.

Тој понуди поповолен поглед на Медведев, штитеникот на Путин, кој беше претседател од 2008 до 2012 година. „Забележав одредена иронија при неговото излагање како да сака да знам дека тој навистина не верува во сè што зборува“, пишува Обама за својата прва средба со Медведев на состанокот на Г20 во април 2009 година.

Обама во мемоарите истакна дека има неколку заеднички работи со Медведев. Тој рече дека и двајцата студирале и предавале право пред да основаат семејства, да се занимаваат со политика и да им помагаат на постари политичари.

Путин: Русија ќе соработува со секој победник на изборите во САД

Сепак, тој исто така го опишува Медведев како „богат“ човек кој ги искористи своите политички врски за да стане еден од сопствениците на голема компанија за граѓа за време на приватизациите во 90-тите години на минатиот век.

Американскиот претседател Барак Обама и рускиот претседател Дмитриј Медведев се ракуваат додека разменуваат потпишани документи за намалување на нуклеарното оружје пред нивната прес-конференција во Кремљ во Москва на 6 јули 2009 година.

Обама пишува дека тој и Медведев едвај зборувале за политика кога вечерале на дачата во близина на Москва. Тој наведува дека сопругата на Медведев, Светлана изрази загриженост за тоа како нивниот тинејџерски син Илја ќе се справи со социјалниот притисок што произлегува од славата на неговиот татко и очекува тој да сака да студира во странство.

„Мене ме погоди колку обична беше ноќта, како ние, со исклучок на преведувачите што седеа дискретно зад нас додека јадевме, да бевме на вечера во кое било добростоечко американско предградие“, пишува Обама.

Тој додава дека чувствувал оти Путин ќе се врати на претседателската функција во 2012 година откако јавно ја критикувал одлуката на Медведев во март 2011 година да се воздржи од гласање на ОН за воени сили во Либија. Обама рече дека е „незамисливо“ Путин, кој ја држеше вистинската моќ во Русија, да не го поддржува Медведев.

„Изгледа дека Путин решил намерно да го направи неговиот избран наследник да изгледа лошо“, напиша тој. Медведев во септември 2011 година објави дека нема да се кандидира за повторен избор, со што му се отвори место на Путин, кој победи следната година. Путин го избра Медведев да ја извршува функцијата премиер, отпуштајќи го по осум години во јануари годинава.

Дали е можно Бајден да ги врати луѓето на Обама во надворешната политика?

Обама го критикуваше неговиот претходник, претседателот Џорџ Буш, дека не бил построг кон Путин, тврдејќи дека дозволил Русија да се извлече од инвазијата во Грузија во 2008 година.

Петдневната војна на Русија против Грузија се случи пет месеци пред Буш да се повлече од власта по осум години на функцијата.

„Покрај суспендирањето на дипломатските контакти, администрацијата на Буш не направи ништо за да ја казни Русија за нејзината агресија, а остатокот од светот ги крена рамениците и продолжи понатаму, правејќи какви било задоцнети напори да ја изолира Русија, речиси сигурно дека нема да успее“, рече тој.

Обама во мемоарите ја изразува и моралната дилема со која се соочил, односно дали да му се спротивстави на Путин за кршењето на човековите права во Русија.

Откако се сретна со руски активисти за време на неговото патување во Москва во 2009 година, тој се запраша до каде е подготвен да оди за да ги брани нив или да се посвети на остварувањето на повеќе стратешки цели.

„Ако Путин тргнеше по еден од овие активисти, до каде би отишол - особено знаејќи дека тоа нема да го промени неговото однесување? Дали би ризикувал да ги завршам преговорите за СТАРТ “, вели тој, осврнувајќи се врз разговорите за намалување на нуклеарните боеви глави.


Првиот том на мемоарите завршува во 2011 година, односно пред Путин да се врати на претседателската функција.