Потера во Австрија по терористичкиот напад, побарана соработка и од МВР

Австрискиот канцелар Курс положува венец на местото на нападот во Виена.

Потерата во Австрија продолжува откако вооружени лица отворија оган на повеќе локации во Виена, убивајќи најмалку четири лица и ранувајќи неколкумина. Тројца поврзани со нападот, меѓу кои и убиениот напаѓач имаат и австрикото и македонско државјанстов. Побарана соработка од МВР за нападот.

Тројца луѓе поврзани со синоќешниот терористички напад во Виена, имаат двојно државјанство, освен австриско имаат и македонско, соопшти Министерството за внатрешни работи. Од МНР соопштуваат дека денеска од австриската полиција, преку Европол, добиле барање за соработка и информации околу терористичкиот напад.

При нападите во центарот на Виена беа убиени четири лица, а најмалку 17 беа повредени. Убиен е и напаѓачот.

Австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер изјави дека нападите ги извршил 20-годишникот Кујтим Фејзулаи кој имал двојно државјанство на Австрија и на Северна Македонија. Министерот го нарече напаѓачот „терорист“.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Жителите на Челопек засрамени од Кујтим Фејзулаи, иако не го познаваат

Освен Фејзулаи, според доставениот список до МВР, македонско државјанство, покрај австриското имаат и А.Г. (роден во Сент Полтен, Австрија) и У.А. (роден во Виена, Австрија).

„Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР веднаш се стави на располагање на колегите од Австрија и интензивно соработуваме на сите елементи поврзани со овој случај“, се наведува во соопштението од МВР.

Во соопштението се наведува и дека е остварена и директна комуникација меѓу премиерите на двете земји Зоран Заев и Себастијан Курц. Тие се подготвени да соработуват во врска со терористичкиот напад доколку австриските служби утврдат таква потреба.

Австрија организира потера по нападот во Виена


Во Австрија продолжува потерата откако вооружени лица отворија оган на повеќе локации во Виена, убивајќи најмалку четири лица и ранувајќи уште неколкумина. Австрискиот канцелар Себастијан Курц рече дека се работи за „одвратен терористички напад“.

Министерот за внатрешни работи Карл Нехамер денеска рече дека двајца мажи и две жена починале од здобиените повреди. Напаѓачот, Фејзулаи со австриско и македонско државјанство, кој претходно бил осуден за членство во терористичка организација, бил застрелан од полицијата.

Куќата на семејство Фејзулаи во село Челопек, Тетово.

Напаѓачот, чие потекло е од Македонија, лани во април бил осуден на 22 месеци затвор поради тоа што сакал да замине во Сирија да ѝ се придружи на Исламската држава, но бил ослободен во декември според законот за помлади престапници.

Нехамер рече дека биле извршени претреси во 15 куќи и оти неколкумина луѓе се уапсени. Не е јасно колкумина напаѓачи биле вклучени во нападот, но Нехамер рече дека властите веруваат дека се работи за повеќе од еден, додавајќи дека 1000 припадници на безбедносните сили се вклучени во потерата, а соседните земји понудиле помош. Министерот ги повтори повиците до граѓаните да останат дома.
Во нападот бил ранет и 28-годишен полицаец, но тој веќе не е во животна опасност.

Австриската новинска агенција АПА, цитирајќи ја портпаролката на Здравствената асоцијација, објави дека 17 жртви на нападот се пренесени во болница, а седуммина од нив се во тешка состојба.

Полицијата соопшти дека нападите на шест локации во Виена, вклучително и во близина на синагога во центарот на градот, биле извршени од „неколкумина осомничени вооружени со пушки“.
Пукањето почна во центарот на градот само неколку часа пред почетокот на новото затворање зарази спречување на ширењето на коронавирусот, а луѓето го користеа времето за посета на ресторани и барови.

Во денешното обраќање до нацијата, Курц испрати пораки за национално единство.

„Никогаш нема да дозволиме оваа омраза да фати корен“, рече тој.

„Мора да сфатиме дека ова не е конфликт меѓу христијаните и муслиманите или меѓу Австријците и мигрантите“, додаде тој.

„Нашиот непријател – исламистичкиот тероризам – не само што сака да предизвика смрт и болка, туку сака да го подели нашето општество“, рече Курц, ветувајќи дека Австрија ќе ги брани својата демократија, основните права и нејзиниот либерален начин на живот.

Тој претходно рече дека додека полицијата е фокусирана на анти-терористичката операција, армијата ќе го преземе обезбедувањето на големите објекти во Виена.

Осуди на нападот од сите страни

Нападот го осудија и речиси светските лидери, меѓу кои и германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот демократски противкандидат Џо Бајден, како и рускиот претседател Владимир Путин. Турција, која има голема дијаспора во Австрија, исто така го осуди нападот, а Чешка соопшти дека спроведува случајни проверки на границата со Австрија.

Нападот го осудија и македонските власти. Претседателот Стево Пендаровски денеска во телефонски разговор со неговиот австриски колега Александeр Ван дер Белен остро го осуди синоќешниот терористички напад во центарот на Виена и изрази жалење за загубените животи во овој насилнички акт, информираат од Кабинетот на шефот на државата.

Нападот остро го осудија и од македонското Министерство за надворешни работи.

„Тероризмот не признава ниту нација, ниту религија, ниту потекло, и ние строго го осудуваме овој терористички чин, без разлика од кого е сторен“, стои во реакцијата од МНР.

И коалициониот партнер во Владата, ДУИ целосно го осудува терористичкиот акт во Виена.