Ако ги завршиме сите подготовки, автопатот од Скопје до Блаце на границата со Косово ќе почне да се гради во првото тримесечје од наредната година и се надеваме дека ќе заврши за 2,5 години, рече премиерот Зоран Заев по средбата со неговиот косовски колега Авдулах Хоти во Скопје. Заев рече дека изградбата на автопатот е и во интерес на Македонија, зашто Косово е еден од нашите најголеми трговски партнери.
„Кога ќе тргнеме со физичката изградба на патот, можно е и за 2,5 години да завршиме со изградбата на автопатот. Застанати сме на полигонот Стенковец, мора да се реши, таму имаме и безбедносна зона којашто е поврзана со Генералштабот. Мора да се донесат соодветните одлуки за да можеме, кога ќе влезат оперативите, да го работат патот, така што верувам дека со брза динамика ќе го завршуваме и ова патно решение“, рече Заев.
Косовскиот премиер рече дека на средбата се договориле да продолжат со проектите кои се во економски интерес на двете земји, како воведување на заедничка контрола на границата која треба да се поминува со само едно запирање, како и изработка на физибилити студија за изградба на автопат од Тетово до Призрен.
„Имаме околу 40 потпишани договори и јас со нетрпение очекувам да организираме заедничка заедница и да ги разгледаме договорите што ги имаме потпишано и за нивно спроведување, како и да ги разгледаме останатите соработки, потпишувајќи и други нови договори“, рече Хоти.
Видете и ова: И Македонија станува дел од „Чиста 5Г мрежа“Премиерот Заев рече дека е во очекување на првата заедничка седница на владите на двете земји, која ќе се одржи веднаш штом условите го дозволат тоа.
Заев го поздрави договорот за нормализирање на економските односи меѓу Косово и Србија потпишан во Вашингтон и го поддржа дијалогот меѓу Белград и Приштина под посредство на ЕУ, зашто секое унапредување на односите меѓу соседите носи стабилност и просперитет за целиот регион. Заев очекува Косово да се вклучи и во засилената регионална соработка предводена од Македонија, Србија и Албанија, „без разлика на отворените политички прашања“. Тој најави дека следниот петок ќе има средби со претседателот на Србија Александар Вучиќ и со албанскиот премиер Еди Рама на кои ќе се разговара и за ова прашање.
Заев рече дека испраќањето на македонски војници во Мисијата на КФОР на Косово ќе ја зајакне стабилноста и безбедноста во регионот.
Инаку, Заев и Хоти денеска ќе потпишат договорот за воспоставување на „Чиста 5Г мрежа“ со претставници на САД. Владата соопшти дека премиерот Заев и потсекретарот за економски раст, енергија и животна средина во Владата на САД Кеит Крач денеска ќе потпишат меморандум за разбирање за безбедност на 5G технологии.