Што ќе се случи ако почине кандидат за претседател на САД?

Американскиот претседател Доналд Трамп отпоздравува од автомобил пред Националниот воено-медицински центар Валтер Рид, каде што се лекува од ковид-19, Мериленд, САД, 4 октомври 2020 година.

Еден месец пред денот на изборите во САД, а претседателот Доналд Трамп е во болница, заразен со вирус од кој починаа повеќе од 209.000 Американци. Што се случува со изборите во САД ако претседателот не е во можност да ја извршува функцијата, поради болест или смрт?

25-тиот амандман дава јасни овластувања во случај на болест или смрт, наведува новинската агенција АП, наведувајќи дека функцијата се пренесува на потпретседателот Мајк Пенс, додека претседателот не почне да ги извршува своите должности.

Но, што ќе се случи ако кандидат за претседател почине пред денот на изборите? Или веднаш потоа? Што се случува ако победничкиот кандидат почине пред денот на инаугурацијата?

Трамп накратко изнесен од болницата за да ги поздрави своите приврзаници

Ова никогаш не се случило во земјата со долга транзиција помеѓу денот на изборите на почетокот на ноември и почетокот на новиот мандат на претседателот на 20 јануари.

Комбинирана слика ги прикажува американскиот претседател Доналд Трамп и кандидатот за претседател на Демократската партија Џо Бајден, кои зборуваат за време на првата расправа за претседателската кампања во 2020 година во Кливленд, Охајо, САД, 29 септември 2020 година.

Уставот, како и законите за државните и федералните избори, ќе помогнат да се води земјата низ овој процес. Но, резултатот е далеку од сигурен.

Претставничкиот дом го има последниот збор за тоа кој ќе ја добие претседателската функција.

Еве неколку прашања и одговори за тоа што може да се случи ако претседателски кандидат умре, пред или по изборите:

Можат ли партиите да го заменат кандидатот кој почина?

Да, но не толку блиску до денот на изборите.

Скоро 63 милиони гласачки ливчиња веќе се испратени до гласачите, со скоро 3 милиони гласови.

Видете и ова: Трамп во карантин поради позитивен тест на ковид-19

Крајниот рок за повлекување на кандидатите помина во сите, освен во две држави - Јужна Каролина и Конектикат.

Датумот на изборите е утврден со федерален закон - вторник по првиот понеделник во ноември - кој паѓа оваа година на 3 ноември. Само Конгресот може да го смени датумот на изборите.

„Би било невозможно да се сменат гласачките ливчиња во овој момент без одложување на изборите и повторно започнување на процесот на гласање“, вели Ричард Хасен, професор по право на Правниот факултет на Универзитетот во Калифорнија, додавајќи: „Не мислам дека Конгресот ќе го стори тоа“.

Но, важно е да се знае дека на претседателските избори, гласачите всушност не гласаат за кандидати. Наместо тоа, тие гласаат за избирачи – електори кои ќе ги изберат претседателот и потпретседателот.

Прва дебата Трамп - Бајден: лични навреди од почеток до крај

За да се добие претседателската функција, кандидатот мора да ја добие поддршката на мнозинството електори - 270 во Изборниот колеџ.

Што ако победничкиот кандидат почине по изборите?

20-тиот амандман вели дека мандатот на сегашниот претседател, како и потпретседател завршува на 20 јануари напладне. Нема одредба за негово продолжување.

Амандманот исто така вели дека доколку избраниот претседател почине, заменик-избраниот претседател ќе положи заклетва за претседател на почетокот на новиот мандат.

Видете и ова: Путин повика на пакт со САД за да се избегне изборна конфронтација во „дигиталната сфера“

Сепак, победничкиот кандидат нема да стане избран претседател сè додека заедничката седница на Конгресот не ги преброи гласовите од Изборниот колеџ и не прогласи победник.

Според законот, Конгресот официјално треба да ги добие гласовите од Изборниот колегиум на 6 јануари.

Што ако победничкиот кандидат почине пред Конгресот да објави кој е победник?

„Тоа е најлошо и најзбунувачко време“, вели Џон Фортиер, директор за владини студии во Двопартискиот центар за политика, наведувајќи: „Тие ќе треба да решат што да прават со гласовите дадени за кандидат кој починал“.

Ако победничкиот кандидат почине пред да се состане Изборниот колеџ, електорите би можеле да се здружат околу кандидатот за замена препорачана од партијата, можеби кандидатот за потпретседател.

Трамп одби да се обврзе на мирно предавање на власта ако изгуби

„Во најголем дел, овие луѓе се избираат затоа што се лојални партиски луѓе“, вели Фортиер, додавајќи дека електорите на една партија ќе имаат поттик да се здружат околу еден кандидат, бидејќи тие не би сакале да ризикуваат да ја дадат победата од изборите на другата партија.

Но, нема гаранција дека сите би се согласиле за кандидат за замена.

Која е улогата на Конгресот?

12-тиот амандман на Уставот му го дава последниот збор на Конгресот за тоа кој се избрани за претседател и за потпретседател.

Конгресот одлучува дали да ги прифати или отфрли изборните листови од Изборниот колеџ и да утврди дали кандидатот ги освоил потребните 270 изборни гласови за да стане претседател.

Доколку ниту еден кандидат не добие 270 изборни гласови, Претставничкиот дом избира претседател, а Сенатот потпретседател, во процес утврден во Уставот.

Кој ќе биде следниот претседател на САД - Ќе каже Изборниот колеџ

Во Претставничкиот дом, секоја државна делегација добива еден глас за претседател, и тие мора да изберат меѓу тројцата кандидати кои добија најмногу гласови во Изборниот колеџ.

Во моментов, републиканците имаат мнозинство во 26 државни делегации, но бројките може да се променат по изборите во ноември и стапувањето на функција на новиот Конгрес.

Сенатот би го избрал потпретседателот со просто мнозинство гласови.

Изборните експерти изјавија дека не би очекувале судовите да играат улога во овој момент затоа што Уставот јасно му дава овластување на Конгресот за решавање на спорни избори за претседател.