Трамп изјави дека тој и првата дама Меланија Трамп биле позитивни на ковид-19 и ќе се обидат да се опорават.
„Ние ќе го започнеме нашиот карантин и процес на заздравување веднаш“, напиша Трамп на Твитер.
Претседателот и првата дама се „добро во овој момент и тие планираат да останат дома во Белата куќа за време на нивното заздравување“, изјави лекарот на претседателот, Шон Конли.
„Бидете сигурни дека очекувам претседателот да продолжи да ги извршува своите должности без нарушувања додека се опоравува, и ќе ве информирам за сите идни случувања“, додаде Конли.
Не е јасно какви симптоми имаат претседателот и првата дама во оваа рана фаза.
Според Центарот за контрола на болести, едно лице обично развива симптоми пет дена по заразувањето, но симптомите може да се појават веќе два дена по инфекцијата.
Инфекцијата на Трамп со вирусот ја зголемува можноста дека други во неговиот непосреден круг и на највисоките нивоа на влада биле изложени и дека ќе треба да стават и во карантин.
Објавувањето дојде само неколку часа откако Хоуп Хикс, постара советничка на претседателот, беше позитивна на коронавирусот откако патуваше повеќе пати со Трамп оваа недела.
Хикс патувала со претседателот на првата претседателска дебата во Кливленд и на митинг во Минесота.
Претходно, Трамп во телефонско интервју за Фокс Њуз изјави:
„Само што бев на тест... ќе се вратам подоцна претпоставувам, и првата дама исто така затоа што поминуваме многу време со Хоуп“.
Не е јасно како Трамп планира да води кампања на само еден месец до изборите на 3 ноември, со анкети кои покажуваат дека заостанува зад демократскиот ривал Џо Бајден за околу 9 процентни поени.
Трамп има 74 години, што го става на поголем ризик од сериозни компликации од вирусот. Врз основа на неговата моментална висина и тежина, тој исто така се смета за дебел и со поголем ризик од вирусот.
Блумберг, кој прв извести за резултатот од тестот на Хикс, објави дека таа се чувствувала лошо во Минесота. Трамп отпатува во Њу Џерси на 1 октомври и покрај загриженоста за здравјето на Хикс.