Љубителите на планинарскиот велосипедизам веќе може да ја возат новата нагорна патека на Водно, која е дел од проектот „Велосипедски парк Водно“ на Град Скопје.
Со трка денеска официјално се отвори новата велосипедска патека на планината Водно. Патеката е со променлива широчина, најмногу до 3 метри, со вкупна должина од 3.432 метри и се протега од полициската станица се до Средно Водно. Заради безбедноста на сите посетители на Водно, таа е посебна патека наменета исклучиво за велосипедистите, односно целосно одвоена од патеките на Водно што се наменети за пешаци и планинари.
„Со изградбата на велосипедската патека на Водно, се отвора ново поглавје во туристичката понуда на Скопје, но и на Република Северна Македонија. Тргнувајќи од фактот дека велосипедскиот туризам се реализира преку програмата за развој и промоција на туризмот во шест држави од Западен Балкан, и Градот Скопје ја изгради оваа сертифицирана вело – патека што ги исполнува условите за организација на меѓународни натпревари на северните падини на Водно“, велат од Град Скопје.
Организаторите на утрешната трка, од традиционалниот спортски настан „Прв до врв“ објаснија дека патеката е наменета за искачување со велосипед, но не за спуштање.
„Спуштањето по неа, односно возење во спротивен правец е забрането и истото е означено со знаци. Колку што сум информиран, следен проект на градот е нова патека за велосипеди, овој пат за спуст. Инаку, патеката што утре ќе се отвори со трка е наречена Пионерска бидејќи е прва од ваков вид кај нас. Се работи за патека што е изработена според стандарди за планински велосипедизам и со оглед на тоа што не е многу тешка, очекувам да биде доста користена од многу велосипедисти на Водно“, изјави Александар Георгиевски, организатор на „Прв до врв“.
Тој дополни дека рекреативниот велосипедизам во последниве години е во „невиден раст“, а доказ за тоа, како што истакна тој, „беше недостигот од велосипеди оваа сезона во продавниците, мултиплизираниот број велосипедисти во сообраќајот низ градовите, а секако и бројот на учесници во нашите велосипедски настани“.
Пред повеќе од две години, во рамки на рубриката „Моја Порака“, Бојан Наунчевски кој тогаш заокружи 10 години возење велосипедски спуст испрати порака до властите да се направи посебна велосипедска патека на Водно, но за велосипедски спуст.
„Моментално нема официјализирано конкретно да бидат планинарски или велосипедски стази, што моментално е еден од поголемите проблеми. Како што последно имаме информација дека во процедура е да се одвојат конкретно стазите и да биде направена баш една само за downhill стаза што би ја зголемила безбедноста и кај тие што возат велосипед и кај пешаците и планинарите“, истакна тогаш Наунчевски и побара да се издвојат стази.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5