Според вашето последно истражување средношколците сметаат дека далечинското учење од почетокот на пандемијата беше лошо организирано и влијаело негативно врз квалитетот на образованието. Какви се вашите очекувања за претстојната учебна година?
Учениците се незадоволни од начинот на којшто се спроведе онлајн или далечинското учење, меѓутоа од разговорите со нив, ние вината ја лоциравме кај неподготвеноста на професорите. Идејата, сама по себе, беше во ред за условите во коишто се имплементира, меѓутоа фактот што не инвестираме во професорите години наназад, што не се обновуваат нивните вештини, нивната дигитална писменост и слично, сега излезе повеќе од кога било на површина и резултираше во незадоволство кај учениците.
Ние очекуваме дека ќе има некакво подобрување, поради тоа што еве изминаа четири месеци во коишто можеа целосно да се подготвуваат професорите и институциите, вклучително со распустот, а ако земеме и дополнителните три месеци во кои траеше пандемијата, тоа се повеќе од пола година време во кое можеше да се најде решение. Претпоставувам дека ќе има некакво поместување и се надевам дека и надлежните работеле на оние проблеми кои и ние ги лоциравме како организација.
На платформата Едуино засега има само видео материјали за основното образование, но не и за средношколците. Дали институциите задоцнија со подготовката на онлајн настава иако здравствените власти подолго време најавуваат влошување на пандемијата наесен.
Кај нас генерално, во нашиот образовен систем, постои проблем на нееднаков пристап до образование ако се споредат различни средини една со друга, тоа постои меѓу различни градови, особено меѓу урбана и рурална средина, во нормални услови, а сега со неподготвеноста на онлајн платформата и неподготвеноста на целата ситуација која не снајде, излезе на површина повторно неподготвеноста за се обезбеди еднаков пристап за сите ученици. На почетокот, во март, април, кога започна кризата, беа достапни уште помалку ресурси и тоа го знаеме од нашата работа со ученици, со средношколци, дека едвај кои материјали можеа да ги најдат и едвај кои материјали беа подготвени за следење на настава.
Дефинитивно се задоцни, затоа што ова не е нешто кое што не знаевме дека ќе се случи. Штом сите ние знаевме дека наставата ќе продолжи онлајн сигурно институциите знаеле пред нас. Претпоставувам дека сега се прават напори и од она што ние како организација го знаеме, меѓутоа дефинитивно се доцни и само тоа што се одложи учебната година за еден месец укажува на тоа дека не бевме подготвени да се соочиме со ова.
Колку може да биде квалитетно онлајн образованието за средношколците кои имаат потреба од практична настава во стручните училишта?
Покрај овие ученици во стручната настава, тука се и сериозен број на ученици со попреченост, кои имаат потреба од образовни асистенти. Ова се две категории кои и ние ги мапиравме како организација дека нивното онлајн образование ќе биде отежнато. Ова се едната група на ученици кои имаат потреба од физичка комуникација, односно од присуство во живо со нивните образовни асистенти, поблизок контакт со професорите, веќе им е отежнат процесот на образование кога се во училиште, а сега кога се ставени на учење од далечина дополнително имаат уште еден предизвик. А учениците коишто се во стручните училишта, од она што ние го знаеме, не би било логично да учат онлајн, затоа што тоа се пред се техники, вештини за кои потребно е да се влезе или во лабораторија, или да се излезе на терен, да се работи со инструменти, да се проба она што се учи во книга. Доколку би се оставиле да учат од дома тоа ќе биде само теоретска настава, без практичниот дел, затоа што од практичниот дел ретко што може да се пренесе онлајн, така што овие ученици мора да бидат меѓу приоритетните групи што ќе се распределат и ќе одат на настава во живо, додека за другите категории можи и да се најде решение, меѓутоа за овие нема многу простор за прилагодување.
Според Вас што треба да биде приоритетна реформа во образованието?
Дефинитивно мора да биде осовременување на материјата којашто се учи. Да добиеме програми кои што ќе ги поттикнуваат учениците да размислуваат критички, затоа што ние низ годините не видовме такви програми. Ако го споредиме образовниот систем што го имаме сега со образовниот систем што сме го имале пред триесетина години, малтене е ист начинот на којшто се учи, има горе-доле промена во содржината, во содржинскиот дел, меѓутоа изостанува поттикнување на учениците да истражуваат, да размислуваат критички, да се вклучуваат во општествено корисни активности, да работат на себе, се со цел да постигнат повисоки резултати. Така што осовременување на материјалот којшто се изучува и дефинитивно посилно вложување во професорите, затоа што гледаме дека во моментот товарот целосно се префрла кај нив, или во најмала рака вината кај нив, затоа што тие ја спроведуваат наставата, меѓутоа ни недостасува константно инвестирање и работа со професорите и со образовните кадри.
Целото интервју со Стефани Спировска, претседателка на Младинскиот образовен форум, може да го погледнете на видео снимката почетокот на овој текст.