Неколку дена, рускиот антикорупциски активист Алексеј Навални е во кома, медицински предизвикана во обид да се спаси неговиот живот.
Руските лекари во сибирската болница каде што бил пренесен на 20 август рекоа дека не знаеле од што се разболел.
Германските лекари пак, кои го лекуваат откако е префрлен во една од најдобрите болници во Берлин, сепак, утврдиле дека тој имал труење од хемикалии кои вклучуваат смртоносен воен агенс и нервен отров.
Главните прашања сега се каква е таа токсичната супстанца; како се најде во телото на Навални; и - ако тоа било направено намерно како што тврдат колегите на Навални и германската влада - од кого?
На 24 август, берлинската болница каде Навални се лекува, го потврди она што го велеа поддржувачите на Навални со денови: дека неговите симптоми одговараат на труење од надворешна супстанција.
Тестирањето во Германија покажа индиции дека Навални бил отруен
„Клиничките наоди укажуваат на интоксикација од групата активни супстанци наречени инхибитори на холинестераза“, се вели во изјавата од болницата во која се додава дека „засега специфичната супстанца останува непозната“.
Ова ги потврди наводите дека Навални бил намерно отруен додека патувал за Москва од сибирскиот град Томск, каде што истражувал случај на корупција.
На прашањето дали е можно Навални да проголтал нешто случајно, Дан Казета, експерт за хемиско и биолошко оружје, кој сега води консултантски услуги во Лондон, вели дека со оглед на супстанцата што ја идентификувале Германците, тоа би било „многу малку веројатно“.
Според него, инцидентното труење со оваа категорија на хемикалии може да биде во земјоделски средини и многу ретко. „Случајот на Навални е „премногу проклето сомнителен“, рече тој за РСЕ.
Колегите на 44-годишниот активист, кој водеше кампања за бојкот против претседателските избори во Русија 2018 година, откако неговата регистрација како кандидат беше одбиена од властите, изјавија дека чајот што го пиел на аеродромот во Томск, бил затруен.
Откако авионот во кој патувал бил принуден да се спушти во Омск, Навални бил пренесен во болница за лекување.
САД ја повикаа Москва веднаш да го испита случајот со Навални
Лекарите два дена ги одбивале молбите од неговите роднини и неговата сопруга да го пренесат Навални на лекување на друго место, оценувајќи дека станува збор за трик со намера да не може да се најдат траги од отров во неговото тело.
Дури откако сопругата на Навални, Јулија Навалнаја, побара претседателот Владимир Путин да му дозволи на нејзиниот сопруг лекување во Германија, тој на 22 август беше пренесен со амбулантно летало во Берлин. Од своја страна, Кремљ негираше дека Путин бил вклучен во сето тоа.
Откривањето на инхибиторите на холинестераза - токсини кои можат да се користат како хемиско оружје и е познато дека се користат во атентати - доведе до зголемени повици за истрага за сомнителното труење.
Александар Сабаев, главен токсиколог од регионот Омск и Сибирскиот федерален округ, на 24 август рече дека симптомите на Навални не се во согласност со оние предизвикани од инхибитори на холинестераза.
„По приемот во болницата, Алексеј Навални беше подложен на тестирање за широк спектар на наркотични, синтетички супстанции, психоделички и лековити супстанции, вклучително и инхибитори на холинестераза“, беше цитиран Сабајев од руската државна новинска агенција РИА-Новости. „Резултатот беше негативен“, изјави тој.
Но, Вил Мирзајанов, научник вклучен во развивањето на нервниот отров новичок, изјави дека инхибиторите се „органофосфатни токсични супстанции“ што можат да вклучуваат новичок, како и сарин и соман.
Новичок го сврте вниманието на пошироката јавност по труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Сркипал и неговата ќерка во 2018 година во Англија. Британските обвинители соопштија дека зад нападот стојат двајца мажи за кои се верува дека биле руски воени разузнавачи.
Инхибиторите на холинестераза можат „да ги потиснат рецепторите и во случај на труење да се изгуби контролата на мускулите“, објаснува Мирзајанов.
Меркел бара да одговараат виновниците за труењето на Навални
Германската канцеларка Ангела Меркел ја повика Русија да го испита очигледниот напад врз Навални.
„Имајќи ја предвид видната улога на Навални во политичката опозиција во Русија, властите таму сега се итно повикани да го испитаат ова злосторство до последен детаљ - и да го сторат тоа во целосна транспарентност“, рече Меркел.
Како индикација за тоа колку сериозно Германија ја смета заканата против Навални, е што чувари ја штитат просторијата во болницата каде што е сместен.
Кремљ одговори дека нема потреба од непосредно отворање истрага и посочи дека германските лекари „брзаат“ да го користат зборот труење.
„Ако се утврди супстанцата и ако се утврди дека е труење, тогаш, се разбира, ова ќе биде причина за истрага“, рече портпаролот Дмитриј Песков.
Експертот за хемиско оружје Казета вели дека ако Германците брзаат, затоа што треба да ги идентификуваат надворешните супстанции и да ги третираат веднаш за да се обезбеди Навални да преживее.
Расте негодувањето кај лекарите и малите бизнисмени во Русија
Мирзајанов вели дека е тешко да се каже што го предизвикало труењето на Навални сè додека не се изврши тестирање со користење на нешто што се нарекува гасна хроматографија-масовна спектрометриска анализа, што потоа може да се спореди со база на податоци за сите познати токсични материи.
Во изјавата од болницата се наведува дека Навални може да се соочи со долгорочни последици: „Прогнозата за Навални останува нејасна, не може да се исклучи можноста од долгорочни ефекти, особено оние кои влијаат врз нервниот систем“.
Мирзајанов пак вели дека „отстранувањето на овие супстанции од телото е многу долг и болен процес“. „Последиците се многу лоши. Потребни се години на рехабилитација“, рече тој.