Талат Џафери е повторно претседател на Собранието. Тој беше избран попладнево со 62 гласа „за“, 43 против и без воздржани. Откако пратеникот Горан Мисовски, како досегашен потпретседател на Собранието ја водеше процедурата за гласање, а пратениците од коалицијата „Можеме“ ракоплескаа по добиените резултати, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата и не присуствуваа на свечената изјава која ја даде Џафери.
„Изјавувам дека функцијата претседател на Собранието на Република Северна Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно и ќе го почитувам Уставот и законите на Република Северна Македонија“, рече Џафери.
Видете и ова: Собраниска расправа- власта „за“, опозицијата против ЏафериВо салата не беа и пратениците од Алијансата за Албанците и Алтернатива кои и претходно најавија дека ќе излезат кога ќе дојде гласањето на ред, а дека нема да гласаат за Џафери најавија и двајцата пратеници од Левица.
Џафери откако беше резибран на функцијата им се заблагодари на вработените во инфективните одделенија во земјава за нивната борба со ковид-19, потоа им се заблагодари на колегите што го гласале, но и на оние кои гласа против за нивната дебата со која придонеле за демократските вредности. Тој изјави дека ќе биде претседател на сите 120 пратеници. Претседателот на Парламентот рече дека следува период на предизвици и за мнозинството и за опозицијата.
Инаку, седницата почна во 13 часот, а потоа по пауза од час и половина продолжи во 16.30. Нестабилно мнозинство кое ќе има краток рок на траење, беа најчестите прогнози кои се слушаа од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Речиси никој од нив не пропушти да ги спомене несогласувањата во предизборниот период меѓу старо-новите владини партнери СДСМ и ДУИ и препирките лично меѓу нивните лидери Зоран Заев и Али Ахмети.
„Со 62 пратеници нема функционалност и нема стабилност да има во овој законодавен дом, свесни сте и вие дека оваа работа нема далеку да оди и нема далеку и да стигне, гледаме дека и самиот почеток кој 2-3 дена успевате некако да го менаџирате и со различни изјави излегувате пред македонската јавност ви оди многу тешко“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.
Видете и ова: Нема „меден месец“ за новата владаПратениците од ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека со оваа коалиција е заобиколена волјата на Македонците, a лично за Џафери забележаа дека го злоупотребувал европското знаменце за носење закони во минатиот состав.
Од СДСМ повремено возвраќаа на обвинувањата, а некои од нив и со обвинувања кон актуелната опозиција за нивното владеење до 2017 година. Предлогот Џафери да биде претседател на Собранието кој беше потпишан од 62 пратеници го образложи Изет Меџити од ДУИ.
„Џафери ефикасно ја водеше работата на законодавниот дом и успешно го претставуваше Собранието на домашен и меѓународен план“, рече Меџити.
Токму тој , деновиве во медиумите се споменуваше како еден од двајцата пратеници од ДУИ кои се противеле на предлогот на Ахмети за двајца министри од скопското партиско крило и поради тоа одбивале да гласаат за Џафери, па седницата за неговиот избор наместо вчера, како што беше најавено се одржа денеска.
Инаку по оваа седница, следно собранието треба да ја изгласа и владата. Во новата влада која ја сочинуваат старите коалициски партнери СДСМ, ДУИ и ДПА, ќе има седум министри помалку, откако неделава Заев и Ахмети, покрај за коалицијата и составот се договорија и да нема министри без ресор. Договорот предвидува и Заев да биде премиер четири години, со икслучок на последните сто дена пред избори кога премиер би бил по предлог на ДУИ кои во предизборието водеа кампања за премиер Албанец.
Шест министри во неа ги задржуваат истите позиции- Радмила Шекеринска- одбрана, Венко Филипче- здравство, Оливер Спасовски, техничкиот премиер се враќа во Министерството за внатрешни работи, Насер Нуредини останува во животна средина, Крешник Бектеши во економија и Горан Милевски во локална самоуправа. Нови министри, пак, стануваат Бојан Маричиќ во правда, Ирена Стефоска во култура, Јагода Шахпаска во труд и социјала, Благој Бочварски во транспорт и врски, Артан Груби, кој ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Аријанит Хоџа во министерството за земјоделство.
Видете и ова: Ќе издржи ли оваа влада четири години?
Во оваа влада има и неколку ротации- Бујар Османи од вицепремиер за европски прашања оди во Министерството за надворешни работи, од таму во ресорот кој досега го водеше, заминува досегашниот министер за надворешни работи Никола Димитров. Поранешната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска сега ќе го води секторот образование, а Фатмир Бесими, кој досега во различни влади беше министер за економија, за одбрана и вицепремиер за европски прашања, сега ќе биде министер за финансии. Се уште не се знае кој точно ќе биде прв човек на министерството за информатичко општество и администрација, ресор кој е еден од шесте кои ги доби ДУИ.
Од досегашниот владин состав во новиот ги нема министерката за правда Рената Дескоска, министерот за образовани Арбер Адеми, министерот за траспорт и врски Горан Сугаревски, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за земјоделство Трајан Димковски, министерот за култура Хусни Исмаили и министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Садула Дураки.
Овој е десетти парламентарен состав во независна Македонија. Во него има 120 пратеници, 46 од коалицијата „Можеме“ на СДСМ, 44 од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 15 од ДУИ, 12 од Алијансата за Албанците и Алтернатива, двајца од Левица и еден од ДПА. Oд нив 43 се жени и 77 мажи. Изборите се одржаа на 15 јули, а беа распишани по инсистирање на ВМРО-ДПМНЕ откако земјава лани есента не доби датум за преговори со Европската унија и покрај промената на името. Заев го доби мандатот за формирање на влада од претседателот Стево Пендаровски на 13 август, а според уставниот рок мнозинство требаше да договори до втори септемрви.