Незадоволството во ДУИ од кадровските решенија ја одложува седницата за избор на нова влада. Медиуми објавија дека двајца пратеници од ДУИ наводно најавиле дека нема да учествуваат во гласањето за Талат Џафери за претседател на Собранието и за избор на нова влада. РСЕ се обиде да стави во контакт со нив, но безуспешно. По договорот меѓу Зоран Заев и Али Ахмети за коалицирање, партиите ги избраа кандидатите за министри, но дел од имињата се камен на сопнување.
Новата влада ќе нема „меден месец“, од неа ќе се бараат резултати многу порано, вели аналитичарот Петар Арсовски.
„Новиот состав на владата на прв поглед дава некаква надеж дека политичките партии го слушнале гласот на електоратот, па нешто менуваат во смисла на поголема активност на владеење на право и некои структурни реформи. Охрабрува намалувањето на бројот на министерствата, второ некои позиции кои се фокусирани на борба за правда и против корупција дава некаква надеж, меѓутоа се уште е рано да се процени какви ќе бидат ефектите од таквите поставувања“, вели Арсовски.
Нова влада со старо нов состав
Новата влада ќе има 19, наместо како досега 26 министри. Во новата влада ќе нема министри без ресор. Остануваат вицепремиерски места, во случајов 4, од кои сега ќе има еден прв вицепремиер Артан Груби, кој ќе го менува премиерот кога е отсутен за да ги води седници или да прими делегации. А нова функција е и вицепремиерското место за борба со корупцијата кое ќе го предводи генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски. Но оваа влада е влада во континуитет и ќе ги нема они стандардни сто дена и резултати ќе се бараат многу порано, вели Арсовски.
„Прераспределбата во некои клучни сектори дава индиција дека владата сака да прати порака дека ќе бидат поактивни во наредниот период, но тоа ќе мора да го направат многу побрзо имајќи го в предвид целиот политички контекст околу изборите, целито наратив на изборите беше да се зафатиме побрзо со проблемите кои не очекуваат, така што тие не треба да очекуваат толерантност од јавноста во смисла на првите резултати“, вели Арсовски.
Видете и ова: Ќе издржи ли оваа влада четири години?И во новата влада остануваат старите кадри, со по некоја рокада, но речиси истите лица. Еден од принципите, на кои според лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на кои се темели старо-новата коалиција е тоа дека во сите ресори ќе предложат „квалитетни, одговорни и отчетни кадри од двете страни“. Досегашниот министер за надворешни Никола Димитров си го менува местото со колегата Бујар Османи, па Османи оди во МНР, а Димитров во СЕП. Мила Царовска по министерувањето во труд и социјала и вицепремиерското место за економски прашања, сега ќе го предводи министерството за образование. Од владата си одат Рената Десковска од правда, Горан Сугарески до транспорт и врски и Дамјан Манчевски од Министерството за информатичко општество и администрација. Досегашните пратенички Јагода Шапхаска и Ирена Стефоска ќе станат министерки, а од градоначалничка во министерка фотелја се сели Благој Бочварски. Досегашните високи владини функционери и советници на Заев, Бојан Маричиќ и Фатмир Битиќи исто така влегуваат во владиниот состав, првиот како министер за правда, а Битиќи како вицепремиер за економија. „Нови“ кадри од ДУИ се Фатмир Бесими за финансии, кој пред неколку години беше на неколку министерски позиции, а досегашниот пратеник Артан Груби ќе биде прв вицепремиер.
Според информации во медиумите, дел од членството на ДУИ не е задоволно од кадровскиот избор на министри, особено од Груби и Османи. Медиуми јавија дека незадоволство имало во огранокот на ДУИ во Чаир, во Сарај и во Струга. ТВ Алсат-М, јави дека пратениците од Чаир и од Сарај, Изет Меџити и Арбен Зибери ја бојкотирале седница на Централниот совет на ДУИ на која се разговарало за кадровските решенија. И тие наводно најавиле дека нема да гласаат за изборот на Талат Џафери за претседател на собранието. Ги побаравме пратениците за коментар, но тие не одговараат.
Старо-новите министри ќе треба да си создадат добри тимови околу себе ако сакаат да поместат нешто во своите ресори, без тоа колку и некој поединец да е добар нема да направи ништо. Пред новата влада стојат сериозни предизвици, а главен приоритет треба да и биде економијата и се разбира здравството вели професор Никола Дујовски од факултетот за безбедност. Тој вели дека имињата на министрите главно се познати и од нив и од тимот кој ќе го создадат околу нив зависи колку ќе успеат да го променат општеството.
„Потребни се суштински промени, кадровски промени, затоа што видовме дека тоа што не се промени од 2017 до 2020 беше на раб на сериозна казна од граѓаните. Права работа што треба да направат, според мене, е да променат суштински во човечките ресурси околу себе и да тргнат во имплементација на нови стандарди во работење. Без тоа веројатно ниту еден од министрите нема да биде успешен, бидејќи еден поединец нека биде и најдобриот во државата нема да постигне ништо“, вели Дујовски.
Тој додава дека министрите треба да се опкружат со сериозни тимови на професионалци, кои, како што вели, не мора да бидат партиски определени, за да може да ги поместат работите во ресорот. Од владата очекува да имаат заеднички ставови по многу прашања.
„Конечно да се посветат на економијата, мислам дека сите други ресори, па дури и евроинтеграциите, може да калкулираат, но во делот на економијата и во здравството не смее да има калкулации во наредните неколку месеци, па и години“, вели тој.
Села и Гаши – Владата е нелегитимна за Албанците и ќе има краток рок
Парламентарното мнозинство го сочинуваат коалицијата предводена од СДСМ која освои 46 пратенички места во Парламентот, потоа ДУИ со 15 и ДПА со еден пратеник. Доколку два пратеника одбијат да гласаат, тогаш не може да се изгласа нова влада, оти го нема потребното мнозинство од 61 пратеник.
По изборите што се одржаа на 15 јули, претседателот Стево Пендаровски мандатот за состав на владата на 13 август му го додели на Заев кој има уставен рок од 20 дена да состави влада.
Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагираа дека „коалицијата СДСМ – ДУИ е коалиција за спас за продолжување на криминалот и сламка за спас од одговорност за корупцијата и рекетот кој го спроведоа во изминативе три години“. Лидерите на Алијансата за Албанците Зијадин Села и на Алтерантива Арфим Гаши по објавувањето на коалицијата СДСМ-ДУИ рекоа река траењето на идната влада ќе биде многу кратко поради тоа што нема легитимитет.