Владата на СДСМ и ДУИ ќе биде нелегитимна за Албанците и нема да трае долго, рекоа денеска Зијадин Села од Алијансата за Албанците и Африм Гаши од Алтернатива, откако вчера лидерите на СДСМ и ДУИ се договорија за нова владејачка коалиција. Според нив, ДУИ победила со полнење кутии, закани и уцени и ги измамила гласачите со тоа што веднаш се откажала од нивното главно предизборно ветување за премиер Албанец, поради што и добиле гласови.
Видете и ова: Нова влада, стар штофКоалицијата на двете партии најави жесток отпор против ДУИ. Ќе се бориме да ја срушиме оваа нелегитимна влада на легален начин, рекоа лидерите на опозициските партии на Албанците.
Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села најави дека веќе нема да го дозволуваат „сталинистичкото однесување“ на ДУИ дека не е важно кој гласа, туку кој брои.
„Нека земат само едно гласачко место во Зајас, тие нека одберат, и нека покажат дека тие гласачи што гласале дента на изборите биле тука и ниеден што се наоѓа во Швајцарија, Германија или во Америка не гласал, тогаш ние јавно ќе се извиниме, ќе им го признаеме секој вид на легитимитет и ќе ја поддржиме секоја нивна одлука. Тоа може да го покаже Обвинителството, тие може да ја проверат гласачката книга каде што луѓето се потпишуваат и може по службена должност да побара информации дали тие граѓани на денот на изборите биле во државата“, рече Села.
Тој посочи дека поднеле десетици кривични пријави за изборна измама и оти сега е на потег обвинителството.
Гаши, пак, вели дека, освен кражбата, ДУИ ги измамиле луѓето да гласаат за нив со ветувањето за Албанец премиер, а веднаш по изборите се откажале од тоа.
„Се губи секаков легитимитет затоа што сте собирале гласови врз основа на тоа ветување. Оваа компонента на демократијата ако не ја вратиме, ќе изгуби смисла јавно искажаниот збор. Ние веќе не знаеме како да се однесуваме пред граѓаните, дали на следните избори и ние да лажеме, дали и ние да манипулираме“, рече Гаши.
Видете и ова: Договор за влада- Заев премиер сега, а сто дена пред избори кадар од ДУИНа новинарско прашање дали ќе гласаат за изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, Села рече дека го гласал Џафери кога било најтешко, а сега нема никакви проблеми па за него може да дојде да гласа и лидерот на ДУИ Али Ахмети. Села алудираше на насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, кога по изборот на Талат Џафери за претседател на Парламентот, демонстранти – поддржувачи на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ - упаднаа во Собранието и тепаа пратеници и новинари. Села тогаш беше тешко повреден и се бореше за живот, а Ахмети не присуствуваше на таа седница.
На предвремените парламентарни избори на 15 јули, Коалицијата на СДСМ освои 46 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива 12, Левица двајца и ДПА еден пратеник.
СДСМ и ДУИ постигнаа коалициски договор за влада. Двете партии го имаат потребното мнозинство од 61 пратеници. ДУИ се откажа од нивното главно предизборно ветување за премиер Албанец, но меѓу другото ги добива министерствата за финансии и за надворешни работи.