ЗЏМ Колектив со гудачки оркестар на Охридско лето 2020

Со програма подготвена специјално за 60 годишнината од постоењето на реномираниот фестивал Охридско лето, на 20 август, на сцената на Долни Сарај, со почеток во 21 часот, концерт ќе одржи ЗЏМ Колектив со гудачки оркестар под диригентство на Џијан Емин.

По нешто повеќе од месец дена од настапот на годинешното Скопско лето, ЗЏМ Колектив кој го чинат познати македонски уметници, зад кои стојат бројни концерти, награди и признанија а е дел од Здружението на џез музичари и слободни уметници на Македонија, со уште еден концерт на врвна летна културна манифестација. Овојпат, тие во чест на шесте плодни децении и значајни културни дострели на фестивалот Охридско лето, ќе изведат премиерно композиции создадени и аранжирани од страна на домашните творци, инаку членови на оваа асоцијација.

И, не само тоа зошто во оваа пригода, а согласно својата органска потреба да се исчекори чекор понапред, да се надминуваат постојните форми и да се прескокнуваат творечките граници, ЗЏМ Колектив на 20 август, на сцената на Долни Сарај, повторно ќе биде придружуван од гудачки оркестар во изведбата на музиката креирана од членовите на Биг бендот.

„По бројните концерти што ги имаме реализирано во текот на изминативе четири години од постоењето на Здружението еве уште еден кој е комплетно наш проект. Ова не е наш прв настап со гудачи зошто не смее да се заборави оној со Македонска филхармонија во 2018 година. Подоцна како Биг бенд остваривме уште бројни концерти меѓутоа најзначајното, најбитното за овој проект е тоа што нуди авторска музика на членовите на ЗЏМ. Тоа се избрани композиции адаптирани за да бидат слушливи за пошироката публика, за посетителите на овој Фестивал. Ние сметаме дека е ова еден по грандиозен проект чија намена е да не задира во некои алтернативни и експериментални води. Тоа во моментов го тргаме на страна и правиме еден убав проект во кој секој еден човек ќе може да седне, да ја слуша и да ужива во музиката што ја напишаа членовите на овој колектив. Нормално, нема да изостане ни бравурозноста и мајсторството на солистите коишто ќе бидат носители на изведбата“, вели Гоце Стефковски од ЗЏМ.

ЗЏМ Колектив на Скопско лето 2020

Од друга страна, Гудачкиот оркестар е составен од музичари на Националната опера и балет и од Симфонискиот оркестар на Филхармонија, а со нив ќе раководи мултиинструменталистот и диригент Џијан Емин.

„На мое и на големо задоволство на сите членови на Асоцијацијата на Здружението на џез музичари и слободни уметници на Македонија оваа година добивме прилика да настапиме на јубилејното 60-то издание на фестивалот Охридско лето и добивме прилика да настапиме на прекрасната сцена на Долни Сарај, место кадешто и порано сме имале бројни успешни настапи со различни состави и оркестри. Во случајов како ЗЏМ Колектив во малку по проширен состав гудачи и што е особено значајно со авторски композиции на членовите на Асоцијацијата. Тоа што мене лично ми импонира и ми годи е тоа што повеќе членови на ЗЏМ компонираат музика за составот, така да на некој начин музичарите почнуваат се повеќе и повеќе да влегуваат во тој креативен творечки опус којшто е повеќе од неопходен за нивниот раст, но особено за растот на сцената кај нас. На некој начин се воспоставува некаков културен натпревар кој ќе направи поубава, поуспешна композиција, кој ќе ги надополни тие дупки во целата таа слика за нашата современа музика. Нешто што поединечно кога правиме и не успеваме разбирливо да го заокружиме. Ниту еден Гордан Спасов, ниту Трајче Велков, Зоран Костадиновски, Сашко Николовски, ниту Гоце Стефковски, Кирил Кузманов или јас. Сите тие се фантастични музичари и многу ми е драго што нашата музика ќе ја претставиме токму вака во еден проширен состав“, смета Џијан.

Џијан Емин

Кон нивните кажувања во пресрет на овој несекојдневен концерт на ЗЏМ Колектив на Охридско лето, само уште информацијата дека овие уметници во догледно време, најверојатно во средината на септември годинава, ги очекува и настапот на уште една голема културна манифестација – Денови на македонска музика.