За четири пати намален протокот на грчки државјани преку Меџитлија

Граничен премин Меџитлија- Ники на границата меѓу Македонија и Грција.

Од околу 2000 грчки државјани пред почетокот на коронавирусот дневниот проток на Меџитлија сега е намален на 500. Грците кои доаѓаат во Битола велат дека доаѓаат поретко оти им е страв, а не дека им брани нивната држава.

За три четвртини намален е протокот на грчки државјани на граничниот премин Меџитлија-Ники на македонско-грчката граница поради корона-кризата. Службите на граничниот премин посочуваат дека пред појавата на заразата доаѓале дневно до 2000 посетители од Грција, а сега околу 500. Рампата на границата од македонска страна е подигната уште од 26 јуни, но дневно минуваат околу сто и педесет возила со грчки регистарски таблички.

„Страв им е на луѓето поради коронавирусот. Но, доаѓаат за нафта и друго гориво. Но, во пазарот да одат им е страв. Нѐ пуштаат на грчка граница, немаме проблем. Никој ништо не вели. Зеленчук можеме да внесеме, но месо и млечни производи не оставаат. Сепак, народот се плаши да доаѓа како порано, a не дека нешто ни се вели во државата за да е доаѓаме тука“, вели Костас Котопулус од Лерин.

Нови правила за влез во Грција преку „Евзони“

Грчките државјани од северните делови на Грција пред појавата на коронавирусот масовно доаѓаа на пазарување во Битола. Тука се облекува, правеа фризури, поправаа заби, посетуваа казина и ресторани. Сега најчесто можат да се сретнат по бензинските пумпи каде ги полнат возилата со гориво зашто им е поевтино и по некој посетител може да се затекне по бутиците.

„Бројката е намалена поради постоење на страв кај тие муштерии и не се чести посетители само поради стравот. Муштериите велат дека кај нив имало информации дека има премногу заболени тука и им било страв да доаѓаат“, вели битолчанецот Сашо Видановски.

Видете и ова: Корона-кризата го одложи отворањето на граничниот премин Маркова Нога

Намалениот проток бележи благ пораст за време на пазарните денови во Битола, вторник и петок.

„Протокот на патници и возила е во намален обем. Во изминатите години често доаѓаа,до 2000 патници дневно, сега таа бројка е намалена и имаме околу 500 кои доаѓаат од Грција во Република Северна Македонија за задоволување на нивите потреби. Кризата со ковид-19 придонесе кај тамошното население да има загриженост и исплашеност од состојбите“, рече Киро Крстевски, помошник командир на полициската станица за граничен премин Меџитлија.