„Парите не дојдоа до работниците – Газдите злоупотребиле 10 милиони евра помош за време на корона кризата“ – ова е насловот во Вечер за финансискиот скандал актуелен деновиве во медиумите и во јавноста. Весникот ја пренесува информацијата на Телма од владини извори дека парите биле од државната помош за исплата на минималец од 14.500 денари на работниците што не им биле исплатени за април и мај во голем број фирми за да не бидат отпуштени од работа во време на кризата. Вечер ја пренесува и изјавата за Телма на генералниот секретар на Владата, Рашковски дека „ќе побараме од Обвинителството покренување постапка за утврдување кривична одговорност против одговорните лица во компаниите“.
Најновата вест во Слободен печат гласи: „Објавена листата на фирми кои зеле државна помош, а не исплатиле минималец“ и дека „Под притисок на јавноста дел од фирмите побрзале да ги исплатат заостанатите плати... за да избегнат санкции“. Порталот СДК.МК со следниов наслов ја објавува истата вест: „Злоупотребени се 23 милиони денари, појасни УЈП откако Владата го објави списокот на фирми што не ја исплатиле државната помош на вработените – списокот на фирмите е објавен на веб страницата на Владата, но оттаму не кажуваат дали ќе има казни за газдите“.
Порталот Република со малку поинаков наслов: „Пиши-бриши: Владата пуштила погрешна листа со фирми што ја злоупотребиле владината помош – на списокот за кратко се најде и ТВ21, па беше повлечена во ажурираниот список што доцна вечерта во четвртокот го објави Владата“. Република, инаку, не го објавува демантот на ТВ21 дека не е точно дека не им се исплатени минималците на нејзините вработени од државната помош што повеќе други електронски медиуми го објавуваат заедно со факсимил од платниот список како доказ.
Друга тема што доминира во електронските и печатените медиуми, се разбира, е короната. Нова Македонија насловува: „Неодговорноста го јакне вирусот и ја слабее државата – правопропорционално со растот на заразени од вирусот се зголемува и неодговорното однесување на луѓето, кои опуштени од укинувањето на рестриктивните мерки сѐ почесто ѝ сѐ помасовно не ги почитуваат препораките и протоколите за заштита - сѐ посериозно станува непочитувањето на забраната на масовни собири - забави по ноќни клубови, семејни забави, свадби и прослави стануваат речиси секојдневие, а за тоа никој не сноси никаква одговорност“.
Видете и ова: „Вакцински национализам“ - секоја земја сама за себе?Истиот весник и уште некои портали ја објавуваат информацијата дека „Светска банка го поддржа предлог-проектот за справување со ковид-19 што на работен состанок со експерти од Светска банка и нејзини претставници во земјава ја образложи министерот Венко Филипче. Проектот, инаку, предвидува подобрување и надградување на македонската здравствена инфраструктура за побрзо и соодветно менаџирање на случаите со корона вирусот“.
Главна тема во порталите Република, Курир.мк и на Вечер е интервјуто на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за ТВ Алфа со критики на СДСМ и нејзиниот прв човек, Зоран Заев. Отприлика се извадени истите поенти: „Мицкоски: Ако никој не успее да формира Влада, не ја исклучувам можноста за нови предвремени парламентарни избори“; „Темелна кадровска реформа во сите структури на ВМРО-ДПМНЕ“; „Мијалков одработува и е во скутот на Заев, судиите забораваат да закажат рочиште кога тој е во прашање“; „Главните кои спроведуваа вонинституционален поткуп беа градоначалниците на СДСМ“: „Подобро да падне Заев отколку индустриското производство - порачува ВМРО-ДПМНЕ“; „Мицкоски: На 15 заболени прогласија вонредна, на 150 заболени распишаа избори“, и така натаму.