И лекарите и медицинските сестри се луѓе, може и да згрешат кога се преморени и исцрпени како сега во време на пандемијата, разбирање треба да се има, но со оружје да се влезе во болница е нешто надвор од секој разум и многу страшно, реагираат луѓето од фелата по вчерашниот обид за напад во скопската градска болница „8 Септември“. Вчера едно лице било приведено во полициската станица Гази Баба поради инцидентот. Како што информираат од МВР приведениот бил позитивен на коронавирус и не ја почитувал претходно издадената наредба за самоизлолација. Од болницата велат дека инцидентот се случил кога роднини на почината 60-годишна пациентка од КОВИД-19 се обиделе да го земат телото на починатата и упатиле закани на докторката.
Една од докторките кои работат во болницата 8 септември, а која вознемирена поради вчерашните случувања побара да остане анонимна, вели дека 4 месеци се борат да спасуваат животи и дека веќе се при крај со силите. Им се случува на лекари и медицински сестри да колабираат од умор, да повраќаат од стрес и напор. Таа објаснува дека стравот од напади и закани кои ги добиваат им ја отежнува и без тоа тешката работа.
„Губењето на битката со ковид-19 и смртта на неколку пациенти во една смена е најстрашното нешто што може да му се случи на доктор, но правиме се што можеме“ вели таа.
Видете и ова: Тепањето не е решение за незадоволството од здравството
Во меѓувреме на социјалните мрежи лекари споделуваат негативни коментари од граѓани со што покажуваат со каков бес и агресија се справуваат во нивната работа од другата страна.
Во вчерашниот инцидент еден од приведените бил позитивен на коронавирусот и тој е спроведен во полициска станица со специјални протоколи, по што бил спроведен во државен карантин на сопствена сметка, велат од МВР. Починатата пациентка пет дена била на респиратор во болницата „8 Септември". Согласно протоколите починатите пациенти од КОВИД-19 ги подигнува специјална екипа од погребалното претпријатие Бутел опремена со скафандери и друга специјална опрема.
Микробиологот Никола Пановски вели дека атмосферата е страшна, затоа што и граѓаните и лекарите се нервозни поради здравствената криза која настана од пандемијата со ковид-19.
„Нервозни се, како што се и докторите, а и луѓето, но и од коментарите од некои кои што се дрзнаа да ги оправдуваат овие што нападнале, може ли да замислите каква е состојбата“ вели Пановски.
Поранешниот претседател на Лекарската Комора доктор Владимир Борозанов денеска вели дека една од причините за агресивното однесување на граѓани за време на пандемијата се и различните ставови околу болеста на политичките партии. Тој бара политиката да ги тргне рацете од здравството и да не стимулира агресивно однесување кон здравствените работници.
„Политиката има задача атмосферата да ја направи подобра, да стимулира соработка меѓу пациентите и лекарите, а не да ги втурнува во ситуација да бидат непријатели, лекарите и пациентите мора да бидат пријатели, а денеска немаме ништо од тоа“ вели Борозанов.
Тој вели дека лекарите се преморени од справувањето со коронавирусот и ним не им е лесно кога гледаат како им умираат секој ден по двајца-тројца, за кои се труделе да им го спасат животот и луѓето треба да имаат разбирање кон нив. Додава дека една од грешките е недоволното спроведување на акционен план за да може здравствениот систем да се одржи стабилен.
Пановски смета дека здравствените власти мора да преземат мерки со кои ќе се забрани ширењето на говор на омраза кон лекарите и кампања за покренување на свеста на граѓаните за опасните последици од лажните вести кои веќе 4 месеци се шират.
Министерот за здравство Венко Филипче најостро го осуди инцидентот кој се случи синоќа во ГОБ „8 Септември“.
„Ова е чин на крајно непочитување на сите здравствени работници кои повеќе од 4 месеци деноноќно се борат за секој човечки живот. Ова е дискредитација на нивната работа, нивниот труд и жртва, ризикот на кој се изложени и одрекувањата,“ напиша Филипче на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук .
Незадоволството од здравствените политики дел од матичните лекари и Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти најавија дека ќе го изразат на протест. Тие најавија дека на денот на предизборен молк, ќе молчат во знак на протест за целата негрижа кон матичните лекари. Тие ќе протестираат против, како што велат, игнорантскиот однос и непостоењето никаква поддршка од почетокот на пандемијата до денеска за матичните лекари.
Видете и ова: Се отвори бизнисот, порасна бројот на заболени од Ковид19
Нивните барања се итна помош во медицинска заштитна опрема, дезинфициенси и сл., право да упатуваат пациенти на тестирање по нивна процена како лекари, а не алгоритам, член претставник од матичните лекари во комисија за заразни болести, како и помош во вид на итно ангажирање на млади колеги кои веднаш ќе се вклучат во системот, а во моментов седат дома без работа.
Бројките на новозаразени од Ковид-19 во текот на јуни ја ставаат Северна Македонија во редот на најтешко погодените земји во светски рамки од пандемијата- и според регистрираните случаи, но и во однос на смртноста.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 6334, бројката на оздравени пациенти е 2475, на починати е 302, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3557.