Министри, градоначалници, директори на јавни претпријатија се и носители на листи и кандидати за пратеници. Тие во меѓувреме вршат и изборни активности и работи кои се во рамките на функцијата што ја извршуваат. На стартот на кампањата премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерките Мила Царовска и Радмила Шекеринска, министри, заменици министри, градоначалници, направија увид во градежни работи на патишта, градинки, офицерски дом, посетуваа фирми. Законот тоа не го забранува.
Во предизборниот период со државни пари или со пари од јавни фондови не смее да се почне изградба на инфраструктурни објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот. Не смеат да се одржуваат јавни настани поврзани со почеток на изградба или пуштање во употреба на некој објект направен со буџетски пари или пари од јавни фондови.
Функционерите и носителите на јавни функции во предизборна кампања не смеат да користат канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста.
Видете и ова: Кампањата е веќе црна иако почнува денескаТенка е линијата меѓу државни и партиски активности
Тешко е да се постави линија и да се разграничи што е партиска активност, а што е активност на носител на некоја функција во изборна кампања, вели поранешниот антикорупционер Драган Малиновски.
„Ако е некој министер или директор на некое јавно претпријатие или фонд и тој оди во посета на некоја тековна инвестициска активност, во тоа може да се препознае и извршување на функција и на некој начин да се поврзе со кампањата во која се наоѓаат политичките партии. Се сложувам дека е тешко и проблематично да се разграничи“, вели Малиновски.
Тој вели дека и медиумското покривање на тие активности може да биде проблематично.
„Ако се оди да се види до каде е некоја инвестициона активност и тоа не е покриено медиумски може да се прифати тоа дека функционерот или раководителот сака да види до каде е активноста, меѓутоа доколку е тоа најавено и проследено со големо медиумско покривање очигледно дека тука целата работа може да биде сосема друга“, вели Малиновски.
Тој посочува дека со секој изборен процес треба да се градат позитивни практики и да се почитуваат препораките кои ги дава Државната изборна комисија.
Ивановска - Со повеќе алатки ќе се бориме против корупцијата за време на избори
Во предизборниот период со државни пари или со пари од јавни фондови не смее да се почне изградба на инфраструктурни објекти, како патишта, водовод, канализација, спортски игралишта, градинки, школи, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот.
Не смеат да се исплаќаат надоместоци и субвенции, освен ако не се редовни месечни исплати. Не смее да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори. Не може да се вработуваат нови лица, ниту пак да се прекине работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи. Во итни и неодложни работи спаѓаат замена на отсутен работник поради подолго боледување или отсуство, смрт на вработен, изведување сезонски работи за кои однапред е утврден потребниот број лица и се обезбедени средства со годишните програми, како и вработување на определено време на наставен кадар за непречено одвивање на образовниот процес.
Видете и ова: Партиите ветуваат „брда и долини“ како да нема корона-кризаНа функционерите не им е забрането да даваат изјави на митинг, да даваат интервју, да учествуваат на дебати и да одговараат на новинарски прашања.
Од Државната комисија за спречување на корупцијата апелираат државните активности да не се мешаат со партиските во изборниот период.
Доколку има сомнение дека некој го прекршува законот, Антикорупциска ќе презема мерки за утврдување на таквите сомневања, ќе ги извести надлежните органи и ќе бара тие да постапат.
Државната комисија оваа година со повеќе алатки ќе се бори против корупцијата за време на изборите.
„Оваа година веќе се поврзавме со банките каде што се отворени наменските трансакциски сметки и таму на дневна основа ќе ги следиме сите промени на трансакциските сметки. Од друга страна, во соработка со Министерството за труд и социјална политика го обезбедивме списокот на примателите на социјална помош да не случајно тие се појават како донатори на политичките партии, а исто така го следиме и списокот на невработени од Агенцијата за вработување, да не се случи и некои кои се невработени да се јават како донатори. Од тој аспект будно ќе го следиме процесот на финансирање на политичките партии и од друга страна ќе го следиме користењето, односно условно речено злоупотребата на буџетските средства. Оваа година го имаме ажурираниот регистар на службени возила, кој и минатата година беше ефикасна алатка која детектираше злоупотреба на службени возила за партиски цели и за одење по кампањи надвор од работното време“, рече претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска во интервју за РСЕ.
Премиерот Спасовски порача дека не смее да има никакви злоупотреби во текот на изборниот процес, посебно не од страна на државните функционери.
„Секоја злоупотреба на државен ресурс за партиски цели ќе биде најстрого санкционирано. Институциите сега се транспарентни, не се како порано затворени и граѓаните имаат целосен увид. Оваа порака ја упатувам најмногу до функционерите и до сите оние коишто имаат пристап до државните ресурси“, рече премиерот Спасовски на прес-конференција во Владата.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на прес-конференцијата на Спасовски, велејќи дека тој е носител на листа на СДСМ, а прес конференцијата во владата ја искористил за, како што наведуваат, пласирање на празни партиски флоскули и манипулации.
Видете и ова: Ќе донесат ли изборите стабилност?Јавното обинителство формира привремена Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со изборите. Комисијата на дневна основа ќе ги следи сите настани од државата поврзани со процесот на организирање и спроведување на изборите.
На предвремените парламентарни избори закажани за 15 јули ќе се избира десеттиот парламентарен состав. Ова се први избори откако земјата стана членка на НАТО. Изборниот процес се одвива во време кога Македонија ја очекува и преговарачка рамка од ЕУ за членство во Унијата. Изборите првично беа закажани за 12 април, но поради пандемијата беа одложени, па повторно закажани за 15 јули.