Европа се обидува да го спаси летниот туризам, но и да ја зачува безбедноста на граѓаните. Бидејќи некои држави внимателно ги отвораат границите, се обидуваат со нови стратегии да го ограничат ширењето на коронавирусот. Литванија, Латвија и Естонија ги задржаа стапките на Ковид-19 на ниско ниво. Така, тие дозволуваат влез само на посетители од балтичкиот „туристички меур“.
„Нема да нè врати назад таму каде што бевме пред кризата, да, но делумно ќе ни помогне да спасиме работни места. Барем некои од работните места“, вели Зидре Гавелиене, шеф на Литванскиот туристички борд.
Црногорски правила
Патничкиот меур може да се прошири, но тоа ќе зависи од стапката на инфекција во другите земји. Црна Гора презема слична стратегија откако се прогласи за „ослободена од коронавирус“. Според упатствата на СЗО, тоа ќе биде и официјално ако немаат потврдени случаи пред 2 јуни.
„Денес, 68 дена по првиот регистриран случај на инфекција со коронавирус, во Црна Гора нема повеќе заразени лица“, вели црногорскиот премиер Душко Марковиќ.
За да го задржи тој статус, Црна Гора прима само патници од земји со помалку од 25 случаи на 100.000 луѓе. Тоа ги исклучува честите посетители, како Британците и Русите.
Видете и ова: Наскоро отворени граници, но со мерки за превенција
Мицотакис: Преземаме мерки, ништо нема да ги засени убавините на Грција
Некои земји, како Австрија, бараат негативен тест на Ковид-19 за странците кои ја преминуваат границата. И Грција при пристигнувањето тестира избрани патници.
„Постепено, од 1 јули ќе започнат директни меѓународни летови до туристичките дестинации. Ќе има тестирање на одбрани посетители, а ќе се почитуваат здравствените и хигиенските протоколи, кои нема да ги засенат ни нашето светло сонце, ни природната убавина на Грција“, грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис.
Низ цела Европа, се спроведуваат мерки за одржување на физичкото дистанцирање, како нормален дел од животот.
„На рецепција држиме растојание, носиме раквици и маски, исти така и во кујната и на појадокот, така што избегнуваме секаков контакт. Појадок ќе се служи в соба, откажавме самопослужување. Но, дури и ако клиентот сака да седне на маса за време на своето слободно време, ние ги оддалечивме масите за да нема контакт и метеж“, вели Панагиотис Петрис, хотелски менаџер од Санторини, Грција.
Според некои податоци, туризмот сочинува 10 отсто од економијата на Европската унија. Безброј вработени и претприемачи се очајни за повторно отворање на бизнисите. Во обид да привлече туристи, Кипар ветува дека ќе ги покрие трошоците за одмор за секој што ќе се зарази за време на одморот во таа држава.