Вонредни парламентарни избори ќе има во јуни или ќе нема, ќе бидат ли во јули или нема да бидат... Главна тема во медиумите кои ги пренесуваат ставовите на партиските лидери. Особено откако на лидерската средба токму во врска со датумот за избори, што ја свика претседателот на државата, Стево Пендаровски, немаше договор за датум, туку само договор дека следната недела ќе се одржи нова лидерска средба.
Видете и ова: Договор за избори нема, нова лидерска следната недела
А неделникот Фокус воведната колумна ја посветува токму на тоа: „Лидерските средби и натаму остануваат феномен на современото политичко дејствување“ – пишува авторот.
„Политички бај-пас за надминување и на најсложените проблеми во државата. Можеби не се најдобриот начин за политичко договарање, но сѐ уште се најбрзиот и најуспешен модел за излез од политичките кризи или компликувани ситуации“.
„Ќе има митинзи и одење од врата на врата“ наслови Нова Македонија информирајќи дека Комисијата за заразни болести го испратила протоколот според кој ќе треба да се одржуваат претстојните избори до техничкиот премиер Оливер Спасовски и до претседателот на државата.
Вечер, настапот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на ТВ Телма пред некоја вечер го пренесува во осум наслови сите на темата избори и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. „Мицкоски: Новата вонредна состојба не им треба да го заштитат народот, туку за да носат уредби за поткуп на гласачите“, гласи еден од насловите. „Мицкоски: Владата задоцни со мерките за помош на стопанството, сега е доцна за мерки, потребна ни е стратегија“ – уште еден наслов во Вечер.
Освен деталното пренесување на интервјуто на Мицкоски за Телма, порталот Курир.мк ги консултирал професорката Каракамишева и поранешниот пртседател на ДИК, Даштевски, па насловот на поширокиот текст гласи: „Аналитичарите едногласни: Протоколот за одржување на изборите е направен под притисок на власта, избори пред септември не се можни“.
Вечер и порталите Курир.мк и Република ги пренесуваат колумните на Владимир Милчин и на Ивор Мицкоски во кои се критикува власта на СДСМ и неговиот прв човек, Зоран Заев. Насловот на колумната на Мицкоски гласи: „Тотална бесмислица и надвор од здрава логика е да има митинзи и ʼврата до вратаʻ“, а текстот на Милчин објавен на порталот Плусинфо со наслов: „Прематарски марифети“ овие медиуми го објавуваат со свој наслов: „За карактерот на Зоран Заев“.
Порталот на Фокус ја објавува реакцијата на СДСМ на интервјуто на Мицкоски за Телма: „Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не сакаат избори и институции со полн легитимитет, туку сакаат да создадат политичка криза од која се надеваат дека ќе профитираат, но не му бега изборен пораз“.
Слободен печат пишува дека „Датумот за избори ќе го одреди одлуката за евентуално ново продолжување на вонредната состојба која истекува во сабота, на 16 мај“.
Видете и ова: Ковид-19: Кој е најзагрозен и каде е најопасно?
СДК.МК, пак, објавува дека „Нема тема за лидерските кај Пендаровски, за Уставен суд нема проблем да има избори 22 дена по вонредната, Оливер Дерковски потпишал“, објавувајќи факсимил од потпишаната одлука на ДИК „со која се запреа сите предизборни активности, а преземените до 22 март остануваат важечки“, објаснувајќи дека Уставниот суд, со неповедувањето постапка за владината уредба со која поради пандемијата ДИК ги запре сите предизборни активности, ѝ отвора пат на Комисијата веднаш по завршувањето на вонредната состојба, а доколку нема нова, да ги заврши обврските и во рок од 22 дена да се одржат изборите. СДК.МК прашува зошто тогаш Дерковски бара подготвителен рок од 50 дена?
Ковид-19 продолжува да е во фокусот и на странските медиуми. Нова Македонија ја пренесува веста дека „Во Вухан, градот каде што се појави вирусот има втор бран заразени, се тестираат сите 11 милиони жители“. И веста дека „Неквалитетни маски пристигнаа од Кина во ЕУ, повлечен цел контингент“. Маските не одговарале на европските стандарди за квалитет.