Вонредната состојба - успешни мерки или и промашувања

Претседателот Стево Пендаровски во посета на Институтот за јавно здравје

Македонскиот советот за безбедност донесе одлука за прогласување на нова вонредна состојба во државата која ќе биде на сила до 16 мај. Претседателот Стево Пендаровски очекува применување на моделот на општина Дебар и во општина Куманово.

Изминаа 30 дена од воведувањето на вонредната состојба, а пред нас е продолжување со уште една 30 дневна рестриктивна мерка. Новата одлука е во сила до 16 мај.

Претседателот Стево Пендаровски по завршувањето на состанокот на Советот за безбедност изјави дека анализата покажала дека е неопходно прогласување на формално правно – нова вонредна состојба од 30 дена .

„Мојот став е дека за ситуацијата во Куманово ќе треба посебен фокус и внимание и можеби и многу брзо ќе треба и таму да го примениме успешниот модел од Дебар и Центар Жупа, затоа што станува збор за општина од над 100 илјади жители и претставува огромен потенцијал за ширење на вирусот. Последните денови трендовите се негативни и во Прилеп, а главниот град поради големината на својата популација останува предмет на постојан засилен мониторинг и анализи. Согласно анализите и преценки за период кој следи јасно е дека потребно прогласување на нова вонредна состојба во следните 30 денови“ изјави Пендаровски.

Тој истакна дека ја охрабрува Владата по завршувањето на празникот да излезе со јасна егзит стратегија од наметната ситуација. На 18 март беше прогласена првата вонредна состојба на територија на цела држава во траење од 30 дена.

Во земјава се забележува зголемен раст на новозаболени, иако се уште не е достигнат очекуваниот пик за кој министерот за здравство Венко Филипче рече дека ќе изнесува околу 2 илјади заболени. Од почетокот на епидемијата во Македонија се регистрирани над илјада дијагностицирани случаи со Ковид-19 и досега евидентирани 45 починати.

Поранешниот министер за здравство Арбен Таравари вели дека Владата не требаше да бара продолжување на вонредната состојба, туку дека од 20 април треба да почне со планираното олеснување на рестриктивните мерки.

„Мислам дека Владата требаше овие последни десетина дена да работи на кампања за луѓето да се едуцираат, да бидат што посвесни за состојбата, не е решение да ги заклучиш луѓето дома, бидејќи и тие рестриктивни мерки не се почитуваат како што треба. Вие гледате дека до 4 часот секаде има гужви, подобро да им се дозволи на луѓето да се движат, но и да се припази на луѓето да ги почитуваат мерките од СЗО. Не е решение да ги затвориш луѓето дома затоа што не ти функционира здравствениот систем, вели Таравари.

Видете и ова: Смртност од Корона - Подобри од ЕУ, полоши од Балканот


Тој смета дека досегашни рестриктивни мерки дале одредени резултати, но, не доволно.

„Иако Македонија во однос на регионот сме шампиони со број на заболени и смртност, тестирани луѓе не се колку што треба, иако властите велат дека имаме најмногу во регионот тестирани. Но повторно сме позади три, четири држави. Ако се споредуваме само со Албанија и Косово, тогаш да сме направиле повеќе тестови од нив на милион жители. Бројката засега е задоволителна рестриктивните мерки дадоа одредени резултати,“ вели Таравари.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека пикот на заразата од коронавирусот се уште не е достигнат и дека по укинувањето на рестриктивните мерки нема да биде секаде исто онаму каде што се прават „големи гужви или редици“, како во маркетите или рестораните, наведувајќи дека очекува така да биде во сите земји во светот.

„Ние правиме наши автентични модели како ќе се организира работата во сите економски оператори – фирми, ресторани... спред спецификата на дејноста, фреквенцијата и начинот на движење на луѓе и сето тоа ќе биде во сила дотогаш кога ќе кажеме дека овие мерки веќе може да престанат да важат или барем постепено укинување, во смисла на ублажување таму каде што мислиме дека треба во одредени дејности, во одредени региони“, рече Филипче.

Во меѓувреме, во регионов каде што се воведени слични мерки со строги ограничувања на движењето, Македонија е втора на листата со починати од Ковид – 19. Според последните објавени податоци во земјава има 21 починат на еден милион жители, а пред Македонија е Словенија со 27 починати на еден милион жители. Сите други држави се зад нас, односно во Грција има десет починати на еден милион, во Хрватска осум, во Босна и Херцеговина 12, во Бугарија пет, во Албанија осум починати на еден милион жители, а во Црна Гора шест.

Таравари вели дека причината за зголемената смртност во земјава се должи на ненавремено дијагностирање.

„Повеќето пациенти, ако не се лажам, околу десетина воопшто не дојдоа до болница, во нивните домови или пред болница беше дијагностицирано дека имаа коронавирус, затоа се инсистира што повеќе да се тестираат луѓето за правовремено да бидат примени во болници и да можат да добијат медицинска помош“, објаснува Таравари.

Видете и ова: Лекарите против вирусот, НАТО против „виросаните“ вести


Според епидемиологот доктор Жарко Караџовски, мерките кои ги донесе Владата во текот на вонреднатс состојба се донесени со консензус врз основа на одлуките на Кризниот штаб и на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство. Тој вели дека надлежните ја следат состојбата во земјите во регионот и во Европа, а дека мерките на државата се преземени на време и оти даваат резултат.

Дополнително велигденските празници граѓаните ќе ги поминат во строг полициски час од 85 часа затворени во својот дом.Владата забрани движење на граѓаните од петок во 16 часот до вторник 5 часот наутро. Целта на новите мерки е да се спречи ширењето на коронавирусот велат од Владата. Законска основа за затворање на верските објекти вели не постои и останува на одговорноста на самите граѓани да ги почитуваат владините мерки и забрани, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Црква, чаршија, политика...

„Сега е моментот кога велигденските празници сите заедно треба да ги прославиме дома во кругот на семејствата. Ние немаме одлука за затворање на верски објекти, ниту за непрактивување на верата затоа што тоа не може да се донесе, дури во ниту една состојба да се наоѓа државата тоа е право кое е неприкосновено. Но, знаете, имаме одлуки и ставови и на МПЦ и на ИВЗ, што се однесува до почитувањето на мерките на Владата за одржување социјална дистанца. Апелирам за велигденските празници да се остане дома. Така најмногу ќе придонесеме за спречување на вирусот“, истакна Спасовски при посетата на Куманово.

Рестриктивните мерки пред Велигден, пак, беа очекувани, а неколкупати како можности ги спомена и Филипче. Со празни храмови и верниците кои слават Велигден според Јулијанскиот календар викендов што помина го пречекаа празникот.

Според последните бројки до попладнево во светот има над милион и 900 илјади болни од коронавирус, а над 120 000 починале. Речиси сите европски земји имаат воведено рестриктивни мерки на движење, а неколку балкански како Македонија, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина и полициски час.