Коронавирусот ќе направи буџетска дупка меѓу 700 милиони и 1,3 милијарди евра

Прес-конференцијата на министерката за финансии Нина Ангеловска.

Поради намалената економска активност поради коронавирусот во буџетот за годинава ќе се направи дупка меѓу 700 милиони евра и 1,3 милијарди евра. Пари за пополнување на буџетската дупка ќе се обезбедуваат со задолжување од меѓународните институции. Од ВМРО-ДПМНЕ предлагаат институциите јавно да кажат каде ќе скратат од своите пари и препорачуваат забрзување на капиталните инвестиции да за да зголеми економската активност.

Економските ефекти од пандемијата на коронавирусот веќе на големо се чувствуваат, а влада проценува дека поради намалената економска активност во буџетот за годинава ќе се направи дупка меѓу 700 милиони евра и 1,3 милијарди евра. Парите ќе се обезбедуваат од задолжување во странство. Министерката за финансии, Нина Ангеловска, вели дека буџетските расходи ќе се реализираат целосно, но ќе се промени структурата, односно ќе има пренамена на парите меѓу буџетските корисници. Ќе има кратење на непродуктивни расходи, за да има пари онаму за што ќе требаат и за да има пари за реализација на економските мерки.

Според оптимистичкото сценарио на владата, се предвидува пад на приходите од 20 отсто, односно дефицит од 700 милиони евра, со неповолното сценарио, падот на приходите ќе биде 30 отсто, односно дупка од околу 1 милијарда евра, и според најнеповолното, доколку приходите паднат за 40 проценти, на државата ќе ѝ фалат 1,3 милијарди евра. Ефектите врз економијата во голема мера ќе зависат од тоа колку време ќе трае пандемијата на коронавирусот. Во сите три сценарија, се очекува најголемиот удар врз економијата да биде во второто тримесечје од годинава.

Субвенции помош и минимална плата

Министерката Ангеловска вели дека буџетот се полнел според планираното од почетокот на годината, до 20 март, но потоа почнал падот.

„Почнувајќи од 20 март, кога почнаа да се чувствуваат ефектите од здравствените мерки за спречување на ширење на коронавирусот, се забележува остар пад на даночните приходи од околу 25 проценти во просек на дневно ниво. Ова доведе до вкупен пад на даночните приходи во март за 11 проценти во однос на претходната година, а тоа се должи генерално на падот на данокот на додадена вредност, пад на акцизите и падот на данок на добивка, а тука треба да се има и предвид дека имаше компании кои предвреме го уплатија својот данок на добивка“, вели Ангеловска.

Пари за пополнување на буџетската дупка ќе се обезбедуваат со задолжување од меѓународните институции. Владата веќе најави задолжување до издавање на еврообврзницата од скоро 600 милиони евра.

„Овие средства, 600 милиони евра, се доволно да се финансираат реализацијата на расходната страна, економските мерки и евентуалните дополнителни потреби на здравствениот сектор“, вели Ангеловска.

ВМРО-ДПМНЕ со предлози до владата

Таа најави дека државата навремено, па дури и предвремено ќе ги плаќа обврските кон приватниот сектор и редовно ќе врши поврат на ДДВ.

Владата во два наврати предложи сет економски мерки за помош во справувањето со последиците од коронавирусот. Првиот сет вклучува бескаматни кредити и поддршка за исплата на плати за микро, мали и средни претпријатија од погодените сектори – угостителско, туризам и транспорт. .Вториот сет вклучува, меѓудругото, минимална плата за функционери, плати за оние кои изгубиле работа, поволности за фирмите.

Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ вели дека економскиот сет на мерки треба да се преиспитаат, дека мерките доцнат и дека стопанството и граѓаните непотребно се изложени на непредвидливост. Тој вели дека не гледа програма за вонредно прераспределување на средствата со цел да се помогне во справувањето со економската состојба, туку, како што вели, владата си продолжува да троши како ништо да не се случува.

„Ова особено се однесува на месец март, ќе видиме за понатаму. Тоа може да се види од податоците за извршување на буџетот за февруари, а нашите информации говорат дека истата практика продолжува и во март. Препорачуваме да се направи итна прераспределба на средствата во државниот буџет, повеќе средства за здравството, а помалку за непродуктивни трошења, секоја институција во јавниот сектор поединечно да направи кратење на непродуктивните средства по конто и тие јавно да ги објави, со цел потврдување или не на искрените намери на оваа Влада во насока на заштеди во буџетот“, вели Славески.

ВМРО-ДПМНЕ препорачува и забрзување на спроведувањето на капиталните инвестиции за кои има пари за да се зголеми економската активност.

Видете и ова: Ангеловска: Задолжувања и кратења за да се преживее

Шефицата на ММФ, Кристалина Георгиева изјави дека светската економија веќе е влезена во рецесија поради пандемијата од кронавирусот. Според неа, на државите ќе им требаат најмалку 2,5 билиони долари финансиска помош да ја преживеат кризата. Таа ги повика државите да одговорат со масовно зголемување на потрошувачката со цел да избегнат банкрот.

„Сега е јасно дека влеговме во рецесија која е подеднакво лоша или полоша од таа во 2009 година“, рече Георгиева, додавајќи дека кризата ќе се продлабочува.

ММФ, како што наведе таа, добила барања или прашања за финансирање на итни случаи од 81 земја, при што од 50 земји со ниски приходи и 31 земја со среден приход.