Субвенции за фирмите, помош за работниците, функционерите на минималец

Илустрација-Прес-конференција на премиерот Оливер Спасовски

Владата излезе со сет мерки за надминување на економската криза од коронавирусот, меѓу кои минимална плата за функционери, плати за оние кои изгубиле работа, поволности за фирмите. Економистите оценуваат дека се доцни со мерките.

Администрацијата нема да зема минимална плата, туку два месеца, 14 500 денари колку што изнесува таа, ќе земаат избраните и именуваните функционери меѓу кои претседателот, премиерот, градоначалниците, пратениците, одлучи владата на седница. Пакетот во кој има седумнаесет мерки го презентираше премиерот Оливер Спасовски.

„И јас и Владата сметаме дека ако треба да направиме солидаризирање тогаш ние тоа треба први да го направиме и сите до еден да ја покажеме солидарноста“, рече Спасовски.

Тој појасни дека минимална плата за април и мај ќе биде обезбедена и за спортските работниции, за самостојните уметници, како и придонесите на плата, а 50 отсто од висината на просечната плата ќе биде обезбедена за граѓаните кои останале без работа.

Се запира и Законот за извршување, а извршителите не ќе можат да преземат никави извршни дејствија. Предвидена е и финансиска помош за фирмите кои се погодени од кризата поради пандемијата на коронавирусот, па работодавачи од приватниот сектор ќе добиваат помош за исплата на работниците.

Задоцнети мерки?

Македонските власти каскаат со економските мерки зад другите балкански земји кои веќе ги претставија пакетите со кои треба да им се олесни на граѓаните и стопанството погодено од коронавирусот, сметаат некои економисти.

Пред десетина дена Хрватска донесе пакет мерки во вредност од 3,9 милијарди евра за да ѝ помогне на економијата погодена од епидемијата на коронавирус, словенечката Влада деновиве го донесе таканаречениот „Корона Закон”, со кој граѓаните и компаниите ќе добијат директна државна финансиска помош од три милијарди евра, Грција донесе мерки кои засегаат 81 отсто од вработените во приватниот сектор, а слично постапија и други земји од регионот.

Алаудин Зекири, професор на Тетовскиот универзитет вели дека се доцни со мерките, а една од причините смета дека е и тоа што владата е техничка.

„Треба да се најдат имплицитни, внатрешни, ресорни политики кои ќе бидат во полза на стопанството. Дали поради тоа што имаме техничка влада, или поради надворешни влијанија доцниме со конкретен, усогласен став како да излеземе од оваа криза“, вели Зекири.

Мерките на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Пред владините мерки партиите се чини беа најгласни, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ излегоа со сет мерки предлози до владата. Претседателот на СДСМ предложи вработените во јавниот сектор, јавна администрација на државно и локално ниво да земат минимална нето плата од 14.500 денари за месеците април и мај. Според последната пресметка објавена од министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски бројот на вработени во јавниот сектор за 2019 година изнесувал 132.900, распределени во 1.324 институции.

Инаку, намалување на платите во јавниот сектор од 10 до 15 отсто веќе најавија хрватската влада и владата на БиХ. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак решението го гледа во тоа парите што беа уплаќани во вториот задолжителен приватен пензиски фонд со уредба на владата да бидат пренаменети и наместо во вториот задолжителен приватен пензиски фонд од први април да бидат уплаќани во државниот задолжителен пензиски фонд. Зекири кратко коментира дека „нема логика“ во таквите предлози на двете партии.

Видете и ова: Ангеловска: Задолжувања и кратења за да се преживее

Министерката за финансии Нина Ангеловска во неделното интервју на Радио Слободна Европа најави дека ќе има кратење на парите „буквално секаде каде што може да има кратења“. Владата најави и дека се планираат над 100 милиони евра за поддршка за исплата на минимална плата на фирмите погодени од економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирус. Проценките се дека со таамерка може да бидат опфатени и над 200 илјади работници.