Бесплатен мамографски преглед наместо осмомартовско оро

Новиот дигитален мамограф во Болницата во Битола.

Организацијата на жени од Битола ќе го одбележува празникот на жената, 8-ми Март поинаку, односно ќе обезбеди 60 бесплатни мамографски прегледи. Целта е да се подигне свеста кај жените за редовни прегледи на дојка. Заинтересираните жени се пријавиле преку социјалните мрежи, а за три часа целосно се пополнила бројката.

Март, годинава е месец на мамографијата зашто по иницијатива на Организација на жени, а во соработка со Клиничка болница од Битола, 60 жени добиваат можност да направат бесплатен мамографски преглед. Прегледот се извршува на новиот дигитален мамограф во Болницата, а се прегледуваат жени од регионот на Битола, Могила и Новаци.

Од Организација на жени велат дека наместо осмомартовското оро, предност се дава на здравјето на жената.

„И оваа година Организацијата на жени од Битола ќе го одбележува празникот на жената, 8-ми Март поинаку од други празнувања. Сакаме со оваа наша акција да ги анимираме жените кои можеби до сега воопшто не дошле на преглед на мамографија, оние жени кои се плашеле или можеби не знаеле воопшто дека има нов апарат во Болницата, да се прегледаат. Од групата од 60- тина жени секој ден по две до три жени во Болницатасе снимаат на современиот дигиталенмамограф“, рече Светлана Петковска, претседател на Организација на жени од Битола.

Видете и ова: Обезбедени услови за брза дијагностика за карцином на дојка во Битола

Директорката на Клиничката болница, Д-р Билјана Гагачовска, специјалист психијатар, вели дека како општествено одговорна установа која се грижи за здравјето на пациентите се вклучуваат во кампањата за бесплатни мамографски прегледи, со цел да се подигне свеста кај жените за редовни прегледи.

„Кога Организацијата на жени од Битола како медицински директор на Клиничката болница, ме исконтактира за нивната идеја за едно поинакво одбележување на месецот на жената, бев воодушевена и со радост одлучивме да ја прифатиме таа идеја, бидејќи согласно здравствените политики на нашата држава многу е важна превенцијата на одредени болести, посебно превенцијата на малигните болести кај жените во повозрасно доба. Иако прво ни беше понудено прегледот да се изврши врз триесет жени, ние понудивме во согласност со нашите можности, да биде врз 60 за овој период“, рече Гагачовска.

Организацијата на жени го подготви списокот, а заинтересираните жени се пријавија преку социјалните медиуми. За три часа се пополни целосно бројката. Со прегледите сеопфатени и жени од руралните општини Новаци и Могила. Превозот го организира Организација на жени, а од Клиничката болница овозможуваат жените да се прегледаат во најбрз можен рок без да бидат изложени на трошоци.

„Жените ретко доаѓаме на ваков преглед самоиницијативно, доаѓаме кога ќе дојде нож до коска, кога веќе имаме некаков проблем. Затоа тука е организација на жени да ги анимира жените „ајде да дојдеме и за половина час да го направиме она што не сме го направиле“. Еден куриозитет, сите жени кои се пријавија на нашиот повик, ни една до сега нема направено мамографија, а сите се од 50 до 80 години“, рече Петковска.

Пациентите доаѓаат на мамографија во ситуација кога постојат индиции за болест или пак, над 45 година како превентивна мерка за рано откривање на карциномот согласно со протоколите на Министерството за здравство и програмите на матичните лекари да се упатуваат жените на контролен превентивен преглед.