Синадиновска, деновиве кабелските оператори се заканија со исклучување на сите телевизии во знак на протест против новите измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Има ли опасност од информативен мрак во предизборниот период?
Таа опасност нам како здружение најмногу не плаши, не само од аспект на информативен мрак во предизборието, туку и воопшто, дали јавниот интерес ќе биде присутен на медиумите. Во суштина се работи за конфликт меѓу две приватни групации и ние не би навлегувале многу во деталите или во причините за тој конфликт. Но она на кое што сакаме да апелираме е дека јавниот интерес и правото на граѓаните да бидат информирани мора да биде испочитувано и за тоа да се најде соодветен начин. Очигледно дека уште еднаш се покажа дека кога се носат закони избрано, преку ноќ, во една недоволно транспарентна постапка, на крај имаме проблем, затоа што не сите страни се слушнати, не сите аргументи се на маса ставени, така што тука би се движела мојата порака дека јавниот интерес, правото на граѓаните да бидат информирани, да добијат информација, мора да биде испочитувано, како и што, ред е на оние што се директно инволвирани во приказната да најдат компромис.
Советите на Македонската радио-телевизија и на Агенцијата за медиумски услуги останаа непроменети и по доаѓањето на новата власт. Какви се последиците од недостигот на политичка волја за примени во јавниот сервис и во Агенцијата?
Мислам дека ова е клучно прашање кога зборуваме за медиумскиот простор и воопшто за реформите на медиумската сцена кај нас. Неодамна во Скопје имаше конференција за реформа, за транспарентноста и зајакнувањето на јавните радио-дифузни сервиси во регионот на Западен Балкан и беа искажани некои многу суштински ставови во однос на тоа каде е проблемот кај нас. Меѓудругото, еве и јас не знаев, дека Македонската телевизија во моментов се соочува со недоволно средства, затоа што владата не и одобрува пари што и следуваат законски. Ние како здружение инсистиравме законот да биде променет и секоја година одреден процент од буџетот да се префрла на Македонската радио-телевизија и секоја година таа стапка да се зголемува во насока на подобрување на програмата, поквалитетна програма и слично. Е сега владата фатена во таа некоја фрустрација од неможност да се спроведат реформите или недоволно капацитет да се спроведат реформите ги казнува луѓето во Македонската радио телевизија на тој начин, што не им дава доволно пари. Е сега како ќе прават реформи кога немаат пари и како ќе дадете пари кога гледате дека нема реформи, тоа е еден маѓепсан круг од кој мора да се излезе. Нашиот став е дека владата мора да стои на дадениот збор, да си го почитува законот, таа финансиска рамка да биде испочитувана и да биде префрлена на јавниот радио-дифузен сервис. Од друга страна јавниот сервис самиот да си ја реформира програмата и да обезбеди квалитетен производ за граѓаните. Има одредено подобрување, тоа е забелешка на сите релевантни стручњаци и на граѓаните, особено во делот на едукативната програма и во програмата за деца, што реално е една и од задачите на јавниот сервис, но се уште требаат подобрувања во информативниот сектор и во останатите сектори од радио-телевизијата, особено во радиото кое се соочува со сериозни проблеми – застарена опрема, недоволно кадар. Кога го поставуваме прашањето за поставеноста на Македонската радио-телевизија не можеме да го поставиме во еден меур издвоено од целата медиумска сцена, затоа што, јас секогаш велам дека кога споредувате Македонската телевизија со Би-Би-Си, веројатно имате една катастрофа на маса, меѓутоа ако го споредите квалитетот на програмата на Македонската телевизија со приватните телевизии, тука има веќе дилеми и прашања за тоа колку приватните телевизии го почитуваат јавниот интерес, имаат сопствена продукција, продукција од јавен интерес, едукативен, затоа што не е работа на телевизиите само политички дебати да презентираат, тука работа е да го култивизираат јавниот наратив, да подигнат ниво на комуникација, едукативната компонента да биде застапена итн. Покомплексно е прашањето, меѓутоа се согласувам дека реформите во јавниот сервис се клучната алка од кадешто треба да тргне синџирот на промени во медиумите.
Според статистиката на Советот за етика во медиумите, 80 проценти од жалбите за неетичко известување се однесувале на портали, а 15 проценти на телевизии. На што се должи тоа?
Зошто интернет сферата е најспорна, тоа не е само кај нас. Значи професионалноста и почитувањето на етичките стандарди во интернет просторот е тема насекаде во светот и токму затоа ние се трудиме да најдеме механизам како од една страна ем да ја заштитиме слободата на говор и да не навлеземе со контрола на интернет просторот, затоа што тоа е препорака и на ЕУ и тоа е карактеристика за секое демократско општество, а од друга страна да успееме да воведеме механизам како да го контролираме почитувањето на стандардите и тоа целиот регистар што го правиме на професионални интернет портали ни е како едно вин-вин решение со кое што ќе бидат и двата аспекти испочитувани.
Тоа оди во насока дека ограничувањата во онлајн сферата може да ја загрози слободата на изразување.
Апсолутно. Голема лага е кога луѓето мислат дека интернет просторот е оставен без контрола, затоа што сега ние мислиме дека немаме закони коишто го регулираат информирањето на интернет, тоа не е точно. Имаме закон за клевета и навреда, граѓанска постапка е тоа, но сепак постои. Говорот на омраза е кривично дело, тоа не мала работа. Друго прашање е колку се почитува тој закон и колку навистина имаме процесуирани случаи за говор на омраза. Потоа законот за почитување на авторски права, значи има мал милион закони што го регулираат информирањето и не мислам дека во држава во која постоечките законски регулативни не се почитуваат докрај, нов закон ќе биде решение. Токму затоа ние мислиме дека сферата на саморегулација на интернет просторот е она на што треба да се насочиме. Клучните проблеми со воспоставувањето на саморегулацијата, за жал, порано беа политички. Јас сум втор мандат претседател на Советот, ова ми е шеста година во СЕММ, на почетокот кога се формираше телото проблемите беа политички и притисоците беа такви, меѓутоа сега не се политички, туку се внатре во фелата, помеѓу самите новинари. Ние имаме сериозен проблем со тоа што капацитетот и свеста на нашите колеги, па ако сакате и суетата до некаде, дека таму некоја група на новинари седнале и одлучуваат што е етички, а што не е етички текст, не баре тоа по своја волја го прават, си има кодекс на новинари кој ние го применуваме. Тоа исто така е проблем. Ние мора да бидеме одговорни, не е крај на светот, доколку се извините ако сте направиле грешка, ако не сте испочитувале некој член од кодексот и дека треба да поработиме малку на сопственото растење како новинари и на тоа која е нашата улога.
Дали има зголемување на претставките во предизборниот период?
Можам да кажам дека има зголемување од страна на институциите и политичарите. Иако граѓаните, што нас многу не радува, се сè уште први во бројот на оние кои поднесуваат претставки до нас, има драстично зголемување на бројот на политичари и институции, министерства, општини, кои се обраќаат до нас. Со ова за нас е завршена една од клучните мисии на СЕММ, а тоа е институциите и политичарите да се обраќаат во Советот на етика, наместо во Суд. Ние сакаме да ги заштитиме новинарите, да нема толку многу судски случаи против нив, туку да се обратат кај нас и тоа претпоставувам и очекувам сега како што ќе се засили изборната кампања, којашто ако судиме по најавите ќе биде навистина валкана, очекувам да има зголемен број на претставки и очекувам тензична атмосфера која ќе го следи овој тренд.