Достапни линкови

Националните ТВ ги обвинуваат операторите за нелојална конкуренција


Македонија не е територија со племе, туку држава со свои закони им порачаа националните телевизии на кабелските оператори, кои се заканија со исклучување на сите телевизии како протест против Законот, кој предвидува тие да гарантираат за авторските права на програмите кои ги реемитуваат.

Престанете Македонија да ја третирате како територија на којашто живее племе. Ако имате авторски права за некоја телевизиска програма за Хрватска или за Србија, не значи дека по автоматизам ги имате и за Македонија, порачаа претставници на националните телевизии. Тие се жалат дека ги купуваат авторските права за сè што емитуваат, а некој им прави нелојална конкуренција со пиратска програма.

Ова нивна реакција следи по вчерашната закана од кабелските оператори дека ќе прекинат со реемитувањето на сите домашни и странски канали. Причината е стапувањето во сила на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги, кој предвидува тие да гарантираат за авторските права на програми кои ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност. Тие пак, се бранат дека не произведуваат телевизиска програма, туку само ја реемитуваат.

Домашните телевизии, пак, велат дека исклучувањето на нивните програми е апсурдно зашто тие гарантираат дека сè што емитуваат е со регулирани авторски и сродни права. Ова е хир на операторите, вели претседателот на Македонската медиумска асоцијација, Атанас Кировски.

„Последниот пример што ќе ви го дадам е за телевизија Телма, која ги имаше купено ексклузивните права за ракометното првенство и нас ни се случи еден од најинтересните натпревари, полуфиналето меѓу Хрватска и Норвешка, РТЛ да го емитува на Телеком, Дојче Телеком. Значи, германска телевизија преку германски оператор да емитува тотално бесправно и пиратски. Дали тоа им се случува во Германија? Дали ние го испративме нашиот сигнал во Германија да им влеземе во бизнисот на РТЛ? Значи Македонија мора да престанат да ја третираат како територија со племе. Ние сме држава“, вели Кировски, кој е и директор на Телма.

Членки на асоцијацијата се Сител, Канал 5, Телма, Алсат и Алфа.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, пак вели дека Законот е донесен уште во 2018 година и оти сите засегнати страни тогаш дале поддршка, а законот бил донесен со политички консензус. Неговото стапување во сила беше одложувано додека да се избере нов состав на Агенцијата за медиуми, која потоа треба да ги изработи подзаконските акти. Поради блокадата од ВМРО-ДПМНЕ, не беше избран нов состав на Агенција, и пред распуштањето на Собранието решивме Законот да стапи на сила, вели Манчевски.

„Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги едноставно одби да разговара и да ги донесе правилниците, односно подзаконските акти во коишто попрецизно ќе се дефинираше како ќе се имплементира овој закон. Доколку тоа се случеше постојниот, но можеби непотребен страв којшто се јавува кај операторите ќе беше намален затоа што ќе беше точно регулиран начинот на кој би се спроведувал законот“, вели Манчевски.

Тој повикува на смиреност и разговор за да се дојде до решение, но оти проблемот со авторските права конечно мора да се реши, вели тој.

Од друга страна, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелно медиумски услуги, Зоран Трајчевски, вели дека тие не доцнат со ништо, зашто законот стапил на сила пред неполни две недели. В петок има седница на Советот на агенцијата и ќе бидат донесени три подзаконски акти кои произлегуваат од законот и ќе биде отворена јавна расправа и до крајот на април или почетокот на мај, тие би требало да се донесат.

„Пократки рокови од ова се невозможни, бидејќи според законот мора да има јавна расправа. Не може да се донесе подзаконски акт без јавна расправа и таа треба да трае најмалку 35 дена“, вели тој.

Националните телевизии, пак, сметаат дека Трајчевски е дел од проблемот и го повикаа да си поднесе оставка.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG