И власта и опозицијата ветуваат големо намалување на невработеноста, зголемување на платите и пензиите и инвестиции во инфраструктурата. ВМРО-ДПМНЕ дополнително најавува и намалување на даноците. Од бизнис секторот велат дека дел од ветувањата се остварливи, но дел служат само за предизборна кампања. Анкетите на јавно мислење покажуваа дека над половина од граѓаните сметаат дека ниту една од партиите не ја заслужува нивната доверба.
Ветувањата на партиите, не се совпаѓаат со барањата на стопанствениците, а нашите се полесно спроведливи и побргу ќе ја извадат државата од ќор-сокак, вели стопанственикот Мендерес Кучи, кој е дел и од Стопанската комора на северно-западна Македонија. Тој вели дека во Комората на гости им биле претставници на речиси сите партии, на кои им предочиле дека бараат рамномерен развој на регионите, бараат владеење на правото, односно функционирање на државата, изедначување на условите за домашните и за странските инвеститори, вели Кучи.
„Има ред работи кои се реални, кои може да се остварат, а тие ветуваат работи кои тешко може да ги остварат. За човек кој е во овие води лесно е да знае дека овие ветувања се предизборни и тешко изводливи. Ние како стопанственици знаме дека без даноци ништо од ова не може да се оствари. Нас ни е познато дека со ниски плати ни овие рабоници што ги имаме не можеме да ги задржиме, затоа што луѓето бегаат, пазарот е слободен, ние ги плаќаме според важечките цени на пазарот на труд, но не можеме како Германија да нудиме плата од 1000 евра, што тие лесно го нудат“, вели Кучи.
Тој смета дека кога партиите зборуваат за зголемување на плати, зборуваат за администрацијата, не за бизнисот.
Што се однесува на ветувањето на СДСМ, дека до 2024 минималната плата ќе биде 18 илјади денари, Кучи вели дека таа плата одамна е ветена и остварена, но дека стопанствениците само барале „легализација“ на истата.
„И на некој начин се излезе во пресрет со тоа што владата субвенционира за зголемување на платата, со тоа што дава пари за придонеси“, вели тој.
Што се однесува пак до ветувањата за капитални инвестиции, Кучи вели дека со години наназад тие се извор на мито, корупција и големи афери, а никако како нешто што треба да се започне и да се заврши.
„одредени проекти треба да започнат и да завршат со планираниот износ за тоа и со планираната динамика. Досега такви проекти во нашата земја не видовме, а сомнително е и дали ќе видиме“, вели Кучи.
Видете и ова: Платите растат, ама далеку се ветуваните 500 евра
Мицковски ветува автопат до Битола, авион до Америка и повисоки плати и пензии
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференција рече дека по изборите ќе бидат инвестирани 2 милијарди евра во инфраструктура. Тој вели дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ планира изградба на нов автопат од Скопје до Битола, целосна обнова на регионалните патишта, 150 километри експресни патишта и изведба на нови пруги.
ВМРО-ДПМНЕ ветува отворање на нови летови од скопскиот аеродром, како директни линии до европските престолнини и прекуокенски летови до Америка.
Опозициската партија ветува 300 милиони евра за нови водоводни и канализациони мрежи.
Во изминатите години се реализираат по 200-300 милиони евра капитални инвестиции годишно, што значи дека, за да се остварат ветувањата на Мицкоски, би требало капиталните инвестиции да се зголемат за два пати. Со години наназад, пак, и тоа што се предвидува во годишните буџети за реализација на капитални инвестиции не се искористува.
Изградбата на автопатишта во земјата оди тешко, се прават со странски пари, а тешко оди и стопанисувањето со нив, па затоа никој не се пријавува за изградба.
Автопатот Скопје-Битола не е ново ветување. Истиот автопат го ветуваше и СДСМ во 2014, кога беа во опозиција. Тогаш, носителот на пратеничката листа на Изборна единица 5, Васко Ковачевски рече дека ако освојат власт, граѓаните од Битола до Скопје ќе врват по нов автопат.
И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ветуваат дека ако го добијат наредниот четиригодишен мандат невработеноста ќе ја намалат на под 10 отсто. Што се однесува пак до летовите, и владата на Зоран Заев го продолжи она што го почна владата на неговиот претходник Никола Груевски, да се субвенционираат евтини летови за граѓаните. Но, тие ретко се до некоја европска метропола. Прекуокеански летови пак од скопскиот аеродром нема.
Претходно Мицкоски вети и повисоки просечни плати за минимум 25 отсто во еден мандат, потоа зголемување на просечната пензија за најмалку 20 отсто и пониски даноци. Тој најави и намалување на невработеноста под 10 отсто. Мицкоски најави дека персоналниот данок за млади до 29 години ќе биде 0 проценти, доколку тие имаат годишен нето приход до 6,5 илјади евра. Мицкоски најави дека целосно ќе се напушти концептот на прогресивен данок и ќе се воведе рамен данок од 8 проценти. Сега данокот на доход изнесува 10 отсто.
Мицкоски истакна дека се обврзува на обнова која ќе донесе 4 милијарди евра домашни и странски инвестиции за еден мандат.
„Се обврзуваме на реални работи без да ветуваме чуда, бидејќи тие во светот на политиката не постојат, за жал не постојат. Многу внимателно гледам што ветувам, затоа што граѓаните не смеат да доживеат ново разочарување, а зад секое едно ветување освен прецизна анализа која е направена, секој денар е пребројан и тоа е пребројан во насока како и зошто ќе се троши, а затоа го имате мојот збор со кој се обврзуваме, мојата чест и углед“, вели Мицкоски.
Видете и ова: Ниските капитални инвестиции му ги „врзуваат рацете“ на бизнисот
СДСМ се фали со постигнатото и ветува уште повеќе
Последните податоци за бројот на невработени, според Заводот за статистика, се за третиот квартал од 2019. Според тие податоци невработеноста изнесува 17,1 отсто. Во вториот квартал од 2017, кога СДСМ ја презеде власта, невработеноста била 22,6 отсто. Според податоците на Заводот за статистика, во периодот додека се СДСМ на власт бројот на вработени се зголемил за 60 илјади луѓе, а бројот на невработени се намалил за 50 илјади луѓе.
Стапката на вработеност од 44,1 се зголемила на 47,4 проценти. Просечната плата во јуни 2017, кога СДСМ дошле на власт изнесувала 22.808, а во ноември 2019 изнесувала 25.787 денари.
Владејачката партија вели дека со зголемувањето на платите, бројот на вработените, младинските политики го подобриле животниот стандард, а ветуваат дека со развојната економија ќе продолжат и понатаму.
На прес-конференција, Кирил Колемишевски, претседател на комисија за економија на СДСМ, рече дека нивната цел е минималната плата до крајот на новиот мандат да изнесува 18 илјади денари.
Тој вели дека во скратениот мандат од две и пол години, ја зголемиле минималната плата од 9.000 на 14.500, а ветените 16.000 денари ќе ги оствариле доколку имале цел мандат.
„Но затоа, по изборите на 12 април продолжуваме со истиот тренд и во новиот мандат ќе ги надминеме и тие 16.000 денари. Нашата цел е минималната плата до крајот на 2024 година да изнесува минимум 18.000 денари. Со разумно и одговорно работење, оваа цел е реална и остварлива“, вели тој.
Колемишевски рече дека наскоро ќе го реализираат и ветеното просечната плата да изнесува 30 илјади денари.
И од СДСМ велат дека до 2024 стапката на невработеност ќе ја намалат под 10 отсто.
Членот на ЦО на СДСМ и министер за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска од програмската трибина Агенда 20-24 посветена на темата инфраструктура, во следните четири години најави градба на нови патишта и подобрување на состојбата со изградбата на водовод и канализиција. Тој рече дека на терен се уверил дека процентот на изградба на водовод и канализација во руралните средини е катастрофален.
Потреба е нова опција, на „старите“ не им се верува
Истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка(МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас цивилис“-Скопје, во пресрет на вонредните парламентарни избори што треба да се одржат на 12 април, меѓудругото покажува дека над половина од граѓаните не се подготвени да гласаат ниту за СДСМ, ниту за ВМРО-ДПМНЕ. Од испитаниците 53,9 проценти сметаат дека СДСМ не заслужува да биде реизбрана во април, но од друга страна 58, 7 отсто сметаат дека ни опозициската ВМРО-ДПМНЕ не заслужува да ја води следната Влада. Мнозинството граѓани сметаат декатреба да се појави нова политичка партија, кај која ќе ги ценат понудената програма и членовите на партијата.
„Мислам дека не е доволно времето за сериозна нова опција, но расположението очигледо кажува дека е длабока разочараноста и од едната и од другата партија,Александар Кржаловски од МЦМС.