ВМРО-ДПМНЕ бара Собранието да се распушти денеска, како што беше претходно најавено, за да се одржат предвремените парламентарни избори на 12 април. Владејачкото мнозинство до распуштање на Парламентот го турка донесувањето на Законот за јавно обвинителство, на кој ВМРО-ДПМНЕ се противи.
Во меѓувреме, пратеникот Антонијо Милошоски денеска во парламентот, на седницата на Комисијата за европски прашања на која се разгледуваше законот за јавно обвинителство аудио материјал, на кој, како што соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, „по сè изгледа може да се препознае гласот на екс премиерот Зоран Заев“. Милошоски го прочита транскриптот на снимката во кој вели дека лице со иницијали З.З. зборува за финансирањето на телевизијата 1ТВ на Бојан Јовановски-Боки 13.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Сметам дека транскриптот и аудио материјалот фрлаат една мала светлина на тоа кој навистина сака скриена амнестија и зошто некој предлага какви било криминали во кои има индиции за висока корупција и организиран криминал, да може да важат до вчера, а не денес или утре“, рече Милошоски.
Во предлог законот се предвидува незаконски прислушуваните разговори да не да бидат основа за обвинение, освен во предметите поднесени до надлежен суд до 30 јуни 2017 година, како што предвидуваше законот за СЈО. За предметите потоа тие може да бидат само индиции.
Собранието требаше да се распушти денеска, на 60 дена пред одржување на изборите. Партиите на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски во октомври, откако земјата не доби датум за почеток на преговори, се договорија на 12 април да се одржат предвремени парламентарни избори. За таа цел беше избрана и техничка влада на 100 дена пред изборите, која треба да организира и спроведе изборен процес.
Законите за обвинителство и за Совет на јавни обвинители помина во Комисијата за европски прашања, по што одат на пленарна седница, за што е потребно двотретинско мнозинство. На Комисијата не е прифатен ниту еден амандман.
„Сега двата закони се во рацете на претседателот на Собранието, кој откако ќе потврди дека имаме двотретинско мнзоинство, кое верувам дека го имаме, ќе се стави на гласање. Имаме и други Закони кои се надевам дека ќе бидат изгласани“, рече претседателот на Комисијата, пратеникот Артан Груби по завршување на седницата.
Пратеникот смета дека веќе имаат двотретинско мнозинство, ако се земе предвид како се одвивала дебатата.
За предлог-законот се изјаснува и Законодавно-правната комисија, а по . комисиската расправа, за предлог-законите треба да се расправа и на пленарна седница на Собранието, која што уште не е закажана.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, бара да се прифати нивниот предлог за распуштање на собранието и да се распишат избори.
„Очигледно сакајќи да избегаат од избори го пролонгираат рокот, иако условите кои беа потребни за распуштање на Собранието, со предвремената ратификација на протоколот за НАТО, се исполнети“, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Тој вели дека на јавноста ќе ѝ стане јасно дека СДСМ и владејачкото мнозинство не си стојат на зборот. И, како што вели, не би го изненадило ако власта стави уште 200 нови закони на седница да се донесат по скратена постапка.
Деновиве претседателот на парламентот Талат Џафери рече дека се обратил до Државната изборна комисија (ДИК) да се изјаснат кој е оптималниот рок за распуштање на парламентот за да се испочитуваат сите постапки и рокови за одржување на предвремените парламентарни избори на 12 април. Џафери рече дека од ДИК му одговориле дека тоа треба да биде најдоцна на 55 дена пред изборите, што значи дека парламентот би можел да се распушти најдоцна до 16 февруари. Тој рече и дека до Собранието доставил нова предлог-одлука за распуштање на собранието.
Пратеничката од владејачката СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева на прес-конференција во Собранието побара сите пратеници да го поддржат законот за Јавно обвинителство кој е важен за европската интеграција на земјата.
„Законот за Јавно обвинителство гарантира дека нема скриена амнестија за никого и дека секој, за кого постои обвинение, ќе одговара пред судот согласно законите. Очигледно тоа им пречи на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, па затоа цела година прават сè ова законско решение да не се донесе и да не завладее правната држава, па затоа и брзаат со распуштање на Собранието. Се надеваат дека на тој начин Законот за Јавно обвинителство нема да дојде на Пленарна седница, и дека со тоа нема воопшто ниту да се изгласа“, рече Калеска-Ванчева.
Таа ги повика сите пратеници да го поддржат законот.
Претходно поранешниот премиер, претседателот на СДСМ Зоран Заев, изјави дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ и пратеници од оваа партија вршат притисок врз други пратеници да не се гласа за законот за јавно обвинителство. Тој вели дека кога Владата го пратила во собраниска процедура тој имал збор од 80 пратеници дека ќе дадат поддршка, но оти оттогаш се случуваат притисоци и закани кон пратениците. Тој додаде дека притисокот што се врши врз пратениците е десетпати поголем од оној што се вршел за време на уставните измени.
Видете и ова: Новите „нијанси“ на законот за јавно обвинителствоНа собраниската веб-страница за неделава се закажани комисиски расправи и за законот за игри на среќа, за измени на законот за финансиска полиција, а в петок свои платформи ќе претставуваа амбасадори.
ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со решенија од предлог-текстот за законот за јавно обвинителсто. За нив особено е спорен членот 110 од законот. Со членот се предвидува сите незаконски снимени материјали да не може да служат за индиција врз која Обвинителството ќе може да отвори истрага. Од партијата сметаат дека на тој начин Заев се осигурува дека делата против него никогаш нема да бидат преточени во обвиненија.
Преговорите за Законот за јавно обвинителство, со кој првично требаше да се реши статусот на Специјалното јавно обвинителство траат речиси една година, а предлог – текстот претрпе многу измени. Претставниците на Меѓународната заедница пак, велат дека законот не е нов услов за отворање преговори со Унијата, но сепак истакнуваат дека неговото донесување ќе биде добра порака и сигнал за земјите членки да се согласат преговорите да започнат.