Нови паркинзи во Куманово за ублажување на хаосот со паркирањето

Куманово.

Куманово годинава треба да добие нови 600 паркинг места, со што ќе се ублажи проблемот со паркирање и сообраќајниот хаос. Запрашаните кумановци велат дека со оглед на бројот на возилата во сообраќајот, паркингот секогаш ќе биде проблем, но сепак очекуваат промена.

Обележаниот паркинг простор по улиците, монтажната катна гаража во центарот на Куманово и уште 600 нови планирани паркинг места за годинава, би ја ублажиле хаотичната состојба со паркирањето. ЈП „Куманово Паркинг“ засега ќе стопанисува со вкупно илјада и сто паркинг места.

Според директорот Фадиљ Шабани новите паркинзи ќе бидат кај Спортската сала, во близина на кружниот тек, како и во близина на Градскиот стадион. Изградба на паркинг кај новоизградениот кружен тек локалната самоуправа ја чини 19 милиони и 700 илјади денари. Со тоа проблемот за паркирање ќе се намали за граѓаните кои имаат потреба од услуги во неколку државни институции, како што се дел од МВР за издавање лични документи во поранешниот Дом на АРМ, Територијална противпожарна единица, подрачни единици на дел од други институции. Паркингот ќе зафаќа 650 метри квадратни.

Фадиљ Шабани, директор на ЈП „Куманово Паркинг“

Некои од запрашаните кумановци велат дека со оглед на бројот на возилата во сообраќајот, секогаш ќе биде проблем со паркингот, но самокритично додаваат и дека кога граѓаните би имале и малку повисоко ниво на култура не би бил таков хаос во градот.

„Можеби минимално ќе се подобри состојбата, но нашите кумановци се навикнати да се паркираат секаде освен на паркинг места, заради тие 30 денари за час. Ќе се промени нешто, сепак не сум оптимист за голема промена.“

„За првите 600 лица кои што први ќе го зафатат местото ќе биде добро ,а другите пак ќе се снаоѓаат.“

„Проблемот е што како граѓани имаме лоша култура за возење и за паркирање, инаку би требало да биде подобро“, велат дел од запрашаните кумановци.

Видете и ова: Ќе се реши ли сообраќајниот хаос во Куманово?

Директорот Шабани вели дека и покрај се локалната самоуправа и претпријатието бараат начини за намалување на сообраќајниот хаос, вклучена е и пајак служба, а детектиран е и друг простор за паркинзи.

„Во преговори сме со Централна кооперативна банка за паркинг просторот кој се наоѓа кај поранешното претпријатие „Житомел“. Најверојатно по празниците и тука ќе биде паркинг простор за администрацијата на општината, полицијата и на вработените во Основниот суд. Наредниот период следи исто пуштање во употреба на паркинг просторот што се наоѓа пред Градскиот стадион. Ние продолжуваме со проширување на паркинг простори во Општина Куманово и најверојатно тоа ќе ја опфати зона Б со што мислам дека и цените за паркирање ќе бидат пониски. Се уште ги немаме формирано, меѓутоа според нашите анализи ќе биде донесен ценовник од Советот на Општината Куманово, за што граѓаните ќе ги информираме“, вели Шабани.

А сообраќајната култура на возачите и натаму останува на свеста и совеста на овие учесници во сообраќајот, велат кумановци, кои не ретко реагираат на појава големи автомобили да се паркираат на пешачките патеки, а не на обележаните паркинзи, или пак дека катната гаража им е само нужно зло.