Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска на прес конференција во Вашингтон рече дека Соединетите Американски Држави знаеле дека не е точно оти иранскиот генерал Касем Солејмани патувал во Ирак во дипломатска мисија.
„Секоја цел која беше разгледана од САД ќе биде во согласност со меѓународните закони за војување“ рече Помпео одговарајќи на новинарско прашање поврзано со изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД може да нападнат локации во Иран кои се и културно наследство.
Помпео додаде и дека Солејмани активно работел на поткопување на мировниот процес во Авганистан и соработувал со Талибанците.
Во Иран, пак, илјадници луѓе денеска излегоа на улиците во Керман, живеалиштето на убиениот иранскиот генерал Касем Солејмани за да присуствуваат на погребната церемонија. На церемонијата за погребот на Солејмани, кој беше убиен во американски воздушен напад минатата недела во близина на меѓународниот аеродром во Багдад, дојде и до стампедо во кое загинаа најмалку 50 луѓе, а околу 200 се повредени. Засега не се јасни причините за стампедото, а според она што се гледа на видеата луѓе лежат мртви на улицата, а други викаат и се обидуваат да им помогнат на повредените.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во почетокот на погребната церемонија во Керман високиот командант на иранската Револуционерна гарда генерал мајор Хосеин Салами пред насобраните се закани дека ќе уништи локации поддржани од САД без да прецизира точно кои.
Пред три дена, телото на Солејмани беше пренесено во Иран, а вчера во Техеран пред како што тврди иранската полиција милионите насобрани над неговиот ковчег, плачеше иранскиот врховен лидер Ајатолахот Али Хаменеи.
Видете и ова: Иранската револуционерна гарда се закани со одмазда кон САД
Вашингтон го обвинува Солејмани за убиства на американски војници во Ирак и како и за заговор за новите напади кои се случија непосредно пред неговото убиство. Солејмани исто така ги водеше силите во Сирија кои го поддржуваа сирискиот претседател Башар Асад во долгата војна а се смета и за клучен човек за силите поддржани од Иран во Ирак, Либија и Јемен.
Во меѓувреме иранскиот парламент помина легислатива со која, американската воена команда во Пентагон, ја окарактеризира како терористичка. Ова се смета за одговор на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп донесена во април со која ја квалификуваше иранската Револуционерна гарда како терористичка организација.
Истовремено не престануваат реакциите од светските лидери кои повикуваат на смирување на тензиите во регионот. Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш се придружи на политичките лидери ширум светот кои повикаа на намалување на брзо растечките тензии меѓу Вашингтон и Техеран. Новата година почна со метеж во нашиот свет рече Гутереш денеска во седиштето на ОН во Њујорк.
„Живееме во опасни времиња. Геополитичките тензии се на највисоко ниво во овој век. И овие турбуленции ескалираат“, додаде Гутереш барајќи од светските лидери да запрат ескалациите и да се возобноват дијалогот и меѓународната соработка.
Видете и ова: Гутереш ги повика лидерите да ги намалат тензиите
Други земји, пак, кои имаат своја војска во Ирак почнаа да ја премесуваат. Четиринаесет хрватски војници започнаа да се повлекуваат од Багдад, а Германија своите војници стационирани во таа земја најави дека ќе бидат делумно пренесени во Јордан и Кувајт. Како што јави германската агенција ДПА, во заедничкото писмо на министерката за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер и министерот за надворешни работи Хајко Мас испратено до парламентарците, се наведува дека во тек се разговорите со владата во Багдад за продолжување на германската мисија. Министрите пишуваат и дека во секој случај тие ќе ја почитуваат секоја суверена одлука на ирачката влада. Германија има свои војници во базите во Багдад и Таџи, вкупно 120.
По американскиот воздушен напад ирачкиот парламент донесе резолуција во која се повикуваат странските трупи да ја напуштат земјата. Министерот за одбрана на Соединетите држави Марк Еспер, пак, изјави дека Вашингтон нема донесено одлука за повлекување на војниците од Ирак, но прецизираше дека има извесно прегрупирање на американските сили.
Тензиите меѓу САД и Иран почнаа да се зголемуваат откако американскиот претседател Доналд Трамп го повлече Вашингтон од таканаречениот нуклеарен договор кој го постигна Техеран со светските сили во 2015 година.