„Користам платнени торби, со нив пазарам и не верувам дека ова ќе биде системско решение за минимизирање на пластиката за употреба, кога се ни е спакувано во пластика“, ни изјави граѓанка на Скопје.
До нејзиниот коментар доаѓа по најавите дека од 1 јануари 2021 година пластичните кеси во Македонија ќе чинат 10 денари доколку се усвојат измените на Законот за управување со отпад.
„Не е до ќесите. Многу држави одат радикално, да не може да се пакува храна во пластична амбалажа. Има други алтернативни форми на користење на тие помошни алатки кои не мора да бидат произведени од пластика“, вели таа.
Осврнувајќи се врз новиот Закон за управување со отпадот кој предвидува во иднина повеќе да нема бесплатни пластични ќеси по маркетите, дел од луѓето велат дека развивањето на свеста има голема улога во намалувањето на отпадот од пластика. Некои велат дека е добро да се исфрлат од употреба пластичните ќеси, но оти проблемот со отпадот нема да се реши само со зголемување на цената на ќесите.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Ќесите прават големо ѓубре низ Скопје и покрај Вардар кога пешачам гледам дека таму е полно со ќеси и мислам дека ќе се подобри состојбата со пластичниот отпад.“
„Добро е цената да се зголеми помалку да се употребуваат и да се направат хартиени ќеси, пластиката да се исфрли.“
„Тоа е добра мерка затоа што пластичните ќеси ја загадуваат околината.“
„Не очекувам многу, многу сме неодговорни прво сами за себе, а за околината и да не зборувам. Ќе има мало подобрување, но потребно е совеста и одговорноста да проработат“, коментираат дел од граѓаните.
Екологистите бараат исфрлање на пластиката и нејзина замена со хартија
Анализирајќи ги обврските на производителите, висината на глобите, целите за намалување употреба на пластични ќеси, 30-тина еколошки организации и активисти веќе доставија препораки до надлежното Министерство.
Главната препорака е СТОП за употреба на пластични ќеси, вели Билјана Матевска од еколошката организација „Флорозон“.
Во прво време со оглед дека треба да има транзициски период и не може да се укинат веднаш сите ќеси, тие бараат да биде дозволено да има употреба на т.н биоразградливи ќеси, но тие да се продаваат по цена од 15 денари. Екологистите се залагаат сите други ќеси кои немаат ознака за биоразградливост да бидат забранети. По една година од примената на законот екологистите настојуваат да има целосна забрана и на биоразградливите ќеси. Тоа се ќесите кои се користат во маркети и пазарите. Тие се даваат бесплатно или се продаваат по два денара. Митевска вели дека и тие ќеси ако се закопаат под земја по две години остануваат во иста форма
„Ние ќе се залагаме цената да биде 15 денари, а не 10, и да има целосна забрана за употреба на сите други пластични ќеси. Ќе се залагаме за употреба на биоразградливи ќеси во рок од една година кога законот ќе се донесе, а потоа и целосно укинување дури и на тие. Предлозите ни се однесуваат и на купување платнени торби за повеќекратна употреба“, вели Билјана Матевска од Флорозон.
Во препораките кои ги доставија до надлежното Министерство тие бараат да има можност да се продаваат хартиени ќеси од рециклирана хартија.
„На продажните места и зелените пазари на пример: да има можност по цена од 5 или 10 денари (во зависност од големината) по парче да се купи хартиена ќеса која е изработена од рециклирана хартија, или по цена од 70 денари по парче да се купи повеќекратна платнена торба, која ќе може бесплатно да се замени доколку истата се оштети“, се наведува во препораките што го доставија екологистите, во кои исто така се наведува дека:
„Трговецот е должен да води евиденција за бројот на продадени биоразградливи лесни кеси на продажното место и вкупната сума добиена од надоместокот од продадените биоразградливи лесни кеси на квартална основа ја пренесува на посебна сметка на органот за животна средина отворена за таа намена, на име еколошка такса (данок), заедно со таксата која трговецот ја плаќа за загадување со пластични кеси која ќе изнесува 20 проценти од цената на продадените ќеси.“
Матевска вели дека надлежните треба да изнајдат соодветни решенија кои ќе бидат во насока и на едукација на граѓаните за штетните влијанија на пластичните ќеси за еднократна употреба врз природата и да воспостават механизми со кои ќе ги мотивираат граѓаните да одбиваат употреба на пластика за еднократна употреба.
Според неа, со наведените препораки за дополнување на одредбите кои се однесуваат на пластичните ќеси, значително ќе се подобри законската рамка во смисла на намалување на загадувањето на животната средина од отпадот од пластичните ќеси, кој не се рециклира, туку најчесто завршува во природата и го загрозува целиот еко-систем.