Договорот за бесплатна хеликоптерска итна медицинска услуга со фирмата „САРХЕМС“ е потпишан под најавените услови, информираат од владината прес- служба. Кои се тие услови, засега е нејасно, бидејки потпишаниот договор засега е недостапен за јавноста.
Од опозицијата тврдат дека со договорот се прави штета на буџетот и го повикаа обвинителството да го истражи случајот. Се уште е нејасна економската логика на инвеститорот кој ќе треба да издвои 9 милиони евра, колку што е проценетата вредност во владиниот повик за јавно-приватно партнерство. Вложените пари инвеститорот ќе треба да си ги враќа преку наплата на услуги на странски државјани затоа што за македонските, „воздушната амбуланта“ ќе биде бесплатна.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев на Фејсбук пред некој ден напиша дека постојат сериозни сомнежи оти со договорот се прави огромна штета на буџетот од десетина милиони евра и затоа бараат обвинителството да го истражи случајот и да поднесе соодветни кривични пријави.
„Заев и Рашковски дадоа 72 милиони евра на фирма без никакво искуство во областа, фирма која е формирана само 24 дена пред да биде распишан огласот. Целокупната постапка ја водеа сомнително. Почнувајќи од тендерската документација, која беше пресликана од физибилити студијата, до процесот на избор и склучување на договор, кој помина крајно нетранспарентно, иако станува збор за договор тежок 72 милиони евра“, напиша Јанушев.
Видете и ова: Рашомонијада со медицинските хеликоптери
Според Владата, обвинувањата од опозицијата се неосновани, а тезата од 72 милиони евра е спин изведен од проценетата вредност на целокупниот договор во рок 8 години. Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски неодамна на брифинг со новинарите проектот го нарече ремек дело.
„Треба да бидеме горди што во земјава се воведува ваков систем, кој на граѓаните ќе им понуди, доколку им е потребна, бесплатна брза спасувачка услуга, а државата за тоа нема да потроши ниту еден денар“, рече тогаш Рашковски.
За Рашковски не е спорно што „САРХЕМС“ е формирана на 24 дена пред да го добие тендерот затоа што зад неа како поддршка стои шведскиот хеликоптерски конзорциум СХЦ. Економската логика, како што наведе, ќе биде од наплатата од осигурителните компании.
Од Центарот за управување со кризи велат дека од нивното досегашно искуство, во просек до 5 или 6 пати се јавува потреба од спасувачки мисии за странски државјани, пред се во зимскиот период, најчесто поради незгоди при планинарење.
Ако се земат предвид пресметките на самиот Рашковски дека државата досега такви случаи ја чинеле од 2 до 4 илјади евра, излегува оти инвеститорот би можел да наплати од 12 до 24 илјади евра. Затоа, прашање е како инвеститорот воопшто ќе заработува.
Физибилити студијата на Владата за проектот покажува дека во државата нема персонал и опрема за работа за спроведување на медицински хеликоптерски услуги.
Според студијата, ќе бидат потребни 13 лекари, 13 лица медицински персонал, 5 клинички координатори( кои ќе работат со скратено време) и 3 административни службеници. Се предвидува после неколку години персоналот да е целосно од земјава, но во студијата на Владата се наведува дека за такво нешто ќе бидат потребни 3 или 7 години. За набавка на еден медицински хеликоптер со опрема за одржување и радио станици потребни се од 10 до 15 милиони евра.