Достапни линкови

Лекови со лична карта, поголем ред или поголем хаос?


Аптека, илустрација
Аптека, илустрација

Од први октомври лековите на товар на фондот во аптека ќе може да се подигнуваат само со рецепт и со документ за лична идентификација. Од аптеките се уште чекаат дополнителни инструкции за работа, а граѓаните се поделени околу оправданоста на оваа мерка.

Веста дека од први октомври лековите во аптека ќе може да се подигнуваат само врз основа на рецепт и документ за лична идентификација (лична карта или пасош) ги изненади повеќето граѓани.

За некои од нив новите правила ќе направат дополнителен хаос низ аптеките, но за други пак тоа не би требало да биде проблем со оглед на тоа што повеќето носат со себе лична карта.

„Ќе се направи поголем хаос, јас така мислам. Кој има, кој нема со себе лична карта, мислам дека доволно е само здравствената книшка“.

„Мене не ми се допаѓа тоа. Се случувало да не можам да излезам јас, па ги праќам децата. А има многу стари луѓе што не можат да се шетаат по аптеките за лекови. Кој ќе ги зима нивните лекови и со чија лична карта?

„Не знам како да го искоментирам ова. Како и други мерки, времето треба да покаже. Мене не ми смета, си носам постојано со мене и книшка и лична карта, но да оставиме времето да покаже“.

„Мислам дека тоа не е некаков проблем, барем за возрасните, зошто ние си носиме и книшка и лична карта секогаш со нас. Но, јас лично не верувам дека некаков ред ќе се стави со лековите. Јас на пример имам специфични болести за кои ми се неопходни лекови и се мачам од Лисиче до Карпош за да си ги најдам во првите два дена од месецот, оти потоа ги нема“, велат дел од анкетираните граѓани.

Од Фармацевската Комора засега нема реакција за најновата одлука на Фондот. Оттаму за изјава не упатија само кај претседателката на комората Бистра Ангеловска, која пак во моментот е надвор од земјата.

Фармацевти од повеќе аптеки велат дека се уште немаат допис со инструкции како треба да постапуваат, но дека по веста во медиумите веќе почнале да ги информираат пациентите оти од следниот месец треба да си носат и документ за лична идентификација при подигнување на лекот. Дел од нив во оваа мерка препознаваат чекори за сузбивање на злоупотребите со лековите, особено за пациенти кои работат во странство, а подигнуваат лекови тука.

„Фондот тежнее тоа да го редуцира за да не се злоупотребуваат средства. Дали овој механизам е најдобриот, не знаеме, но мислам дека документот за лична идентификација кој ќе се бара е дел од таа намера. Исто така ќе имаме нов електронски систем од први јануари, а тој веројатно ќе има поголеми можности за контрола на пропишување. Ако контролата кај лекарот е таква тој да не може неограничено и на неприсутен да пишува, претпоставувам дека потрошувачката на лекови ќе се намали“, вели еден фармацевтски техничар кој сакаше да остане анонимен.

Во следниве денови треба да стане појасно како старите и болни лица ќе ги подигнуваат лековите, односно кој во нивно име и со чиј документ за лична идентификација ќе може тоа да го стори. Од аптеките истакнуваат дека ќе направат се што може за да ги заштитат правата на пациентите.

Од Фондот за здравствено осигурување вчера соопштија дека оваа одлука важи од први октомври, а дотогаш на сила се постоечките позитивни прописи. Како што пишува во соопштението од Фондот, одлуката е во интерес на поефикасна и подостапна здравствена услуга на осигурените лица.

„Фондот како купувач на здравствени услуги е конструктивен и отворен за соработка со сите чинители во здравствениот систем и работи на имплементација на соодветно електронско решение со кое ќе се олесни администативното работење на здравствените установи при пропишување и издавање на лекови на рецепт, во интерес на поефикасна и подостапна здравствена услуга на осигурените лица“, се вели во соопштението од ФЗО.

Во меѓувреме, пак се уште се присутни старите проблеми во овој сектор. Граѓаните и натаму се соочени со недостиг на одредени лекови кои се на товар на Фондот за здравство меѓу кои антибиотици, лекови за зголемен крвен пристисок, срцеви заболувања, ревматизам, дијабетес, холестерол. Премиерот Зоран Заев пред повеќе од еден месец најави дека решението за лекови без квоти треба да стартува во периодот од 1-ви септември до 1-ви октомври, до кога како што рече, надлежните работат на изнаоѓање механизми на контрола за да нема злоупотреби.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG