Иселенички средби за зачувување на корените и традициите

Иселенички средби во градот Видор во Италија.

Иселеници од селото Скудриње во општина Маврово-Ростуше, кои емигрирале во Република Турција и во земјите на ЕУ, секоја година организираат иселенички средби. Оваа година средбата беше во градот Видор во Италија.

Во минатото, но и сега населението од регионот на Долна Река, општина Маврово –Ростуше емигрирало во Република Турција и земјите на ЕУ. Со цел да се задржат корените и традициите на оваа население има граѓански здруженија кои организираат средби. Таков е примерот со здружението „Макитурк“ кое ги организира средбите на сегашните и поранешните жители на Скудриње, инаку најголемо село во општината.

„Овие средби ги организираме со цел ние и нашите деца да ги зачуваме нашите корени и традициите. На овие средби учествуваа сега и наши иселеници од Турција. Токму овие средби ни овозможија за прв пат да се сретнеме со наши роднини со кои не сме се виделе. По 2000-та година, овде во Италија започнаа да пристигнуваат многу наши соселани зада работат. Во градот Видор има најмногу наши и токму тука ја организираме средбата. „Макитурк“, значи Македонија, Италија и Турција, бидејќи во трите држави живеат сегашни и поранешни жители на Скудриње“, ни изјави претседателот на здружението „Макитурк“, со седиште во Италија Елмин Ибраимовски, по средбата што се одржа во италијанскиот град Видор.

Претседателот на истото здружение одговорен за Скудриње Мирвет Мурати вели дека средбите на скудрињчани од година во година се сè помасовни.

„Средбите до сега се организирани во нашата држава, Турција и Италија. Ете оваа средба е многу масовна во Видор. Идната година ќе ја имаме во Скудриње. Расте и бројот на нашите браќа од Турција кои учествуваа на средбите“, вели Мурати.

Со оглед дека во 60 –тите години имало масовно иселување на жителите од оваа село, но и другите села на Долна река за Турција, на иселеничките средби учествуваа и голем број на иселеници од турскиот град Измир, каде има многу поранешните жители на Скудриње.

„Ние сме од Измир – Борнова. Со еден автобус дојдовме прво во Скидриње во Македонија, а потоа заедно со нашите соселани дојдовме во Италија на оваа средба. Организацијата е мошне добра и сите наши иселеници сакаат да учествуваа на овие средби. Сакаме да ги знаеме нашите корени. Мојата оценка за оваа средба е десет и чувствувам големо задоволство. Кога стигнавме во Скудриње, селото на моите родители, бевме пречекани одлично“, вели претседателот на здружението на иселениците од Измир, Шефит Ѓунеш, кој е роден во Турција, но многу добро го говори мајчиниот македонски јазик. Тој нагласува дека многу сака да ги зачува корените на неговите родители.

Организаторите на овие иселенички средби оценуваат дека целта е постигната, бидејќи со средбите се зачувуваат корените и традициите на скудрињчани.