НАТО лидерите најединствени за приемот на С. Македонија

Лидерите на НАТО и Британската кралица Елизабета Втора, Лондон 03.12.2019.

Во фокусот на македонската политика треба да биде посветеноста на Алијансата на клаузулата дека нападот врз еден сојузник е напад врз сите, велат аналитичарите по самитот на НАТО во Лондон кој заврши со јасна порака за единство и покрај меѓусебните спорови.

Самитот на НАТО во Лондон на кој за првпат учествуваше македонска владина делегација заврши со јасна официјална порака за единство во делувањето и целите на Алијансата, вели аналитичарот Ризван Сулејмани.

Тоа е многу подобар исход од најавите за разлики меѓу клучните актери на земјите-членки на НАТО, нагласува Сулејмани и дополнува дека во фокусот на македонската политика треба да биде посветеноста на Алијансата врз клаузулата дека нападот врз еден сојузник е напад врз сите.

„Македонија доби позитивни сигнали и добро беше пречекана, сето тоа за јавноста кај нас многу значи затоа што подолго време се бавиме со оваа проблематика, дали државава дефинитивно ќе влезе во семејството на Алијансата каде се претпоставува дека стабилнсота барем надворешната опасност за земјава ќе биде минимизирана, уште повеќе зашто се стравуваше дали и понатаму членот 5 од Алијансата ќе опстои. Посебно по изјавата на Трамп дека тие нема да навлезат во војна со држави како Црна Гора и Албанија. На овој самит беше потврдено дека остануваат цврсто посветени на тој член 5“, вели Сулејмани.

Францускиот претседател Емануел Макрон изрази сомневање за членот 5 од НАТО повелбата во која се наведува дека нападот врз еден сојузник е напад врз сите, клаузула која е камен темел на трансатланскиот сојуз од неговото основање во 1949 година.

Ако се смени членот 5 од повелбата, тоа ќе значи дека во иднина интересите ќе пресудуваат дали НАТО ќе интервенира или не, вели Сулјмани кој дополнува:

„И токму ова треба да се експонира дека Алијансата останува на основните принципи. Се јавија дисонантни тонови меѓу Трамп и европските лидери па и меѓу Ердоган и Макрон. Македонија ќе биде формално полноправна членка за неколку месеци, а зачувувањето на членот 5 на Алијансата е многу побитен од овој самит“, вели Сулејмани.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг го поздрави учеството на македонската делегација и порача дека членството на земјата е позитивен чекор за целиот регион. Тој додаде дека членството на земјата е знак оти вратите на Алијансата остануваат отворени и за други земји во иднина.

Илија Џугуманов од Евро - атланскиот совет на Македонија вели дека глобалниот Собир на НАТО во Лондон кој помина во сенка на меѓусебни препирки на светските лидери заврши со пораки за поддршка и срдечно добредојде за земјава.

„Се остварува тоа што го работевме. Да се биде на зедничка маса со светските сили е огромен успех за нашата земја. И самите пораки од самитот се позитивни во однос на Шпанија дека за месец дена ќе се реши и тоа прашање. Сметам дека на некој начин го фативме последниот воз зашто гледаме дека можно е на одредено време да се стопора политиката на проширени врати на НАТО и буквално го фативме последниот воз во однос на приклучувањето во НАТО“, вели Џугуманов.

Формално останува пристапниот Протокол за НАТО да биде ратификуван од Шпанија и потоа и во Парламентот во Скопје за земјава и официјално да стане членка.

Премиерот Зоран Заев во изјава за медиуми по самитот на НАТО во Лондон рече дека добил лично уверување од шпанскиот премиер Педро Санчез дека Шпанија многу скоро ќе ја депонира ратификацијата на Протоколот за пристапување на земјава во НАТО.

„Иднината на Северна Македонија има адреса. На таа адреса е запишана трајната безбедност и сигурност за земјата и за граѓаните. Таа адреса е Главното Седиште на НАТО во Брисел“, рече Заев.

Можни ли се избори, без ратификуван прием во Алијанса?

Во фокусот на македонската домашна политичка сцена пак, деновиве е и поднесената иницијатива на ВМРО ДПМНЕ за предвремена ратификација на Протоколот за членство на земјата во НАТО во предизборниот период.

Доколку се случи Шпанија да формира влада и да го ратификува Протоколот за членство на земјава во НАТО во предизборниот период, со оглед на тоа што предвремените парламентарни избори се закажани за 12 април, за претседателот Стево Пендаровски не е спорно тој во Парламентот на Северна Македонија да биде потпишан по изборите и конституирање на новиот собраниски состав.

Но, и лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, бара конечниот протокол да се изгласа на 11 декември. Според него, ДУИ се обидува да ги одложи изборите за Албанците да не можат да гласаат.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, рече дека иницијативата е доставена на погрешна адреса, па ќе биде упатена до Владата.

Аналитичарот Сулјмани одби да коментира дали се можни избори, па и предвремени, без ратификуван прием во најмоќната светска воена Алијанса, велејќи дека последните барања на дел од партиите се политички игри за позиционирање пред најавените парламентарни избори.