Во кумановски Карпош немаат пат до дома, оти им го приватизирале

улица во кумановската населба „Карпош“

Во кумановската населба „Карпош“, педесетина семејства немаат пат до дома. Улицата која води до нивните куќи изградени пред повеќе од четири децении, сега е приватизирана. Општината пред секои избори ветува дека ќе добијат улица.

Повеќе од една деценија 50-ина семејства со станбени објекти изградени со уредни одобренија, на една од улиците во кумановската населба „Карпош“ немаат пат. Проблемот кулминирал откако била извршена денационализација, односно приватизација на имотот на сопственикот, кој започнал да поставува пречки. Жителите повеќе пати од локалната самоуправа барале надминување на нивниот проблем, кој и по последниот протест неизвесно е дали идната година ќе биде решен.

„Ние на Улицата број 174 живееме од 1978-та година, плановите за куќи ни се продадени од Општината, а во стариот план од таа година улица постои. Во 2008-та година кога првпат побаравме улицата да биде асфалтирана тие ја приватизираа, односно дел од улицата. Пред две ипол години е приватизиран и вториот дел од улицата во должина од 30 метри и ширина од седум метри. По должина на улицата има ставено труп од сопственикот во чија сопственост е земјиштето. Сега од Општината бараме таа да ни го реши проблемот, оти таа ни го продаде „патот“. Нека ни даде парцела на која ќе ни направат улица по која ќе поминуваме,“ вели Христина Колев која живее на спорната улица број 174, во Населбата „Карпош“.

Според неа на улицата живеат повеќе од 50 семејства, околу 40 основци и средношколци, стари и болни луѓе.

„Неодамна имавме случај со млада жена со тумор на мозокот и не можеше да влезе брзата помош. Се случува да се запалат оџаци, ниту брза помош, ниту противпожарна не може да влезат. Исто така и со одлагање на сметот. Едноставно ниту ние не можеме да влегуваме и излегуваме. Основното човеково право ни е прекршено. Немаме право на слободно движење, на медицинска нега, немаме никакво право.“

Колев појаснува дека првото барање за асфалтирање до надлежните во локалната самоуправа било поднесено пред 11 години, кога наместо асфалт бил приватизиран поголемиот дел од тогашната улица. Подоцна бил приватизиран и помалиот дел.

„Секоја година по еднаш, двапати поднесуваме барање до градоначалникот, до општинскиот Совет, до Секторот за урбанизам и секогаш внимаваме да го запазиме времето пред донесување општинскиот буџет, за да бидеме вклучени. Ќе добиеме ветување и ништо друго. За точно 11 години имаме само куп ветувања, а ништо остварено.“

Според Колев ветувањата се пред избори.

„Потоа велат по изборите, по влезот во ЕУ. Ние не можеме да чекаме Европска унија, нам патот ни треба веднаш. Веднаш.“

Видете и ова: Карпош - кумановско село или приградска населба?

На оваа улица пред една деценија куќи купиле и пет раселени семејства од Матејче. Горан Стојчевски вели дека кога купувале имот патот постоел.

„Плативме четири проценти данок, три илјади и 600 евра, а пат немаме. Во документите патот постоеше, по три-четири години патот не постои. Во документите сè е легализирано. Инаку, по кој основ Општината ми зеде три илјади и 600 евра“, прашува тој.

Претставниците од спорната улица се сретнале со надлежните од локалната самоуправа, општинскиот секретар, од Секторот за комунални работи, инфраструктура и заштита на животната средина и природата, од Секторот за урбанизам, за правни, имотно-правни и општи работи.

По средбата, од Општината Куманово соопштија дека жителите биле известени дека во Програмата за уредување на градежно земјиште за 2020-та година предвидена е изработка на инфраструктурен проект за споменатата улица.

„По добивање одобрение за инфраструктура ќе се пристапи кон експропријација, а по нејзино завршување следува конкретна реализација на улицата, доколку има обезбедени средства во Буџетот на Општината Куманово“, се вели во соопштението.

Жителите од спорната улица и овој одговор го сметаат за едно од ветувања и страхуваат дека нивниот проблем ќе биде надминат во претстојната година. Но, како што велат, доколку и натаму останат без пат, ќе бидат принудени да преземаат и други правни мерки.